Божјиот голем плус

(Марко 8, 34 – 9, 1)

Трета недела на Великиот Пост

Третата недела од Великиот Пост е наречена Крстопоклона, посветена му е на поклонувањето на Светиот Крст. За време на Литургијата крстот се изнесува од олтарот на послужавник со цвеќиња и се става среде црквата, за да можеме да му оддадеме почит на символот на нашето спасение. Кога свештеникот се поклонува денес пред крстот, не му се поклонува на дрвото или на металот, туку на Христа и на Неговата голема љубов, на која крстот е само символ. Убавите цвеќиња околу крстот го означуваат мирисот, благоста и убавината, што таа љубов му ги додала на животот.

Божјиот плус

Денес ќе зборуваме накратко за значењето што Крстот може да го има во нашето секојдневие.

Едно девојче почнало да ги учи на училиште тајните на математиката. Знаците за делење, за множење, а знаците минус и плус ѝ оставиле длабок впечаток. Неделата откако учела за плусовите, го забележала крстот зад престолот, што го видела и многу пати претходно. Но овој пат тој ѝ оставил длабок впечаток и таа му прошепотила на татка си: „Тато! Што бара тој плус во олтарот?“
Прашањето на девојчето било природно, но тоа е многу подлабоко, отколку што таа можела да претпостави. Во длабока смисла, крстот е Божји голем плус.

✤ ✥ ✤

Плус Божјата сила

Крстот значи дека човекот не мора да се потпира само на своите сили. Може да го има големиот плус на Божјата сѐмоќ. Бог ставил огромна сила во природата. Во една чаша вода има доволно енергија за еден брод да го премине Атлантскиот Океан. Зарем Бог, Кој оставил толкава моќ во природата, ќе ги одбие Своите чеда, кога му се обраќаат во својата слабост и Му бараат сила? Исус нѐ научи барем една работа за Бога – дека Тој е Бог Кој им дава сила на слабите. Човечката слабост, плус Божјата сила, е еднакво на способноста да се надмине сѐ што животот може да ни донесе.

✤ ✥ ✤

Плус Божјото простување

За човек оптоварен и притиснат од пресилното чувство на вина, кој чувствува дека никогаш не може да му биде простено, дека никогаш веќе нема да може да го погледа Бога, или друг човек в лице, Крстот го носи големиот плус на Божјото простување. „Оче, прости им зашто не знаат што прават“, се молеше Исус од Крстот. А, св. Павле пишува: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Рим. 5, 8). Ако е најтешко човек да си прости самиот на себе, тогаш фактот што Бог ни простил и нѐ прифатил ќе ни помогне да си простиме. Ако тој нѐ прифаќа, тогаш можеме да научиме да се прифаќаме самите себе. Грешниот човек, плус Божјата голема милост, е еднакво на спасение, целосност, мир со Бога и со себе.

✤ ✥ ✤

Плус нов живот

Плус сила. Плус простување. Трето, плус нов живот. Додавањето на Христа на човековиот живот не е „просто собирање“, како кога ќе се собере едно со друго јаболко и ќе се добијат две јаболка. Тоа е повеќе како кога се додава водород на кислород и се добива сосема нова материја – водата. Како што вели св. Павле: „Кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сè стана ново“ (2 Кор. 5, 17). Оној кој е „во Христа“ има ново средиште на животот; а Самиот Христос добива нов, единствен израз во светот, преку животот што никогаш порано не бил тука и никогаш веќе нема да биде. Човекот, плус Христос, е еднакво на нов живот, нова смисла, нови цели, нови вредности, сосема нова личност.

✤ ✥ ✤

Плус вечен живот

Плус сила. Плус простување. Плус нов живот. Четврто, плус вечен живот. Најголемиот минус во животот, пред да дојде Христос, била смртта. Христос го зел тој минус и го пречкртал со Своето Воскресение, претворајќи го во големиот плус на животот. „Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат…“ (1 Кор. 15, 20-22). „Кој верува во Мене“, вели Исус, „и да умре ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11, 25-26). Човек што умира, плус Христос, е еднакво на вечен живот на место каде „што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна што Бог приготвил за оние, кои Го сакаат“.

