Современи чуда на Свети Јован во Бигорски

Чудата од Бигорската чудотворна икона на Свети Јован Крстител никогаш не престанале. Поради преголемата љубов на Бог кон човекот и силното молитвено застапништво на Претечата, тие се случуваат и денес. И навистина, голем е бројот на оние што ја почувствувале чудотворната помош на Свети Јован во нашиве дни. Нашето братство има запишано само мал дел од нив. Да раскажеме за неколку.

Свети Јован ѝ дарува второ дете на стерилна мајка

Во 2000 година од Раѓањето Христово, во Манастирот како гостинка дојде 32-годишната А. Таа беше (и сè уште е) медицинско лице, омажена, со едно дете, но од медицински причини таа повеќе не можеше да има второ дете. Дознавајќи за нејзината неволја, еден брат од Манастирот ѝ објасни колку е важно и спасително да се живее светотаински живот во Црквата, во пости, во молитва, со редовна исповед и со Света Причест. Богобојазливата А. со радост ги прими неговите совети во своето срце и со смирение започна да живее посветен православен живот. Гледајќи го нејзиното покајание и богоугодниот начин на живот, Свети Јован ги услиша нејзините молитви и таа доби второ дете, и покрај здравствената попреченост за тоа.

Свети Јован исцелува жена што боледувала од рак на дебелото црево

Истата година, помош од Свети Јован, пред неговата Бигорска чудотворна икона и пред неговите свети мошти што се чуваат во големиот украсен кивот во храмот, побара средовечната М. од Скопје, а по потекло од Лазарополе, болна од рак на дебелото црево. Болеста толку многу се развила, што беше очевидно дека на М. ѝ се приближуваше смртниот час. Таа беше бледа на лице, со испиени образи и многу слабо тело – во неа имаше само една трошка живот. Еден од браќата, што беше на послушание во црквата, ја поучи за неопходноста од исповед и Света Причест и за духовниот живот во Црквата општо. Ожалостената М. со вера и надеж ги послуша советите на монахот и кога дојде по втор пат, за време на Светлата седмица, со покајние во срцето се исповеда кај Старецот Партениј, Игумен на Манастирот, и на празникот на Живоносниот Источник – Балаклија се причести. Оттогаш М. не се појави во Манастирот скоро една година и никој од браќата не знаеше што се случило со неа. Но еден ден, на братот што беше на послушание во храмот, му пристапи госпоѓа на чиешто лице се оцртуваше здравје и радост. На прашањето дали се сеќава која е, братот беше во недоумица која би можело да биде таа жена, бидејќи му се чинеше дека ја имал видено порано. Тогаш М. му се претстави и монахот за миг се сепна. Му стана јасно дека Свети Јован се застапил за неа кај Бога и за ова Негово чедо, исцелувајќи ја од тешката болест.

Чудото на Свети Јован со протомајсторот Таки Стерјо

Од 2003 година, па сè до денес, во Бигорскиот Манастир како главен мајстор и ѕидар со камен работи г. Таки Стерјо (меѓу блиските познат како мајстор Трајче), Македонец родум од с. Шулин, Мала Преспа, Албанија. Во 2004 година тој се оженува со својата животна сопатничка, г-ѓа Василка Стерјо и обајцата стануваат духовни чеда на Старецот, владиката г. Партениј.


Протомајсторот Таки Стерјо со семејството


Цели осум години Таки и Василка не можеа да имаат деца, бидејќи, како што утврдиле гинеколозите, Василка имала т.н. абнормална матка. Копнеејќи по своја рожба, младите брачни другари направија сè што беше возможно од медицински аспект, за биолошката аномалија да се поправи, та да можат да имаат деца. Меѓутоа, и покрај неколкуте оперативни зафати по разни државни и приватни клиники и потрошените значителни средства за лекување, Василка остануваше неплодна. Во тој безизлез, Таки и неговата сопруга се обратија за помош кај „најголемиот меѓу родените од жена“ – Свети Јован Крстител, замолувајќи го и Старецот и братството да се молат на Свети Јован за нив. Гледајќи ја љубовта на Таки за неговиот Манастир и пожртвуваноста со која тој работеше за неговото илјадагодишно Светилиште крај Радика, Свети Јован го награди најнапред со прекрасно синче, кое се роди на 17 февруари 2012 година. Од благодарност кон великиот Божји Претеча и Крстител, родителите на својата рожба му го дадоа името Јован. Три години подоцна, на 8 октомври 2015 година, како благослов од Свети Јован, Таки и Василка ја добија и својата втора рожба, ќеркичката Јасмина.

Јован Стерјо како учесник на Литијата за „Достојно ест“

Нека му е слава и чест на преславниот и богопрославен Пророк, Претеча и Крстител Господов, Свети Јован!

Накрај, ги замолуваме сите читатели, доколку се сведоци на некое чудо, исцеление и помош од Свети Јован Крстител, детално да ни го опишат истото и да ни го пратат по писмен пат на електронската пошта на Манастирот: bigorskim@gmail.com, за сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Ви благодариме!