Современиот свет и радоста III дел

Завчера авионот тргна од Солун за Атина, и кога бевме веќе скоро стигнати, ни рекоа дека се враќаме во Солун. Зошто? Да не е во прашање бомба? Дефект? Да не дошло до војна? Во авионот само за тоа се разговараше. Што има нас да нè загрижува тоа? Авионот стигна до Атина, повторно се врати во Солун, ништо не ни се случи. Никогаш не треба прво на зло да помислуваме. Да не се плашиме. Да не се грижиме. Да не стравуваме. Па, дури и кога ви нанесуваат неправда, кога страдате заради другите, кога ве клеветат, немојте да се потресувате, немојте да се занимавате со тоа. Нека зборуваат за вас што сакаат. Немојте да се вознемирувате па дури и кога ве проколнуваат. Среќата не можете да ја изгубите, зашто неа не ја очекуваме од луѓето, туку од Бога.

Напротив, доколку сè повеќе ги сакаме другите, доколку „плачеме со оние што плачат“, колку повеќе се жртвуваме за другите, толку поголема среќа стекнуваме. Колку повеќе нашето срце го живее тоа искуство, толку повеќе ја сфаќаме помошта од Христа. Што значи тоа „помош Христова?“ Тоа значи дека токму во тој критичен миг, Господ влегува во моето срце, и јас во себе поимам, чувствувам сила, радост, чувствувам дека се случува нешто друго, чувствувам дека Христос влегува во мене.

Човекот кој се кара со другите, кој нема мир, е „туѓ на радоста“. Немој да ги обвинуваш луѓето; сложувај се со нив. Имаш некој претпоставен кој не те поднесува. Обраќај му се на убав начин, вели му „благодарам“,најди прилика да му подариш нешто, и ќе видиш дека и тој тебе ќе те испочитува, како што ти него го испочитува, и дека Бог ќе те награди двојно, четворно.

Насмеаното лице исто така игра многу важна улога. Да не бидеме тмурни, намуртени, лицето наше да не биде тажно, зашто како што срцето наше кога е огорчено и тешко, ги труе нашите усни, очите наши, ушите наши па се разболуваме, така ќе се разболиме и кога нашето лице е постојано намуртено, кога не се смееме – мажот, жената, а особено децата. Кога сè ќе ставиме пред лицето Божја, тогаш сè престанува.

Кога ќе го стекнеме искуството на тоа блаженство, ние се наоѓаме во близина на рајот. Човекот кој се радува веднаш може да отиде на небото. Човекот кој се грижи, заморува, останува без надеж, ниту некогаш се сеќава на Христа, ниту може да се моли. Зошто правиш срцето да ти венее? Како со тажно срце ќе влезеш во Рајот? Да си велиме и себеси и на другите „Радувај се!“ И колку што ќе се менуваат нештата во светот, толку и ние ќе бидеме умилни и радосни. Зошто? Бидејќи смртта умре и небото стана наше. Смртта е проблем на сите векови. Но смртта е „умртвена“, проголтана, уништена, и ние сега веќе со радост и мир во Црквата можеме да патуваме кон вечниот живот. Молитвата ќе ни помогне. Искушенијата со кои ќе се среќаваме низ животот ќе нè калат и ние ќе стануваме уште повеќе верни. Маките и тешкотиите се „средства за размена кај праведниот судија“. Си бил болен, си се изморил, си имал тешкотии? Ако не се плашиш, ако чувствуваш дека веќе Му се приближуваш на Бога, тогаш болката, заморот, тешкотиите, болестите се средства за размена. Даваме десетина, а добиваме милиони. Така животот наш станува неискажлива радост.

Колку само искуства на радост и воскресен живот има во Божествената Литургија! Знаете ли што примаме во себе кога се причестуваме? Бесмртност! А кога велиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“, се причестуваме со Светиот Дух. Да не ги забораваме овие нешта, зашто треба да бидеме заедно со сите оние кои се радосни на небесата. Светителите горе, на небото, не се намуртени. Тие Го слават Бога „прославениот во светиите“. Тие се осведочени во Бога и чудесни се, значи, прават чуда. Христос не прави чуда само врз нас, туку и ни помага со небесните сили и началства, значи, со ангелите и светиите, кои доаѓаат и посредуваат во нашиот живот за да можеме секогаш да бидеме успешни. Слегуваат небесата, слегува и Света Троица, зашто слегол Господ. И кога понатаму Христос со Вознесението повторно се искачи на небесата, не нѐ остави сами. Ни отвори пат и Он слегува и ја обиколува целата вселена и секое срце, и кога ние го бараме од Него тоа, Он со Својата љубов сиот свет го обдарува со радост. Он ни извикува: „Радувајте се и веселете се“.

А што вели Црквата наша? „Христос Воскресна!“ „Радувајте се !“ Знаете ли како е наречена нашата Црква во Светото Писмо? „Убавица“. Постои една убавица, Црквата, која ни дава мир и радост. Зашто нашата Црква го слуша гласот Христов кој вели: „Ќе се зарадува срцето ваше“. И бидејќи Отецот Небесен, мене, Црквата, убавицата, невестата Господова ме благословува и љуби, ќе ве љуби и вас, дарувајќи им на вашите срца, заедно со печатот на тој целив и радост и мир.

Што сѐ ни подготвува Бог горе на небото! Зошто Он се искачува и слегува? Зашто е наш Отец. Таткото заминува на работа, насекаде трча заради своите деца. Кога земниот татко така прави, колку ли повеќе прави Отецот Небесен! На овој начин и ние можеме да Го чувствуваме Отецот Небесен. Кога сме во прегратките на Црквата, земјата и небото стануваат едно. А кој е Црквата? Ние сме Црквата, Отецот е нашата радост и ликување. Отецот е невидливо присутен во секој дел од нашата Црква.

Сите ние сме Божји верни чеда, некој прво, некој второ. Како што вели Св. Јован Златоуст во своето поучно слово на Пасха, сите сме повикани во Царството Божјо. И вие првите, и вие вторите, влезете во свадбената одаја Христова. Прв ли си, втор, милионити? Тогаш со вера повикај го името Господово и веднаш ќе сфатиш дека си бил и си повикан во Царството Божјо.

Господ, на Апостолите, Светиите и на сите христијани им вели: „Радувајте се, зашто вашите имиња се напишани на небесата“(Лука, 10, 20). На небото се запишани ангелите и архангелите, запишани сме и ние. Господ нѐ очекува во Својата радост. Првиот, вториот, третиот, сите со радост да Го исповедаме Бога и да бидеме пофалба на својата Црква, како сите да сме апостоли и мироносици, а пред сѐ огнени вљубеници во Исуса Христа, за секој ден да ја имаме воскресната радост.

Кога воскресна и ја виде Св. Марија Магдалина, Христос ја повика: „Марија“. Таа претходно не Го беше препознала, зашто беше поинаков, беше со изменет лик. Кога ја повика по име, таа сфати дека тоа е Христос и рече? „Равуни“, што значи: „Учителу мој“. Така и нас Христос нѐ повикува по име. И како што таа Му одговори „Равуни“, „учителу мој“, слично и ние треба да чувствуваме дека Христос е наш и дека Го имаме во себеси. Кога ќе бидеме радосни, тогаш и на другите ќе можеме да им посакаме и подариме радост.

И јас ве поздравувам со огромна радост и со зборовите на Апостолот Павле топло ви посакувам: „А понатаму, браќа мои, радувајте се“ (Филип. 3, 1). „Радувајте се и бидете радосни со мене“(Филип. 2, 18). „Радувајте се секогаш“(1. Сол. 5, 16).