Почитувани наши читатели,
Со оглед на тоа што мислењето на нашето монашко братство околу Предлог-законот за употреба на јазиците се сообразува со мислењето на почитуваната професорка и академик Катица Ќулавкова, одлучивме да го објавиме и на нашата страница, како став што безрезервно го поддржуваме и зад кого целосно застануваме. Ценетата професорка мошне стручно и аргументирано го изложува проблемот со законот за јазиците, давајќи детален осврт кон историјата на неговата генеза, без притоа да имплицира нешто навредливо кон која-годе етничка заедница. Токму последново е особено значајно за нас, како монашка заедница што, во духот на евангелската љубов, непрестајно гради мостови на меѓусебно почитување и добри односи меѓу сите граѓани на Р. Македонија, без разлика на нивната национална, верска или политичка припадност. Впрочем, и самото наше братство не е етнички хомогено, туку содржи членови од повеќе националности.
Колумната на академик Катица Ќулавкова ја пренесуваме во целост, онака како што беше објавена на 11 август 2017 година, на фокус.мк:
Предлог законот за употреба на јазиците во РМ на Владата на РМ треба да се разгледува во поширок контекст за да се сфати неговото значење и влијанието, вклучително и последиците што тој ќе ги предизвика врз унитарноста на државата и општествениот интегритет на Р. Македонија.
Прво, веќе 16 години се зборува за примена на одредбите од Охридскиот рамковен договор а тие се имплементираа во Уставните амандмани од ноември 2001 година и со тоа референтна рамка повеќе не е Охридскиот рамковен договор кој беше партиски, туку Уставот на РМ донесен од Собранието на РМ по итна постапка и без референдум, што е голем пропуст за вакви радикални измени на државното уредување на РМ.
Второ, Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа е усвоен на 4 август 2008 година и со тоа албанскиот јазик е воведен како втор службен јазик во РМ, со што оваа тема требаше да се симне од дневен ред. Тој Закон е толку подробен и радикален и пресретлив по однос на барањата на македонските Албанци, што требаше да ја заврши приказната со јазичните права и да не дозволи таа да ескалира од проект на јазични права во некој друг стратешки индикативен политички проект.
Трето, ако и треба да се ревидира или дополнува Законот за јазиците, тогаш треба тоа да се однесува на примената на законските одредби за македонскиот јазик, а не да се врши политички постизборен притисок за проширување на правата на албанскиот јазик како јазик што го зборува малцинска популација од 20% (според Уставот). Имено, знаеме дека македонскиот јазик во практиката повеќе не го обединува општеството како целина, ни етничките заедници кои живеат во РМ, туку сè повеќе се маргинализира и се заменува со албанскиот. Тоа е очигледно во основното и високото образование, па и во високото, потем во медиумите и културата, во политиката и други области.
Овде треба да се има предвид и фактот дека за опстанокот и развојот на еден јазик се грижат државни институции, во спротивно тој ќе биде препуштен на стихија и заборав. Но, познато е дека за албанскиот јазик се грижат и државните институции во Албанија и Косово, така што тој не е загрозен, напротив. Од друга страна, македонскиот јазик е домицилен само во РМ, во соседните држави е или негиран или маргинализиран тотално, па ако се маргинализира и во самата РМ, тогаш тој ќе се соочи со процес на историска разградба односно ќе ги губи говорителите и живата македонска реч нема да доживее натамошен подем. Ние и онака имаме проблем со поддршка на научното проучување на македонскиот јазик кој беше запоставен сосема во време на владеењето на ВМРО. Да биде иронијата поголема, Владата на ВМРО ја прогласи 2008 година за година на македонскиот јазик, а во исто време го донесе,, крајно нетранспарентно, законот за јазиците со којшто се стесни просторот на учење и користење на македонскиот јазик во РМ.
Освен тоа, Законот за основно образование и Законот за средно образование донесени во време на владеењето на коалицијата ВМРО и ДУИ (т.н. консолидирани верзии на тие закони се достапни на Интернет заклучно со 2016 година) допуштија сепарација на учениците по јазична, а имплицитно и по етничка основа, затоа што наставата се изведува одделно за етничките Македонци на македонски, а за македонските Албанци на албански, при што со еден став се предвидува да биде воведена за оваа категорија и предмет македонски јазик. Реалноста покажува дека младите Албанци во РМ кога ќе дојдат на факултет не го познаваат македонскиот јазик и дури на таа возраст запишуваат почетен курс по македонски, што говори дека учењето на македонскиот во предучилишното, основното, и средното образование не се почитува. Ваквиот образовен систем создава редовно и систематски нови генерации кои припаѓаат на различни идентитети и светови со многу малку дијалог и разбирање меѓу себе. Тие два одвоени света со тек на време ќе предизвикаат дополнителни сепарации и отуѓувања меѓу македонските граѓани врз етничка основа а во голема мера и врз религиска, затоа што едновремено во Македонија се одвиваат и многу загрижувачки процеси на планот на религиските идентитети и практики.
