Мракот и Сонцето на Правдата

Си беше еднаш еден Мрак и беше мрачно расположен. Живееше тој во иста соба со Кандилото, кое го имаше избркано во ќошот зад шкафот, зашто беше лош. А бидејќи Мракот никогаш не беше добар, тој постојано беше во ќошот. Е, таму му беше тесно, Тој си ја сакаше целата соба за себе, или барем пола, но Кандилото секогаш уредно си ја вршеше својата светла должност.

Со Мракот тоа не сакаше воопшто ни да разговара, а камоли да се договара.

На Мракот му се стемни пред очи. Воден од слепа омраза тој го зеде Кртот за адвокат па појде на судот со кој претседаваше Лилјакот, за да го тужи Кандилото. По краткото заседавање, слепиот суд ја согледа следнава фактичка состојба: Кандилото е нетолерантно кон Мракот и треба што поскоро да се изгаси.
Мракот ги поведе Лилјакот и Кртот кај себе дома, за ја извршат пресудата, но – заталкаа во мракот! Долго така талкаа по шумата. Најпосле наидоа на еден Був и го прашаа дали знае каде живее Кандилото.

„Секако, тоа живее на исток – еве зад овој рид! Сега ќе пристигне, а јас ќе се сокријам, зашто со него не се согласуваме баш најдобро “, го рече тоа Бувот, испушти крик и се вовлече длабоко во дупката на едно старо дрво.

Мракот и слепците тргнаа кон ридот, но се ужасија :

„Леле мајко! Какво Кандило си ти?!“

„Небесно!“ – одговори огромното Кандило. „Се викам Сонце, севидливото Сонце на Правдата и јас сум адвокат на сите свеќи и кандила и воопшто на сé што e свето на земјата. Дозволете ми и мене, како што му приличи на еден судски ред и поредок, да си го кажам своето“.

Се заврти Сонцето за да погледне на местото каде што стоеја обвинителите, но тие повеќе не беа таму. Ги испрати своите зраци на сите страни. Ама ни тие не ги најдоа! Најпосле дојде еден најдолг и најбрз зрак и извести дека судот на крилјата од Мракот веќе побегнал на другата страна на планетата. И што да прави Сонцето, седна во своите златни кочии па тргна по нив. Но додека тоа да стигне на другата страна од планетата, овие повторно беа на првата.

Тоа трае и до ден денес. Оди Сонцето на Правдата по судот на неправдата за и тоа да си го каже својот збор. И неговиот вистинит збор секогаш е последен. Така било, така е и сега и така ќе биде секогаш:

Правдата не може да се победи, ниту вистината може да се сокрие.