Љубов, смирение – Преображение, Успение

                                                                         Посветено на отец Методиј Валаамски († 2021)

Јас не сум достоен да говорам за било што од ова…

На Успението твое, Мајко, да се радуваме и да се надеваме. Од Тебе прозби измолуваме, да се застапиш за нас грешните, да нè спасиш нас грешните, да нè покриеш со твојот свет покров, да нè опкружиш со твојот свет појас, да нè имаш на десницата и во милоста, пред Оној Кого Го роди и со Кого ги запре гревовите на светот. Да нè оросиш со солзите твои голготски. Да ги спасиш дечињата и мајките на светот. Така ќе нè спасиш и нас другите. Раширена врз вселената, Потпоро на светот, Извору балаклиски, измоли за нас мир и спасение. Милостива Мајко Исусова, оздрави нè во срцата и душите, исцели нè во мислите, успокои нè во делата. Владичице наша, ракоположи нè во луѓе, та како луѓе да ти се молиме и да те славиме, како луѓе да живееме…

Во Преображението, Господи, вера да ни се изроди. Вера без премисла, вера без двоума, вера без сакалма, вера без недоверба. Секое ритче, планинче, секое тумбе, балканче… за нас Тавор да е. Со преобразба да се крстиме, со таа светлина да живееме, со благослов и послушание, вечноста да ја имаме катаден и севезден. Та и ко луѓе да опстанеме и во Христа да се обожиме.

Смирение, Господи, дај ни, по молитвите на Твојата Мајка, нашата премила Богородица. Смирение тешко, но лесно како пердув, смирение неиздржливо, но полезно, смирение празно, но душа што полни, смирение далечно, но вкоренето во нашите срца, смирение од ближните наши, но за душманот наш, смирение просто, но со голема мудрост, смирение што го нема, но смирение постојано во нас… Смирение по нашите дела, но по Твојата Милост, Господи, та да бидеме луѓе смирени.

Љубовта… Тоа е Светиот Дух во нас. Инаку не би живееле, не би говореле, не би постоеле… Зрнцето песок би ни било карпа и товар, ако љубовта во нас не пребива. Со солзи измолувам, до последниот мој здив, во љубов да живеам, човек да останам.

Гулабице на нашите животи, преблага Мајко, застапи се за нас грешните, недостојните и непоправливите, пред Твојот единороден Син, Господ наш Исус Христос да нè спаси и помилува како добар и човекољубив, да нè помилува како последни, само да не нè заборави.

Простете ми.