Рајот и пеколот – (Параболата за сиромавиот Лазар)

19. Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.
20. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова;
21. и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.
23. И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово,
24. и, откако извика, рече: »Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!«
25. Но Авраам рече: »Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26. Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.«
27. А тој пак рече: »Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28. зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!«
29. Авраам му рече: »Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!«
30. А тој рече: »Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.«
31. Авраам му рече: »Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.«

— Лука, 16,29-31

Рајот и пеколот

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во неделата на параболата за сиромавиот Лазар, во манастирската трпезарија, 4 ноември 2018 лето Господово

Старец и Епископ г. Партениј Бигорски

Мили мои, денес на Светата Литургија имавме можност да слушнеме една од најпрекрасните параболи, којашто, во Својата премудрост, Господ Исус Христос ја искажал кон народот. Имено, во евангелската приказна, Божествениот Учител и Спасител ни претставува два лика: на некој исклучително богат човек и на еден сиромав бедник, именуван од Него како Лазар, што значи ‘Бог ми е помошник’. Овој Лазар живеел во непосредна близина, тукуречи пред прагот од куќата на богаташот и со трпение секојдневно чекал да паднат трошките од трпезата на богатиот за да се прехрани, но и за тоа, вели Евангелието, бил страден да го добие.

Минатиот викенд при мене дојдоа на разговор неколкумина млади луѓе, кои не знаеја многу за Христовото Евангелие и не беа којзнае колку упатени во верата наша. За време на разговорот едно од момчињата ме запраша: „Отче, каков ќе биде пеколот и кои се тие луѓе што ќе одат во него?“ Јас му одговорив: „Не би сакал да помислам дека во пеколот ќе има човечки души и затоа се молам и се надевам сите луѓе да се спасат“. Сепак, прашањето на ова момче ме поттикна цела седмица да размислувам за тоа, колку е убаво сите луѓе да се спасат, да го достигнат Царството Божјо… (Продолжи со читање)