Сиропусна недела

Изгонувањето на Адам од рајот

„Кога Адам го виде ангелот како го изгонува, и вратата на божествениот Рај ја затвара, силно воздивна и рече: Милостив, мене паднатиот помилувај ме“.

(Икос од канонот на Утрената)

Невоздржаноста и непослушноста на првосоздадените наши прародители кон Бога беа причината за падот и за правецот на историјата што до ден денес ја живееме. Сопствениот избор на оддалечување од Бога и самоидолизирање ни ја донесе распадливоста и смртта, бидејќи без Бога не постои живот, сила и нераспадливот, односно нема битисување. Но Адам ѝ поверува на лагата дошепната од лукавиот, влезе отровот на древната завист кон Бога во неговата душа, во неговото срце, во неговите коски и доброволно и самовласно отстапи од Бога и се придружи кон лукавиот. „Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог“ (од Синаксарот на денот). Бог ја испочитува неговата слободна волја и тој го доби посакуваното, а и сите последици со него.

„Тешко мене, страсна душо моја, како не ја препозна измамата? Како не ја насети лагата и зависта на непријателот? Но си се помрачила со умот и заповедта на твојот Создател си ја прекршила“.

(Тропар од третата песна од канонот на Утрената)

Таа последица ја живееме сите ние, но преку Христа Спасителот повторно се соеднуваме со Бога до мера на совршенство  и обожение. А патот на тоа враќање во Божјите прегратки и близина ни го покажа Самиот Спасител, откако постеше (без никаква потреба за Себеси бидејќи е безгрешен) четириесет дена и четириесет ноќи, искушуван од сатаната. Затоа сега и ние со пост и смирение го започнуваме од вечерва нашето посно патување на подвиг, самоиспитание, глад за Бога, каејќи се, чистејќи се од сите гревови што во текот на годината сме ги извршиле, враќајќи ги духовните долгови преку воздржание и прошка кон сите, за душата да ја припремиме за средба со Христа, нејзиниот Младоженец.

Во нашата Свештена Бигорска Обител на Чесниот Претеча, Свети Јован Крстител, учителот на покајанието, се изврши пропишаното богослужение на кое претстојуваше и со кое чиноначалствуваше нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој подготвувајќи и охрабрувајќи нѐ за пост, подвиг и воздржание, ни беседеше на Божествената Литургија, учејќи нѐ на љубов и проштавање, за да имаме богоугоден и свет пост.