Ќе ти кажам едноставно и човечки, од моето духовно ниво, кое е ниско и земно, зашто се уморив од сложени анализи.
Не очекувај животот да те праша дали и колку издржуваш. Тоа никогаш нема да се случи.
Не очекувај да се појават совршените услови, за да кажеш: „Ќе живеам!“. Живеј денес и грабни ги можностите што Бог ти ги дава како знаци на Своето присуство.
Не очекувај да се создадат идеални ситуации за да се насмееш. Секогаш ќе има едно „но“, коешто ќе остава горчлив вкус во твојата уста. Една причина да ропташ и да западнеш во меланхолија, за да уништиш сè и да престанеш да се смееш. Не ја троши радоста во лагата за утре. Тоа не постои.
Не очекувај да најдеш совршен татко или мајка, за да немаш рани.
Не очекувај да најдеш совршен сопруг, затоа што едноставно нема да го најдеш.
Не очекувај да создадеш совршени деца, зашто такви едноставно не постојат.
Не очекувај да сретнеш совршени пријатели, затоа што дури и ти не си таков.
Воопшто не барај совршенство во човечките работи. Еден тварен и тленен човек не може да прави нешто повеќе од грешки. Тоа е и неговата убавина – бидејќи е несовршен – го бара совршенството.
Не очекувај да ја најдеш идеалната работа, затоа што едноставно ќе останеш без работа. Не очекувај да стануваш секое утро и да велиш: „Колку е сѐ убаво, ќе одам на работа!“. Заборави. Сите луѓе имаат моменти во кои им е тешко, се досадуваат, се изморуваат и сакаат нешто друго, нешто различно од она кое рутината на секојдневието им го налага.
Не очекувај да најдеш совршен дом, за да се насладуваш на зајдисонцето. Погледни од прозорецот и види го. При потреба излези на терасата, но види го, не одложувај.
Не очекувај да имаш совршено друштво за да појдеш на прошетка. Тргни, макар и сам. По пат ќе сретнеш сопатници.
Не очекувај да ги добиеш сите одговори, за да секнат прашањата. Одговорите обично доаѓаат кога ќе престанеме да прашуваме.
Не очекувај да Го видиш Бога како едно „суштество“ кое излегува од небесата, подобно на холивудски филм. Тоа едноставно никогаш нема да се случи и ќе ја изгубиш можноста да Го сретнеш во секојдневието.
Совршенството Му припаѓа само на Бога.
Во овој живот, воопшто, не постојат совршени состојби, совршени услови, совршени лица. Тие работи се после крајот на овдешната претстава.
Оттука натаму што да правам? Можеме едноставно и без насилие да се помириме со нашата немоќ и несовршеност. Со моето и со она на другиот, на луѓето кои нè опкружуваат.
Извор: otecharalampos.wordpress.com
Превод: Наташа Наумоска