Љубовта ќе олади

И кога седеше во Елеонската Гора, дојдоа при Него учениците Негови насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?“

Прашање кое е изгледа интересно за секоја нова генерација христијани. Јас, еве, безмалку четириесетина години слушам дека само што не дошол свршетокот на светот, само што тогаш немаше социјални мрежи и ограничен беше просторот да се прославиш на таа тема. Кога би се присетил малку, тогаш тој свршеток изгледаше пореален од денес: во црква не ни даваа да се причестиме повеќе од четирипати во годината, па дури нѐ сметаа и за еретици и нѐ бркаа од пред светиот путир; за да се причестиме повеќепати, моравме да ги менуваме црквите во кои одевме на Литургија; за да ги одоброволиме свештениците за причест, се исповедавме кај секој што беше дежурен таа недела; освен „Лествица“ и Свето Писмо, немаше што друго да прочитаме; дома не ни смеевме да кажеме дека постиме и дека одиме во црква; манастири и монаштво немаше; никаде немаше никаква утеха, ниту слово поучно, духовно… Дотолку немавме ништо, што немавме ни кого, ни каде да озборуваме, да судиме и осудуваме, како и лично да вреѓаме.

А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ’Јас сум Христос!‘, и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот“.

Ова, исто така, повеќепати го доживеа мојата генерација. Значи, и тоа е веќе видено. Посебно она „Јас сум“, а всушност, тој истиот да ти работел за некој национално сфатен и ограничен Исус.

Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на болките.

И ова повеќепати се случило и се случува; и сигурно допрва ќе се случува.

Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.

И првиот дел од ова пророштво повеќепати досега се случил, но сѐ уште не во тој размер, та да бидеме намразени од сите народи заради Христовото име. За ова да се случи, би требало сите народи и сите вери да се обединат против Богочовекот Христос, а тоа сѐ уште не се случило.

Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади.

Последнава реченица е клучот за разбирањето на пророштвото; посебно зборовите: кај мнозина љубовта ќе се олади. Богочовекот Христос со овие зборови сака да ни ја посочи причината за свршетокот на светот: оладувањето на љубовта. И да го опише тогашното време.

Сега, логично, се поставува прашањето: кај кого љубовта ќе олади, односно кој ќе биде виновен за свршетокот на светот?

Љубовта ќе олади кај тие што ја добиваат како дар Божји во Црквата, а не ја негуваат и не ја развиваат. Љубовта ќе олади кај христијаните, кај православните. Божествена љубов само тие имаат. Јасно ви е сега зошто пишувам дека сѐ од нас зависи, од нашето покајание, а не од некакви демонизирани сили, кои ни смислуваат не знам какви зла? И јасно ли ви е кој е виновен?

Но, пред љубовта потполно да олади: мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина. Ова последново, нема каде толку да се забележи колку на социјалните мрежи.

А кој претрпи докрај, тој ќе биде спасен (Матеј 24, 1–13). И кој е паметен, ќе сфати.

Пресвета Богородице, спаси нас!