Исповедта е миење на душата

Беше убав сончев ден. Еден светогорски старец полека си ја раскопуваше бавчичката пред својата келија. Наиде еден човек, го поздрави па така, колку да го праша нешто, му рече :

– Што правите Оче?

– Еве си ја исповедам бавчичката.

– Како тоа? – се зачуди минувачот. – Па зарем и бавчата треба да се исповеда? Прв пат слушам такво нешто!

– Треба, секако дека треба – одговори старецот. – Гледаш, ветрот донел некакви гранки, овде онде изникнал коров, има и камчиња, а после дождот и трње се појавија. Само ако добро ја исчистам земјата од камчињата, трњето и коровот, зеленчукот што овде го посадив ќе биде убав и здрав, а доматот, ако даде Бог, голем и црвен како јаболко. Ако не ја „исповедам “ бавчичката, односно ако не ја очистам, и ако дозволам овие мали стебленца да израснат во голем коров, бавчичата ќе ми раѓа само мали, жолти и збрчкани плодови.