Приказна за скапоцениот камен

Имал таткото син единец, кого неизмерно го сакал. Еден ден синот му рекол на таткото дека сака да прошета низ светот, за да види каков е и како се живее. Таткото го одвраќал од таа намера, но кога видел дека синот стои на своето, му дал одобрение за патувањето. Синот, радосен, се подготвил за пат и отишол кај татка си да се збогува пред поаѓањето. Тогаш таткото му дал еден скапоцен камен, па го одвел пред едно големо огледало и му рекол: Што гледаш во огледалото? Гледам две лица, татко, тебе и себеси. Како нé гледаш? – повторно прашал татко му. Те гледам тебе, татко, малку поголем од мене, и себеси, малку помал од тебе. Добро, рекол таткото, еве ти го сега овој скапоцен камен. Овој е камен на среќата, сé додека го чуваш неоштетен и цел, ќе бидеш среќен на патиштата твои и ќе се вратиш при мене здрав, но ако го намалиш, ќе отидеш во пропаст и ќе те снема. Синот ја слушнал оваа порака, го зел скапоцениот камен, го завиткал и ставил во пазувите, и заминал на пат.

Патувал долго и долго и видел многу и многу. И срцето негово се радувало на сé што гледал и слушал. Но, еден ден тој посакал да се разоноди со едно ноќно друштво, кое наоѓало задоволство во многу јадење и пиење. Во тоа друштво се јадело и пиело до зори. Кога настапила зората, цело друштвото било опијането, а опијанет бил и оној син. Тогаш некој му рекол: Вакво задоволство може да се плати само со скапоцен камен. Синот го слушнал ова, па горделиво ја ставил раката во пазувите, го извадил својот скапоцен камен, откршил едно делче од него и го дал. Следното утро, кога синот се пробудил и трезен се погледнал во огледалото, во него го видел ликот на својот татко во природна големина и покрај таткото, себеси, нешто смален.

Патувал синот понатака и сé гледал и сé слушал и на сé се восхитувал. Еден ден останал да преспие во некој град, прочуен по своите богатства и своите богаташи. Кога се запознал со богатите од тој град, тие му рекле дека во своето друштво ги примаат само богатите луѓе, па ако сака да живее со нив, мора да вложи, макар и најмал скапоцен камен, за да може да им биде ортак. Тогаш синот го извадил скапоцениот камен од пазувите, откршил еден дел и го вложил во ортаклукот. На тој начин, тој бил вброен во богатите и станал, навистина, богат човек. Но, едно утро, кога погледнал во огледало, го видел својот татко во природна големина и покрај таткoто, себе си, доста смален.

Кога му здодеало да живее во тој град, тој го зел своето богатство и тргнал понатаму низ светот. Патувајќи така, дошол во едно место, прочуено поради развратот. Го фатиле некои луѓе и го одвеле кај лоши жени, кои се труделе околу него, поради неговото богатство. После подолго пребивање тука, синот почувствувал здодевност, па решил да замине понатаму. Но, при поѓањето, се погледнал во огледалото од својата соба и го видел во него ликот на својот татко во природна големина и покрај таткото, себеси, многу смален. Се зачудил на тоа, но заминал понатаму.

Патувајќи така, тој дошол во една држава, во која умрел кнезот, и каде великаните се препирале меѓу себе, кого ќе го изберат за кнез, бидејќи сите се грабале за таа титула. Кога виделе дека не можат да се договорат, ниту сложат, му рекле на младичов дека него ќе го постават за кнез но, само ако тој сака, на секого од нив да му даде по некој бакшиш, во вид на скапоцен камен. Се полакомил синот на почестите кнежевски, го извадил својот скапоцен камен од пазувите, откршил од него неколку парчиња, и му дал по едно парче на секој од големците. На тој начин тој постанал господар на една држава. Така живеел и владеел некое време, сé додека и тоа не му здодеало, па намислил да ја напушти својата држава и да појде понатаму. Се простил, значи, со сите и заминал. Но, пред заминување, се погледнал во огледалото и го видел на него ликот на својот татко и покрај таткото, себе си сосема мал, како мало дете, едвај до колената на таткото.

Патувајќи сé понатака и подолго, дошол синот во една незнабожечка земја, каде не се знаело за Единиот Бог и каде прв збор имале гатачите и повикувачите на духови. За него тоа било нешто ново и невообичаено. И тој посакал да ги спознае гатачките тајни на таа земја. Тогаш гатачите му рекле дека ќе му ги откријат сите свои тајни и дека ќе го поврзат со духовите, ако им даде еден скапоцен камен. Но, кај синот бил останат уште само еден мал дел од оној скапоцен камен, што таткото му го дал на поаѓање. Го извадил тој и она последно парче и му го дал на гатачите. И го вовеле гатачите во своето друштво и му ги покажале сите свои тајни. Научил синот како да ги повикува духовите од подземниот свет и да разговара со нив. Потполно се предал во нивна власт. Но, и тоа му здодеало, па посакал да замине понатаму. Кога сакал тоа да го стори, се погледнал во огледалото и го видел во него татка си свој во природна големина, но себеси никако не се видел. Гледајќи така, тој се чудел, како тоа него да го нема во огледалото. Во тој миг го снемало од огледалото и ликот на неговиот татко. Наместо таткото, се појавил ликот на подземниот дух на мракот, го врзал за рацете и нозете и го одвлекол во своето подземно царство.

Не е ли оваа приказна сосема јасна? Отецот е Самиот Господ Бог, а синот – тоа е човекот. Огледалото е Заветот Божји. Скапоцениот камен е душата човечка. Оддалечувајќи се од својот татко, противно на татковата волја, синот со својата душа ги плаќа лажните задоволства од овој свет и тоа најнапред похотта за јадење и пиење, потоа похотта за богатство, па похотта телесна, блудна, па похотта за власт и најпосле похотта за знаење со помош на злите духови. На тој начин се смалувала неговата душа, тој скапоцен камен од Бога Отецот, сé додека, најпосле, сосема не се истрошила и конечно се упропастила. Тоа што синот секогаш го гледал Отецот во иста големина, значи дека Бог не се менува, туку секогаш останува ист. Тоа што Отецот најпосле го снемало од огледалото, значи дека синот, губејќи ја душата, ја изгубил и секоја врска со својот Родител. А тоа што, пак, духот на злобата се јавил во огледалото и во реалноста, тоа значи дека синот својата душа, веќе совршено ја имал продадено на тој злобен дух на темнината. Така лошиот дух, како сопственик на душата, ја здобил власта и над остатокот од човекот, односно, над неговото тело.

„ Духовни поуки “, епископ Николај