Малку за радоста

Извор на лажната религиозност е неспособноста да се радуваш, или поскоро, одрекувањето на радоста, додека радоста е апсолутно суштествена, бидејќи, без двоумење, претставува плод на присуството Божјо. Не може некој да знае дека постои Бог, а да не се радува. Само во врска со радоста, стравот Божји – и смирението – се правилни, вистински и плодоносни. Надвор од радоста, сè станува демонско, еден длабок распад на секое религиозно искуство. Една религија на стравот. Религија на лажното смирение. Религија на вината: сè е искушение и стапица – навистина многу силни, не само во светот, ами и во Црквата. „Религиозните“ луѓе, гледаат на радоста, на некој начин, со подозрение.


Прв и главен извор на сите нешта е „Благословувај Го, душо моја, Господа…“ Стравот од гревот не нè ослободува од гревот. Тоа што нè спасува е радоста во Господа. Едно чувство на вина или на морализам не нè ослободува од светот и од неговите искушенија. Радоста е темелот на слободата во која сме повикани да застанеме. Каде, како и кога се испреврти и отапи таа атмосфера на Христијанството – или поскоро, каде, како и кога Христијаните започнаа да се оглушуваат на радоста? Каде, како и кога Црквата, наместо да ги ослободува измачените луѓе, започна да ги заплашува и да ги тероризира со садистички начин?

Луѓето постојано доаѓаат за да бараат совети (денес од 7:30 часот наутро, исповед, разговор, разговор, разговор, четири луѓе со проблеми, без да ги бројам средбите што ги имам подоцна). А некоја слабост или лажен срам ме задржуваат да им речам: „Немам ниеден совет да ви давам. Немам ништо, освен една слаба, речиси готова да падне, но, сепак, за мене – непрекината радост. Ја сакате?“ Не, не ја сакаат. Сакаат да разговараат за „проблеми“ и да зборуваат за „решенија“. Не, не постоела поголема победа на ѓаволот во овој свет од таа „психологизирана“ религија. Во психологијата има сè. Само една работа во неа е неразбирлива, немоќна: радоста!“

Извадок од „Дневникот“ на Протојереј Александар Шмеман († 1983)