Вистински голем

Си живееше еднаш едно благословено семејство. Родителите, кои веруваа во Бога и имаа големо смирение, си ги водеа децата по Христовиот пат. Уште од мали, овие две дечиња Го засакаа Бога. Да прислужуваат во храмот, покрај свештеникот, им беше една од најголеми радости. Кога доволно пораснаа, тие решија сиот свој живот да ѝ го посветат на Црквата.

Така, значи, тие, си ги оставија родителите, удобностите и задоволствата од овој свет и од љубов кон Христа прифатија монашки живот. Едниот го избра подвижништвото и животот во пустина. Затоа појде и навлезе длабоко во неа, па како најде еден скит, стана пустиножител.

Другиот брат, оној помладиот, го сметаше општежитието за подобар и посигурен пат за постигнување на својата цел. Си најде манастир со свет игумен и смирени отци и таму стана монах. Послушноста му беше совршена и служеше за пример. Сите отци во манастирот го сакаа и почитуваа, зашто секогаш беше подготвен да ги послуша заповедите што му ги даваа. Чиниш немаше воопшто своја волја.

Времето минеше и послушноста на помладиот брат стана позната низ цела околина. Така, славата негова стаса и длабоко во пустината, таму кај што се подвизуваше постариот брат. Кога пустиникот слушна за ова, не поверува, и посака сам да ја испита послушноста на својот брат. Замина тој, така, од пустината и стигна во манастирот каде живееше брат му. Го сретна и замоли да прошетаат наоколу за да си позборуваат, зашто толку години не беа видени. Помладиот брат прифати со задоволство, и така излегоа од манастирот.

Шетајќи, стасаа тие до една река за која постариот брат од порано знаеше дека е преполна со крокодили.

-„Влези, братче, во реката, и излези на спротивната страна“, му заповеда пустиножителот.

-„Нека е благословено“, одговори помладиот брат и пријде кон реката. Постариот брат беше сигурен дека помладиот нема да успее и дека крокодилите ќе го изедат. Меѓутоа, добриот послушник, кој никогаш во својот ум не внесуваше лоши помисли, туку едноставно ги следеше заповедите на другите, влезе во реката и пливајќи стигна до спротивната страна. Свирепите крокодили не само што не му направија ништо, туку напротив, за сето време додека тој пливаше, го следеа одназад и му ги лижеа нозете. Оваа глетка го запрепасти пустиникот. Тој остана без зборови.

Тргнаа, значи, да се вратат во манастир. По патот, нешто пред да стигнат, наидоа на некој мртовец. Некои луѓе го беа ограбиле и убиле. Беше гол и двајцата браќа се сожалија над него.

-„Ајде, брате, да соблечеме секој по еден дел од облеката и да го облечеме овој несреќник“, рече пустиножителот.

-„Прости ми, брате, ама не е ли подобро да се помолиме за него, може Бог ќе му се смилува и ќе го воскресне“. Така и направија. Добриот Бог ја услиши нивната молитва и го воскресна мртовецот. Ова големо чудо го исполни пустиникот со себичност, па тој рече:

-„Ова чудо ни го подари Бог заради мојот голем подвиг во пустината“.

Помладиот брат не рече ништо и монасите си го продолжија патот до манастирот. Но, на влезот во манастирот ги чекаше игуменот.

Тој беше свет човек и Бог му беше открил сè што се случи тој ден. Штом двајцата браќа се приближија, игуменот го одведе пустиникот настрана и строго му се обрати:

-„Зошто, дете мое, го изложи брата си на толкава опасност во реката? И знај дека послушноста на твојот брат беше тоа што го воскресна мртовецот“.

Пустиножителот не издржа. Зборовите на игуменот го потресоа и солзи покајнички се појавија во неговите очи. Побара прошка од Бога и од игуменот, и веднаш појде да си го побара братот. Кога го виде, падна на колена и му рече:

-„Прости ми, братче. Многу згрешив на Бога и тебе. Прости ми што кај реката те доведов во опасност. Прости ми“.

Помладиот брат му прости и од тој час живееја во љубов, подвизувајќи се заедно за спасение на своите души.