Разумно дете

Еднаш малиот Иван се враќаше од училиште дома. На прагот од куќата го сретна татко му, кој беше безбожник, па го запраша :
– Кажи ми, дете, што те учеше денес отецот вероучител?
– Што ме учеше… Отецот вероучител нè учеше дека постои еден Бог во три лица.
– А зарем не ви кажа дека Отецот не е постар од Синот, ниту Синот е помал од Отецот?
-Да така ни кажа, мили тато- одговори Иван.
– О, сине мој, колку голема глупост е тоа- одговори безбожниот татко. Погледни, сине! Не сум ли јас твој татко?
– Да, тато – одговори детето.
– Ете гледаш, дете мое, кога јас сум твој татко, тогаш јас мора да бидам постар од тебе. Зарем не така?
– Така е, драги тато. Ти си постар од мене како човек, но како татко, ти не си постар од мене, зашто во оној момент, кога ти стана мој татко, јас станав твој син. Затоа, ако небесниот Отец е од пред времето, тогаш мора и Синот да е од пред времето.
Безбожниот татко си ја чукна главата, се замисли, и од тогаш не се осмели веќе да го праша своето дете, што го учел отецот вероучител во училиште.

Од епископ Николај Велимировиќ