Спасителовото востанување на Божјото Царство на земјата, односно Црквата
Нашиот Господ Исус Христос, како Цар, го создал Царството небесно на земјата набргу по своето Вознесение, кога седна од десната страна на Отецот и кога од Предвечниот Отец добил полнота на власта на небото и на земјата.
Неговото Царство на земјата е Неговата Црква. Бидејќи Он е Цар, се грижи за неа, поставува правила, ги вообличува виденијата и пророштвата и ги укинува жртвите и принесувањат. (Дан. 9,24 и понатаму). Он со нив управува вечно, ја раководи и владее со неа со помош на Своите свештенослужители. Он непрестајно и преизобилно ги дава даровите на Својот Свет Дух, за да го укрепи, зголеми и прошири Своето Царство. Царот Спасител осветува, утешува, чува, возвишува и го прославува Својот народ (види: Јован 15,26 и Дела 2,33-36).
Бидејќи е Цар, Господ во Своето Царство го востановува поредокот давајќи и на Црквата служители. Бидејќи е Цар, Исус на Својот народ му подарил Закон. Бидејќи е Цар, Он го повикува народот да верува во Него. Бидејќи е Цар, од Своите следбеници бара дури и својот живот да го жртвуваат заради Него и Неговото Царство. Бидејќи е Цар, Он му објави војна на злото и со посредство на милосрдието подари мир. Бидејќи е Цар, Исус царува во срцата на верните, кои со посредство на Светата Црква се соединети со Него.
Оној, кој не е поврзан со Црквата, се наоѓа надвор од Царството Христово и лишен е од големата чест да биде син на Царството Христово.
Светата Христова Црква се појавува како божествена установа која нашиот Спасител Исус Христос ја основал заради спасение на човечкиот род. Спасителот ја подарил Црквата како инструмент на Својата божествена љубов и благонаклонетоста кон човекот. Таа е вечен носител на божествената благодат и неопходен услов за човечкото спасение. Бидејќи е Цар, нашиот Господ Исус Христос секогаш е ист и во сите векови ги спасува оние кои веруваат во Него.
За таа цел Он и ја создаде Својата вечна Црква. Таа ги опфаќа сите верни, од првите до последните. Тој се појавува како нејзина Глава, ја одржува како жива и дејствителна и ја закрепнува во сите векови. Главата на Црквата во Еден, Исус Христос, беше средиште на Црквата на патријарсите и на Мојсеевиот Закон, кој со праслики и символи ја предобразуваше Црквата.
Црквата Христова е Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, од самото создавање предодредена за човечкото спасение и востановена за вечно постоење.
Во своето писмо до Панариос, свети Епифаниј расудува за Црквата и на крајот вели: „Црквата беше создадена уште од Адамовото време. Им беше проповедувана на патријарсите до Авраама и во неа поверуваа по Авраама. Ја откри Мојсеј, за неа проповедаше Исаија. Ја јави Христос и таа сопостои со Него, а ние сега ја прославуваме.“ Во 78 параграф на својот трактат за соборната Црква, свети Епифаниј вели: „Карактерот на Црквата е одреден со Законот, пророците, апостолите и евангелистите.“
Кирил Ерусалимски забележува дека Црквата ги вклучува во себе сите кои верувале во Христа пред Неговото доаѓање. Тие ја сочинуваа старозаветната Црква. Освен тоа, тој вели дека Црквата во времето на патријарсите се раководела со ветувањата и верата стекната преку откровението т.е. не писмено, туку усно, Од времето на Мојсеја и пророците, Црквата се раководела со законот и пророците, т.е. со писменото предание.
На тој начин Црквата е Царство Божјо основано на земјата, поради што свети Јован Златоуст вели дека таа е „место на кое престојуваат архангелите, Царството Божјо и самото Небо.“ Светиот Дух Кој се спуштил врз неа, живее во неа во сите времиња, како што зборуваше за тоа Спасителот: Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавте, зашто во вас е и во вас ќе биде(Јован 14,16-17).
Светиот Дух Кој слегол врз Црквата, изобилно и ги дава сите божествени харизми (благодатни дарови). Таа го добила правото да сврзува и разврзува гревови, да го проповеда Евангелието, да го повикува народот кон спасение. Таа добила сила морално да ги препородува паднатите, од нив да направи образ Божји и да ги обдари со образ и подобие. Таа добила право да ги помирува со Бога, да ги направи причесници на Божјата благодат, да ги соединува со Спасителот, да Го дарува Светиот Дух на сите кои доаѓаат при неа и да ги направи синови Божји. Таа добила моќ да ги победува сите свои противници и засекогаш да остане непристапна за нив, да ги руши своите непријатели и засекогаш да остане неранлива.
Според зборовите на свети Јован Златоуст, „кога е победена, таа останува победничка, кога е понижена, станува уште посветла. Ја рануваат, но таа не е победена; ја поткопуваат, но таа не тоне на дно; ја заземаат на јуриш, но таа не бива разурната. Таа не е пасивна, напротив, таа е борбена и никогаш не може да биде победена.“
Црквата на Спасителот е навистина Царство небесно на земјава. Во неа царуваат љубовта, радоста и мирот. Во неа престојува верата во Бога. Преку верското чувство и внатрешното срдечно знаење, доаѓаме до богопознание, до познавање на скриените работи, до познавање на откриената Вистина. Во неа очекувањата добиваат надеж и убедување; во неа се остварува спасението; во неа се распростира Светиот Дух и обилно ги излива плодовите на Својата божествена благодат. Во неа се расцветува божествената ревност по Бога, совршената љубов и богопосветеноста, исто како и желбата за бесконечно соединување со Бога.
Превземено од: Хондропулос, С. (2007). Свети Нектариј Егински: Светител од наше време. Ѓаконија. (Pages 354-357).