Сите игумени во историјата на Бигорскиот манастир се наши луѓе, Македонци, претежно од Мијачкиот крај, кои со својата прилежна и сесрдна ангажираност за зачувување на народниот ентитет, придонеле да се создаде културно-просветно упориште во манастирот, што трајно ќе зрачи од неговото основање, па сè до наши дни. Овој наш духовен свет тврдокорно се борел во најтешките дни на неговото опстојување, целосно предаден на борбата за зачувување и предавање на материјалните, духовните и културно-просветните вредности од нашето тешко, но богато минато. Тие со својата духовна ревност ги вдахновувале нашите градители-неимари, зографи, поети, музичари и преродбеници, да создаваат дела значајни за нашата културно-историска и духовна традиција, кои воодушевуваат со својата единственост и совршенство до денешни дни.
Духовните учители од Бигорскиот манастир не биле само обични и едноставни луѓе, миротворци во расо и народни просветувачи, туку се покажале и како вистински духовни борци, поддржувачи на народниот ентитет, стражари над народната самосвест. Тие останале до крај одбрана и отпор против мноштвото национално-верски пропаганди, трудејќи се да го зачуваат црковно – словенскиот дух на древната Охридска архиепископија. Ваквите насилни пропаганди со својата жестокост , бројни жртви, терор, борби и насилство, како целосно да ја прекинале нишката на преданијата за животот и дејноста на овие духовни татковци. Скоро сите писмени сведоштва за историски важните настани и случувања поврзани со манастирот и неговите луѓе, а преку нив и со обичниот Македонец, едноставно исчезнале во овие немирни времиња. Вакви опустошувачки промени, иако можеби во не толку видливо светло за манастирот и монаштвото, се случувале и во периодот на комунизмот, кога обичниот Македонец, надворешно е слободен, но внатрешно поробен, поради отсуството на старите духовни водачи.
Прв познат игумен во поновата Бигорската историја е игуменот Иларион, кој игуменствувал од 1743 до 1781 год. Во тоа време манастирот бил целосно разурнат од Османлиите и запуштен. Тој подигнал нови ќелии, ја возобновил малата, стара црквичка што ја затекнал и го утврдил манастирскиот имот. Него го наследил Трифилиј, чиј живот останал целосно сокриен под велот на времето, а по шест години за игумен бил избран Хаџи Тарасиј. Неговото име останало засекогаш врежано на мермерните плочи на амвонот и нартексот од старата црква, кои денес се чуваат во тремот, на надворешната страна од северниот ѕид на соборниот храм. Следниот игумен, Митрофан, направил нешто пресудно за црквата. Во негово време е изграден големиот монументален храм, кој ја заменил старата црквичка. Игуменот се погрижил и за фрескописот на кубето, а го возобновил и метохот на манастирот, кој се наоѓал во с. Рајчица.
Годините што следат потоа се најплодните години за манастирот, кога тој процутел со сета своја убавина. Тоа е периодот на игуменување на Арсениј – највлијателниот меѓу игумените, еден од позаслужните и би се рекло клучни личности, кој придонел за материјалната и духовната надградба на манастирот од 1807 до 1839 год. Тогаш храмот бил доукрасен со прекрасен, дрвен иконостас, биле обновени старите конаци, а машката трпезарија била целосно фрескописана. Со негова помош се одржувал и метохот на Бигорскиот манастир во с. Рајчица.
Со љубовта и грижата на овој игумен од темел биле обновени старите конаци, а во дворот на метохот бил подигнат и храм на Св. Георгиј Победоносец. Заслужни за живописувањето на кубето во оваа црква се Михаил и неговиот син Даниил, кои пак биле ангажирани од наследникот на Арсениј, новиот игумен Јоаким. Тој успешно ги завршувал работите што неговиот претходник не успеал да ги доврши. Во 1848 игуменот Јоаким го повикал Дичо Зограф да ги доврши фреските во метохот.
Во 1870 година, по еден подолг период без постојан игумен, со манастирот почнал да раководи игуменот Михаил. Тој се погрижил да го извади манастирот од економската криза во која беше западнал, обидувајќи се да ги исплати манастирските долгови, преку собирање на помош од наши верници во соседните земји. Игуменот Михаил е заслужен за фрескописот на западната фасада во црквата, бидејќи во 1871 год. го повикал својот сонародник, зографот Василиј Гиноски да го живописа овој дел од црквата. Во времето на неговото игуменување, монахот Неофит од Вевчани ја обновил и поместил чешмата во Бигорскиот манастир, како и чешмата во метохот на манастирот, која ја поставил надвор од манастирскиот двор.
Наследникот, пак, на Михаил, епископот Никодим, кој за игумен дошол во 1907 год. не оставил многу траги од своето игуменување, додека за игуменот Партениј се знае дека игуменувал два пати: еднаш во 1912 и подоцна, од 1916 до 1918. Тој имал завршено ќелијно училиште во Бигорскиот манастир и продолжил на духовна семинарија во Цариград. Потоа 10 години служел како ѓакон на Дебарскиот владика Козма, а за време на Првата Балканска војна, станал и игумен на манастирот. Ова е бурен период во македонската црковна историја, период на судири меѓу Егзархијата и Српската црква, чија жртва станал и игуменот Партениј. Тој маченички е убиен во 1918 год.
Игуменот Спиридон бил последен игумен на манастирот. Тој бил замонашен на Света Гора, а за собрат на манастирот бил примен во 1901 год. Истата година станал јеромонах, а нешто подоцна бил назначен и за игумен. Умира во 1948 год., оставајќи го зад себе својот потрет, дело на Ѓорги Зографски, кој стоеше на ѕидот од гостинската соба, а сега е пренесен во музеј во Скопје, додека неговата надгробна плоча со зачуваниот натпис е поставена јужно од црквата.
Овие боговдахновени старци, како игумени на Бигорската обител, ја вградиле сета своја горешта љубов кон Бога во манастирот, а возвишеноста на нивниот молитвено-креативен дух ја вознела севкупната манастирска градба кон небото. Но благодатниот крвоток на манастирот замрел во немирните времиња на комунизмот, кога 40 години духовно осиромашениот Македонец талкаше по пустината на современото „живеење“ без Бога. И така, дури по неколку децениското маченичко висење на крст, манастирот повторно заживеа со новото братство, кое како божествена светлина им засветли на луѓето, за да им го осветли патот кон домот на нашиот Отец Небесен.