Имав еден колега со кого работевме заедно во една фирма. Тој беше одговорен за продажба на машините за одржување на јавното зеленило и парковите. Тримери, косачки, моторни пили, мали трактори итн. Еднаш ми пренесе едно искуство за една фирма, наш клиент. Вели, Ѓоргија, во таа фирма тримерите за косење не се расипуваат и се одржуваат добро, односно потребата за сервис и резервни делови или промената во гарантен рок, е далеку помала од кај останатите комунални фирми. Зошто, го прашувам. Па, таму, вели, на луѓето кои работат им е даден по еден тример за косење и по една класична рачна коса. Сакаш коси со тримерот и грижи се за него, или сакаш коси со косата. Работата мора да биде завршена и делот кој тебе ти припаѓа мора да биде завршен. Твое е да си одлучиш: ќе работиш со тримерот, или ќе работиш со косата. За одговорот претпоставувам веќе знаете…
Дали ние знаеме како и со што се одржуваме во верата? Како кај нас самите е завршена работата и дали е завршена? Со што косиме ние на Господовата ливада? Полето Божјо, дали ни е изорано, посеано и ожнеано?
Еднаш еден човек ме праша дали и од кога сум јас воцрковен. Му одговорив дека никогаш не сум одцрковен, но секој ден се воцрковувам повторно и повторно, дење и ноќе, постојано, но пак грешен останувам и оставам на другото утро повторно да се воцрковам. Со надеж дека до последниот ден ќе се воцрковувам и на последниот ден ќе се најдам во Црквата – како воцрковен и никогаш неодцрковен.
Но, каков е патот по кој ние одиме до Црквата?
Со тримерот, или со косата? Односно дали ја негуваме тревата, дали ја газиме, дали гледаме само на цвеќињата, а не гледаме на детелината? Дали ја наводнуваме или само ја косиме? Дали ја слушаме на ветерот, дали ја мирисаме на откосот? Дали ни е иста и зелена и сено на копата наредена?
Како веруваме?
Како митарот или како фарисејот? Како левиот или како десниот разбојник? Лествица си градиме или јама си копаме? Со страв, вера и љубов пристапуваме или пристапот ни е страшен, недоверлив и себичен?
Да се запазиме во верата…
Да се сконцентрираме на послушанието, да се фокусираме на законот Господов, да се радуваме на животот, да се воплотиме во молитвата, да го исплачеме покајанието, да се смириме во душите и срцата, во постот да заборавиме на нас самите, во огледалата ликот Господов да го гледаме, нашиот да го скриеме… Силна вера да имаме од вистината изродена, со благослов оросена, за Името Господово, за волјата Негова…
Само така патот ќе го изодиме – од никулецот на тревата, од зеленилото, до откосот, до сеното и повторно до пролетта. Само така тревата ко цвет ќе ни биде и цвеќињата ќе го расшараат зеленилото.
Пред Бога нема значение дали косиме со тримерот или со косата. Пред Бога е важно каква киска ќе донесеме, какви цвеќиња ќе постелиме.
За таму, при Него, душата бавча да ние е и со Негов благослов на зеленилото да се распостелиме.
Од раѓање и од крштение ние од Него сме воцрковени, само Црквата да ја градиме и доградуваме, да ја осветиме, за цветниот венец над вратата да го исплетиме. И со страв Божји да влеземе.
За Името Господово.