Грозје на љубовта

Околу 330 год. по Христа се насели во еден скит св. Макариј Египетски. Малку по малку и околу него се собраa илјада монаси што ги слушаа неговите совети и зборови. Ама и многу мирјани од цел Египет доаѓаа кај овој свет човек Божји, за да примат плодови од неговата љубов. Славата му се рашири по сета земја. Еден ден некои поклоници дојдоа во монашкото село да го видат Ава Макариј. Секако, му донесоа тие од градот една кошница полна со грозје. Седеа прилично долго кај Старецот, ги слушаа неговите скапи совети и душевно побогати се упатија кон градот.

-Ова е за тебе, Ава, му рекоа на заминување. Знаеме дека многу сакаш грозје. Те молиме, земи го.

Ава Макариј им заблагодари на поклониците и со насмевка ги испрати. Среде неугледната колиба стоеше кошницата преполна со прекрасно миризливо грозје. Редок дар, зашто во тој крај немаше ништо слично. Сигурно е многу слатко, си помисли Авата, и тргна да го проба. Но, како што се наведна, низ прозорецот ги здогледа колипките на другите подвижници и сети вина.

-Не е право јас да го задржам грозјето. Другите отци воопшто не ни пробале. Ќе го однесам до Ава Петар, стар е и многу ќе му се допадне.

Го зеде, така, тој грозјето и за миг го однесе кај Ава Петар, кој навистина беше најстар во скитот.

-Ава, ми го донесоа ова грозје, па помислив дека многу ти се допаѓа. Сакам да ми направиш добрина и да го задржиш, љубезно рече Ава Макариј.

-Ти благодарам Ава, Бог да те благослови, возврати старецот. И Ава Макариј појде во своето колипче. Ава Петар го зеде грозјето и зеде да го проба.

-Море застани малку, си помисли, другите отци воопшто не ни пробале. Знам дека Ава Исидор многу сака грозје. И без многу размислување ја зеде кошницата и му ја однесе.

-Старче, ми го донесоа ова грозје. Направи ми добрина и задржи го. Знам дека многу ти се допаѓа, рече Ава Петар нудејќи му го својот дар на Ава Исидор.

-Бог да те благослови, му возврати овој и го зеде. Но ниту третиот Ава не го задржа посакуваното грозје.

-Не е право да го задржам, рече Ава Исидор, и му го однесе на следниот. А овој, пак, на следниот. До зајдисонце кошницата со грозје мина низ сите бедни колипки и никој не ја задржа, секогаш мислејќи дека му е попотребна на оној другиот. Кога грозјето стигна и во последното колипче, монахот што живееше во неа си помисли:

-Грев е да го задржам ова грозје. Многу му се допаѓа на Ава Макариј. И се упати кон неговата колиба.

-Ава, прости ми, но знам дека ова грозје многу ти се допаѓа. Направи ми добрина и земи го. Тогаш Ава Макариј, гледајќи ја полната кошница со грозје недопрена, онаква каква што утрото ја прими, Го прослави Бога што во скитот има такви монаси украсени со толкава љубов и сомилост.

Во тој миг, дојдоа од далеку некои монаси за да земат благослов од Старецот. А овој со радост на лицето им рече:

-Јадете, деца мои, од ова грозје на љубовта. Тоа е најслаткото грозје на светот.

И тогаш им ја раскажа целата приказна.