О, човеку, зошто заклучи дека е невозможно (после падот) да достигнеш спасение? Зошто мислиш дека повеќе не треба да се бориш и подвизуваш и не сфаќаш дека, напротив, за да се спасиш, потребно е претходно да се бориш и подвизуваш;
Биди храбар, не плаши се, бидејќи Бог претрпе Крст заради твоето спасение!
И како после таа искупителна жртва, ти тврдиш дека за тебе нема спас?
Зошто се плашиш од немоќните? Зошто ги сметаш за силни? Крстот Господов ќе ја сруши сета сила на нивното лукавство, сета нивна фалба, со која немоќно се величеа за да бидат јаки!
Еднаш овие немоќните се обидоа на вешт начин, наведувајќи на роптање и хулење, да му се наругаат на еден преподобен отец (Антониј Велики). За да може да го наведе преподобниот на роптање и хулење, ѓаволот му го постави прашањето: „Како би можел да се спасам, оче?“
Во ова прашање на ѓаволот во врска со можноста за негово покајание, се криеше неговата подмолна намера преподобниот да го наведе на роптање и хула, бидејќи ако ја дозволел оваа подмолност и ако примел при срце нешто така невозможно, како што е спасението на ѓаволот, неизбежно би паднал во суета и роптање заради таа невозможност, а ако, од друга страна, пак, намерата ја отфрлел како невозможна, тој би похулил на Творецот, Кој во милосрдието би бил надминат од Неговото создание.
Преподобниот разбрал, преку благодатта на Светиот Дух, дека овој е еден од соблазнителите на лукавиот велзевул. Затоа преподобниот му одговорил: „Оди на висока гора, соголи се, застани сосема гол, и излевај молитви кон Бога, Царот Небесен, за Он да ти го прости твоето лукаво мудрување“ (псилафистичко лукавство).
На тоа лукавиот му возвратил: „ Каква молитва да читам на високата гора и како да се соголам? Јас и онака не носам облека? Како тоа велиш да се соголам? “
Светиот му одговорил: „ На високата гора направи се себеси гол, соголувајќи се себеси од сета своја итрина и лукавото мудрување, за повеќе да немаш никаква подмолност во срцето свое. Така, совршено гол, да стоиш на високата гора 40 дена и 40 ноќи (во житието се вели 3 години), немајќи никакво покривало на главата своја, т. е. никакво лукавство во мислите, подигнувај ги рацете свои и повторувајќи постојано во текот на тие 40 дена: „Помилуј ме Боже, помилуј ме, мене кој сум потполна погибел, во Царството Твое!…Кон Тебе Господи, Господи, се управени очите мои; Во Тебе се надевам, не отфрлај ја душата моја!…“
Преподобниот не ни успеал да го заврши својот говор, кога демонот, гневејќи се, извикал:
„Замолкни, ти трулежен старецу! Зар на бедниот Цар да Му се поклонам? Кој друг има такво царство, какво што имаме ние? Во нашите раце е третина од Неговото царство и што Му преостана Нему, за да Му се поклонуваме како на Цар?…“
Тогаш на преподобниот му станало јасно дека овој е духот на хулата; тој се сетил дека ѓаволот на ист таков начин се трудел да го соблазни Христа во пустината и да се фали пред Него со гревовите човечки…
Сеќавајќи се на тоа, преподобниот Му се помолил на Бога, го проколнал демонот и тој веднаш како дим исчезнал од него. Преподобниот Му оддал слава на Бога за своето избавување од духот на хулата, кој бил решен со своите лукавства да го наведе подвижникот на хула или гордост и со тоа да го фрли во адската бездна, како што низ историјата соборил многу монаси…
Значи, демоните се неповратно паднати во пропаст, не затоа што Бог не сака да им прости, туку затоа што, не само што не се покајуваат, туку уште и се гордеат со своите богопротивни дела…
Зашто Бог не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати и да остане жив. Бог се обидел на сите начини да подејствува за Јуда да не се обеси, бидејќи Јуда сепак бил човек и Бог го чекал Јудиното покајание, но Јуда не успеал да се ослободи од оковите на гревот, за да може да дојде под Крстот, да падне и да каже: „ Јас Те распнав, прости ми…мојата зла намера Те искачи на Крстот; биди милосрден спрема мене…“ Да ги изречел овие неколку зборови, исполнувајќи ги со делото на покајанието, Христос би му простил и би го примил. А со какви дела требало да ги исполни?
Делото е ова: Да плаче горко, да воздивнува ридајќи и жалосно плачејќи; Но, Јуда не постапил така, не паднал пред Христа, туку паднал кон земјата и се обесил, не обрнувајќи внимание дека гранката три пати се свиткала под него, а на Крстот го чекал Семилостивиот Христос!…
Колку што Св. Василиј бил благонаклонет кон Јосиф, толку благонаклонет бил и Христос кон Јуда, чекајќи покајнички збор од него, но, Јуда, наместо тоа, повеќе сакал да си го стави јажето на вратот – Искариот!
Христос гледал од Крстот кон далечината, очекувајќи Јуда да погледне кон Него …Он, кој непрестајно копнее за спасението на луѓето, копнеел, исто така, и за Јудиното покајание и го барал…