✤ ✥ ✤

Плус Божјата љубов

Плус сила. Плус простување. Плус нов живот. Плус вечен живот. Петто, плус Божјата љубов. Чесниот Крст е многу јасен знак и символ. Тој е завет дека Бог ќе отиде и во крајност заради нас. Никогаш нема да си ги измие рацете или да нѐ остави да загинеме. Крстот зборува – ни кажува колку Бог нѐ љуби и се грижи. Се грижи толку многу, што Го дава Својот единствен Син, да умре за нашите гревови. Ни кажува и уште нешто – дека ниеден човек не покажал поголема љубов (од Богочовекот). Зборува за безграничната љубов Божја, што не престанува да љуби, дури и распната. Ако го избришеме Крстот од животот, немаме никаква сигурност дека човекот вреди повеќе од еден клинец. Ако го избришеме Крстот, срцето на вселената останува студено и затворено. Но со Крстот можеме да пееме заедно со св. Павле: „Кој ќе нè одвои од љубовта Божја? Тага ли, невола ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч?… Но во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби. Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите… ниту, некое друго создание, ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8, 35-39).

✤ ✥ ✤

Плус крајната победа

Плус сила. Плус простување. Плус нов живот. Плус вечен живот. Плус Божјата љубов. Шесто, човек, плус Христос, е еднакво на ветувањето за крајната победа. Св. Павле пишува вака во Посланието до Колосјаните: „…на Крстот, откако ја одзеде силата од началствата и властите, Он ги изложи јавно на позор и ги победи на него“ (Кол. 2, 15). Во нашата Православна вера Крстот никогаш не се гледа одделно од Воскресението. Христијанската вера во Христовиот Чесен Крст гледа борба на живот и смрт со сите сили на злото, а во Воскресението го гледа нивниот краен и конечен пораз. Човек, плус Христос, е еднакво на крајна победа. „Да му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа, преку нашиот Господ Исус Христос“ (1 Кор. 15, 57).

✤ ✥ ✤

Луѓе што се „плус“

Во животот има два вида луѓе – луѓе што се плус и луѓе што се минус. Оние чиј символ е минусот, не придонесуваат кон ничија среќа. Поправо земаат. Кога ќе те остават, се чувствуваш посиромашен во верата, посиромашен во љубовта, посиромашен во надежта. Но, фала на Бога, има еден друг вид луѓе – Божјите луѓе – луѓето на Крстот, луѓето што живеат со вера во Синот Божји, луѓе што се плус. Библијата ги нарекува „солта на земјата“ и „светлината на светот“ и „мирисот Христов“. Тие му додаваат нешто на животот: храброст, вера, љубов, надеж, мир, радост.
Затоа денес, на празникот на Поклонувањето на Чесниот и Свет Крст, додека го гледаме големиот Божји Плус, толку убаво украсен со цвеќе, се потсетуваме дека:

1. Човек не мора да биде сам во своите проблеми и маки. Може да го има големиот плус на Божјото присуство, Неговата љубов и грижа.
2. Грешен човек, плус Божјата милост, е еднакво на простување.
3. Збунет човек, плус Христос, е еднакво на нова цел во животот, нова смисла, сосема нова личност.
4. Човек оптоварен со вина, плус Христос, е еднакво на „мирот Божји што го надминува секое разбирање“.
5. Човек што умира, плус вера во Христа, е еднакво на вечен живот со Бога во рајот.
6. Слаб човек, плус Христос, е еднакво на сила. „Можам да правам сѐ преку Христа, Кој ми дава сила“, сведочи св. Павле.
7. Човек што очајува, плус Христос, е еднакво на надеж – надеж што вели: „Не мора да останеш каков што си. Ти, токму каков што си, плус Божјата сила за искупување, е еднакво на личноста што треба да бидеш, личноста за која Бог ќе може еден ден да каже: „Ова е мојот возљубен син, или мојата возљубена ќерка, кој/која е по Мојата волја“.

Молитва

Господи, како што му се поклонуваме на Твојот Чесен Крст денес, не се поклонуваме ниту на дрво, ниту на метал, туку на сумволот на најголемата победа за која знае човекот – Твојата победа врз гревот и смртта, победа, во која сите ние учествуваме преку крштевањето и верата, победа која секој христијанин го прави човек што е плус во светот, додавајќи светлина каде што има темнина, љубов каде што има омраза, надеж каде што има очај, чаша ладна вода каде што има жед и парче леб каде што има глад. Амин!