Законот за средно образование поттикна и други непримерни процеси со последица врз постојниот состав на населението на локално рамниште, затоа што предвидува и за само неколку пријавени лица/ученици да се воведе настава на албански јазик за што се изделуваат посебни средства, методи, се обезбедуваат дополнително кадри и сл. Што го прави образовниот систем сложен и неекономичен, а комуникацијата/општењето меѓу младите со различно јазично-етничко потекло отежната. Се создаваат услови за системска енклавизација на населението. Под превезот на јазични права всушност се дезинтегрира македонското граѓанско општество и се создава една гломазна администрација, една скапа и нефункционална државна апаратура и процедура. Наместо учениците да се запишат во најблиското средно училиште каде што веќе постои настава на албански јазик, РМ создава нови нерентабилни и симптоматични училишни форми.
Четврто, од 2001 до денес се донесени и други законски акти со коишто директно и индиректно се влијае врз државното уредување на РМ и има импликации врз идентитетот на Република Македонија, а исто така и ги загрозува стекнатите јазични и културни права на македонскиот народ. Обично се вели дека еднаш стекнато право не се губи, ама фактички Македонците ги губат систематски стекнатите права и тоа веќе создава колективна и индивидуална анксиозност меѓу нив. Тука најмногу алудирам на Законот за територијална организација и на Законот за превод на топонимите во РМ. Законот за територијална реорганизација требаше да супституира одредени облици на кантонизација на територијалната целина на РМ, но всушност се направи врз сомнителни начела, при што многу градови, вклучително и Скопје и Струга, станаа градови во коишто живее албанско населени со минимум 20% благодарение на комбинациите и математиките со приградското и селското население. Со тоа се создадоа услови за дополнително усложнување на функционирањето на државните институции и се проширија јазичните права од локални до републички, од човекови и индивидуални права до политичка борба без крај за етнички престиж и за популистичко манипулирање со избирачкото тело.
Тука мислам и на Законот, претходно донесен, за основање политички партии врз етнички принцип кој генерира, иницијално, веќе две децении, дезинтегративни процеси во државата, парадоксални и гротескни политички сценарија и ситуации. Законот за топонимите го сметам за облик на јазичен геноцид оти топонимите кои со илјадници години постоеле на една територија не смеат да се преведуваат на друг јазик туку само да се транслитерираат буква по буква на друго, латинично писмо. Кај нас се преведоа на албански и згора на тоа македонските топоними или се бришат или ги нема или се на второ место поставени и сл. За топонимите имам цела студија напишано, за парадоксите на независна Македонија исто така, тие се достапни во моите книги есеи и студии од последниве неколку години.
Кон крајот на 90-тите години на 20 век ОБСЕ (Високиот Комесаријат) подготви неколку акти во вид на препораки за уредување на статусот на малцинските јазици во некои, главно, новоформирани држави или етнички и јазично сложени држави. Со тие препораки всушност се добива еден меѓународен референтен поттик и прирачник за уредување на јазичните права, што ја олеснува постапката на воведување двојазичност и мултијазичност во некои држави. Тоа влијае и врз состојбите во РМ, која постепено, етапа по етапа, од мултиетничка, се преобразува во двоетничка, односно двонационална држава. Индикативно, за мене лично, е тоа што албанскиот политички фактор и стручниот аналитички дискурс повеќе не се залага за кантонизација на РМ по примерот на Швајцарија, туку сугерира, не толку транспарентно, ама не и дискретно, проширување на присуството и моќта на албанскиот јазичен, популациски и идентитетски комплекс на територијата на целата држава. Ако знаеме дека тие се раководат регионално и долгорочно историски според Призренската лига од 19 век, тогаш современите и актуелни политички потези би требало да ги толкуваме во светлина на сеалбанската стратегија која е култна и од којашто тие нема да отстапат.
Е, сега, го имаме најновиот текст на (предлог верзијата) на Законот за јазиците, кој стана предмет на преговори, сопнувања, полемики и ветувања во постизборниот период, значи главно од крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, кога беа официјализирани изборните резултати и беше јасно дека ни една од двете најголеми македонски политички партии, СДСМ и ВМРО не можат да формираат стабилно парламентарно мнозинство и Влада без договор и отстапки пред албанскиот фактор. Во склад со нивната долгорочна стратегија, тие извршија притисок врз натамошна радикализација на јазичните права. Оваа радикализација се огледа во настојувањето јазичните права да го надминат човечкиот фактор, да не бидат само право на субјектите/граѓаните кои зборуваат, учат, комуницираат, стопанисуваат и сл. на албански јазик, туку се залагаат пристрасно и безусловно на поврзување на јазичните права со идентитетските обележја и симболи на државата Р. Македонија, на сите рамништа, од елементарно, до локално и републичко/државно (при што самите, често, користат симболи на друга држава и не ги почитуваат македонските државни симболи, го потценуваат македонскиот јазик одбивајќи да го користат на медиумите и во јавноста). Да не е така, зошто би им било потребно албанскиот јазик да биде впишан (со иста величина на словата) врз сите беџови, симболи, униформи, пари, титули, фирми, во администрацијата и сл.?
