Дрвото и младиот човек

Некој млад човек имаше големо семејство. Сите живееја во една куќа. Во куќата владееше слога и мир и меѓусебна почит. Сè додека еден ден младиот човек не почна да се жали на својата положба. На сите им кажуваше дека нема никаква приватност, дека секогаш мора да се бори за своето место и дека никогаш нема мир. Сите други му пречеа и на сите им беше лут. Кога го слушна тоа неговата стара баба, таа го покани младиот човек во својата соба. Му рече: „Повеќето млади луѓе на почетокот сакаат да живеат сами, за никој да не им пречи, но пред да се решиш на тој чекор, морам да ти раскажам една приказна“. Младиот човек се насмеа и рече: „Ама бабо јас веќе сум возрасен, доцна е за такви приказни“. Бабата само се насмеа па му рече: „За вистинска приказна никогаш не е доцна“, и почна да зборува:

„Во една густа шума живеело едно младо дрво, никнато на место на едно старо паднато дрво и цел живот се пробивало низ останатите гранки. Никогаш немало доволно светлина, влага и хранливи состојки што ги нудела земјата. Заради густината на дрвјата сите тие работи оделе кај другите посилни стебла. Некои стебла биле насилни и го удирале со своите гранки, му ја краделе сончевата светлина, па дури понекогаш и се потпирале на него. Младото дрвце со тек на време почнало да станува тажно и депресивно. Тоа почна да се моли на Бога да го ослободи од другите стебла за и тоа да може да ја почувствува слободата и изобилствата кои другите стебла му ги скратуваа. Кога го виде тоа Бог, се смилувал на неговата тага и сите останати стебла исчезнале, дрвцето останало само. Со километри надалеку немало ниедно дрво. Сонцето, дождот, целата земја сето тоа било негово. Од среќа тоа ги раширило своите гранки и уживало во својата слобода. Траело тоа извесно време сè додека не почнало да дува силен ветар, кој полека се претворил во бура. Без заштитата на дрвјата околу него, силниот ветар без проблем почнал да го витка младото стебло. Така тогаш дрвцето посакало околу него да има барем уште некое стебло на кое може да се потпре за да не се скрши. Се сетило и на оние стебла што порано се потпирале на него и го удирале со своите гранки и дури тогаш сфатило зошто тие правеле така. Сите маки и проблеми што му ги предизвикувале стеблата во тој миг станале небитни. Дрвцето многу се покајало и повторно почнало да Му се моли на Бога да му ја врати онаа стара шума. Тогаш Бог му рекол: ‘Младо Мое дрвце, никој подобро од Мене не знае што ти е потребно. И маките и проблемите се тука за да те обликуваат и натераат да пораснеш. Зарем ти воопшто би се трудел да растеш доколку околу тебе не стоеја сенките на оние други дрвја? Би останало едно мало дрвце кое дивите ѕверови лесно би го изгризеле, а едно слабо ветре веднаш би го скршило. Сè што се наоѓа тука околу тебе, постои за твое добро. Затоа никогаш немој да се посомневаш во Бога‘“.

Младиот човек долго размислуваше и најпосле се насмевна и ја гушна својата баба. Животните бури се силни и големи и колку повеќе луѓе имаме околу себе, полесно можеме да ги пребродиме. Не е важно какви се луѓето, тие се тука со причина.