Колку чини едно чудо

Едно девојче ја зеде својата касичка прасенце и ја испразни нејзината содржина. Три пати ги изброја ситните парички, за да не направи ниту една грешка. Имаше точно еден долар и 11 центи. Ги зеде монетките и тргна кон блиската аптека. Аптекарот во тој момент зборуваше со еден дотеран господин и воопшто не обрати внимание на малечката. Девојчето намерно направи некаков звук со своите чевлиња, ама ништо. Тогаш таа зеде една од своите парички и тропна со неа врз бирото на аптекарот.

– „Што сакаш“- ја запраша малку нервозно аптекарот. „Не гледаш ли дека зборувам со брат ми, кого не сум го видел толку долги години?“

Тогаш малечката му рече:

– „Ве молам би сакала да ви кажам за брат ми. Знаете, тој е многу болен и сакам да купам едно чудо за него!“

¬- „Извини“, и одговори тој, „чуда не продаваме овде“.

– „Ама, знаете“, рече девојчето, „брат ми има нешто што му расте во главата, и татко ми вели дека само чудо ќе нè спаси. Затоа, кажете ми колку чини едно чудо за да го купам? Имам пари…“. Братот на аптекарот, кој со голем интерес го следеше разговорот, ја замоли малечката да му објасни поточно од какво чудо има потреба нејзиниот брат.

– „Не знам“, му одговори таа со насолзени очи. „Сè што знам е дека треба да му се направи операција, и дека татко ми нема пари. Затоа сакам да платам јас, со мои пари“.

На прашањето на дотераниот господин, колку пари има, девојчето му одговори: „Еден долар и 11 центи, ама, ако треба, ќе најдам и други пари“.

– „Каква коинциденција“, се насмевна дотераниот господин. „Тоа е токму цената за едно чудо за твојот мал брат. Еден долар и 11 центи!“

Потоа ги зеде парите, ја фати малечката за рака, и ѝ рече: „Ајде сега да појдеме заедно кај вас дома за да ги запознам твоите родители и твоето братче, па да направиме едно чудо“.

Дотераниот господин беше Картон Арсборг, познатиот неврохирург. Операцијата беше успешна и малото братче се врати дома здраво.

– „Операцијата беше вистинско чудо“, шепотеше мајката. „Се прашувам колку ќе нè чинеше“. А малечката тивко се насмевна. Таа точно знаеше колку чини едно чудо: еден долар и 11 центи, плус верата на едно мало дете…