Таквата заложба укажува на стратегија која спроведува идентитетска трансформација и демакедонизација на македонската држава. Последиците од примената на таквите одредби во практиката ќе го смени и меѓународниот идентитет на РМ и таа ќе го изгуби/сама ќе си го укине правото да инсистира пред ОН на македонска национална лична карта во личната карта на ОН (македонски народ, македонски јазик). Нема сомнение дека таа лична карта ќе претрпи измена, како што модифицираното име кое најверојатно за кусо време ќе се договори со Грција постапно ќе се дефинира во двонационална и двојазична смисла.
Тука морам да кажам дека времето воопшто не работеше и не работи во прилог на Македонија како што тоа некои наши политичари го тврдеа, напротив, времето работи против Македонија (метафорично кажано). Промената на името на државата кое требаше да се третира како конвенционален чин, го претворија нашите политички лидери во егзистенцијален чин да се биде или не, а во меѓувреме ги сменија сите атрибути на РМ, допуштија масовни преселби на младите образовани кадри, допуштија внатрешно преуредување на државата и на општеството, така што веќе не е прашање дали туку кога ќе се случи промената на името, и не само на името туку и на идентитетската легитимација во светот. Наместо да го направиме најбезболното, ние дојдовме до чин на агонија кога се можни сите опции. Згора на тоа, во едно регионално национално-државно опкружување, ние ќе бидеме показател за тоа како мултиетничката и мултикултурна теорија завршува во маргинализација на традицијата, стекнатите права, наследените институции, и т.н.
Владата во најмала рака треба да направи некои дополнувања на Законот од 2008 а не да го носи бремето на партија која за да опстане на власт прави нерационални компромиси, брзо и без консултација со стручната јавност и институции. За македонскиот јазик и Законот за јазиците во РМ се чини не се консултирани ни МАНУ, ни Институтот за македонски јазик ни Филолошки факултет…
Сметам дека сите национални малцинства, сеедно како ги нарекуваме, како делови од народ или како заедници и слично, имаат право да бараат унапредување на јазичните права (кои во РМ ако е за право, постоеја и во време на некогашната југословенска федерација!), имаат право на развој на културата и образованието.
Би требало и етничките Македонци да покажат интерес за јазиците на најблиските во РМ. Но, тоа не се прави со санкции и глоби и со радикални мерки, туку со соодветни образовни и културни политики, со медиумски и комуникациски проекти, низ забава и спорт, низ дружење и заедничко учење и работа, за што е најефикасно постоењето на еден службен задолжителен јазик во сите фази на образование и во државните институции. Во новиот предлог Закон премногу е ставен акцент врз санкциите и формирањето Агенција за спроведување и контрола на санкциите и глобите, и тоа неумерено, без да се води сметка за последиците од тие мерки. Овој дел секако треба да претрпи измени, исто како и делот за двојазичноста на симболите, парите, униформите. Тие мерки, ако не се происход од колективни историски фрустрации, тогаш веројатно се добро промислени стратешки мерки зад коишто се крие посебен албански интерес. Ако имаме предвид дека како држава немаме консензус за државниот интерес на РМ, тогаш и таквата опција е веројатна.
Треба да се овозможат права на индивидуите да добиваат документи и на својот јазик како втор јазик во документите, треба секоја мерка која ќе се преземе да биде таква да го штити и македонскиот јазик и неговиот статус во РМ. Ни порадикалните јазични права на граѓаните не треба да се спречуваат, но трошоците за истите треба да ги сноси барателот, особено во делот на судските постапки.
Албанскиот јазик, и турскиот и другите јазици, особено словенските, треба да бидат опција на избор во образованието за сите и секој да има право и можност да го учи јазикот на другиот. Треба да се создава општествен амбиент да се доближат граѓаните од различно етничко потекло а не да се затвораат во своите заедници и територии. Македонија е претворена во државна структура на заедници, либанизирана е, полна етнички, јазични и религиски енклави, без интеркултурни дијалози и спреги. Интеркултурните политики треба да доминираат и да ја заменат платформата на радикален мултикултурализам.
Автор: Академик Катица Ќулавкова
Се надеваме дека нашите политички партии и политичари конечно ќе станат посвесни и посовесни кон нештата што се од суштинска важност за државата и ќе постигнат единомислие за одбрана и зачувување на македонските национални интереси, надминувајќи ги, се разбира, своите лични интереси и суети.