Имаш-немаш, дај, радувај се во Господа!

Собрав сеќавања и ги ставив во една кутија за чевли. Решив да ги „издробам“ и да ги фрлам во зрна на птиците, за да ги прелетаат во тишината, за да не траат тука, во ова недоречено ропство, па некој со право да рече, многу зборуваше, но не рече ништо. Она кое не го понесоа птиците ќе го запишам токму тука. Дел од него е помислата, или заблудата на многу луѓе, дека нивните љубови се посебни, а сите религии се исти?! Како што љубовта без дијалектика е патетика и клише (цвеќе за 8-ми март, на пример), така и религијата без дијалектика е безличност. Сите религии се исти, сите зборуваат за етика, хуманизам. Не сум сигурен. Кога би знаеле дека добрината не е целта на верата, поразително би било за многу луѓе, кои за да одат во рајот, за крајна цел ја имаат токму неа – етиката, од друга страна етиката не верува во рајот. Луѓето со право се збунети. Но совршенството, кое по автоматизам го содржи моралот, нема за цел етика, но – обожување. Етиката вели: „Ако имаш – дај“, а Православието вели: „Имаш-немаш, дај, радувај се во Господа“. Нашата крајна цел не се состои во тоа само да правиме добри дела, како реални конкретности, туку да стекнеме добродетелна состојба во душата, нејзино постојано стремење кон чистота, кон светост.

  • Камен за сопнување

Камен за сопнување во верата се етиката, човечката волја, суд и правда. Доста често слушам како некој говори дека сите религии се исти, сите зборуваат за ист закон и заповеди: не убивај, не кради, не сведочи лажно и сл. Меѓутоа, секое човечко создание – Божји образ има ревност за Бога, но не според сознанието и законот, туку според верата, оти крајна цел на Законот е Христос. Чуму ми е етика, без благодатта Божја? Карпа за соблазна и Христово подредување под Законот е токму лукавоста на оваа порака која ѓаволски се мантра и пренесува: важно е да си добар, да не лажеш, да не правиш зло некому итн. Како што е напишано: „Еве, полагам на Сион камен за сопнување и карпа за соблазна“ (Рим. 10, 33).

Болката и притеснението на „добрите“ луѓе е токму оваа: Како да Го повикаат Оној во Кого не поверувале? Се мачат со праведноста од верата која вели: „Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се искачи на небо?“, што значи да Го симнеш Христос од крстот и воскресението, или: „Кој ќе слезе во бездна?“, што значи да се изведе Христос од гробот! Човекот исполнет само со „добрина“ – без вера, е како стомна за вода без дно. Спротивно на тоа, верната душа бара нешто повозвишено, Го бара Бога.

Несомнено е дека разликата во духовниот раст меѓу луѓето е огромна. Додека едни се влечкаат по земјата како змиите, други патуваат на „југ“ како птиците, воздигнувајќи се на небесата помеѓу ангелите. Некои со устата се доближуваат до Христос, а со срцето се далеку од Него. Други редовно ги запазуваат обичаите: одат во црква, палат свеќи, мијат раце пред јадење, оставаат пари на икона, но не внимаваат на она што излегува од срцето. Трети, пак, кои се грижат само за златните храмови и идоли биваат уплашени за нивниот златарски занает да не остане празен, оти Св. Апостол Павле еднаш беше рекол дека не се богови оние што се прават со човечки раце.

Има и такви, како атинските философи, кои кога од Павла слушнаа за воскресението од мртвите, му рекоа: друг пат сакаме да слушаме за тоа, а дотогаш внимателно го беа слушале; воскресението ним им е далеку, далечна им е верата, далеку од умот, оти се само тукашни, како схоластици и скептици. Некои се ритаат против бодило, очајно и безнадежно војуваат против Христа.

На крај, има и такви, кон кои ми беше насочена мислата, коишто слепо го запазуваат само хуманизмот и етиката, како Мормоните, велејќи дека сите религии се исти; тие, сакајќи да се оправдаат според Законот (важно е да си добар кон луѓето), ја тргаат од тронот љубовта, подредувајќи ја на секундарно место. Мислам дека срцата нивни – запазувајќи го Законот, несвесно се оддалечуваат од тајната на љубовта, чија суштина вели: Законот и хуманизмот ништо не доведуваат до совршенство и секој обид да се најде совршенство преку етиката е бесцелен, единствено тоа го прави нејзиното величие – Љубовта, преку верата, надежта и дејството на Светиот Дух.

Љубовта сфатена како уподобување на Бога во мерата што ни е достапна. Онаа кинетичка љубов, дејствителна енергија, којашто се шири како бран кој е во постојано и вечно движење, најдобро речено – благодат, којашто раздвижува, скротува, успокојува и преобразува сѐ што е во универзумот.

Слава на Бога.


Фогографии: Ристе Стамаџиев