Тажно е галеби да носиш на своето рамо,
а да не го чуеш нивното милување.
Просто ме воодушевува Христос кога во едно четиво вели: „Кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки“ (Лука 9,26). Какво смирение Христово! Зошто тоа го рекол? Зарем некој се срами од царот, од дотераноста на судијата, докторот, претседателот, олигархот, политичарот, или не се гордее со такви профили? За да биде виден, врви покрај нив и дига рака високо – се поздравува по пазариштата и улиците. Но, Христос не бил таков, убаво облечен како Ирод и Пилат, ниту во слава како императорот Нерон. Впрочем, каков Христос барале Јудеите, па и ние денес? Христос со костум и вратоврска тесна, со убава мантија и свилена пана!? Нема таков Христос на модата. Се прашувам, дали ние би Го примаме Христос таков каков што е, или овој род е како негостољубивите Самарјани – кои не Го примија, зашто имаше изглед на обичен патник? „Лисиците имаат легла и птиците небески гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да потслони“ – рекол Христос (Лука 10,58).
Сум видел некои кои се срамат и се тргаат настрана од луѓе кои седат покрај продавница и пијат пиво. Се срамат оти не им се прави муабет со пијаници – „испод“ чест им е. Мене, искрено, повеќето од нив ми се многу пријатни и добри. Згора на тоа, стално стројно застануваат пред мене и со достоинстен поглед ме поздравуваат – ми прават чест. Ме поздравуваат и опсипуваат со голема љубов. Убаво се чувствувам, не ги сожалувам, оти гледам дека се полни со љубов која ја даруваат. Прашањето е каков Христос бараме? Би бил искрен кога би рекол дека доколку се појави Христос повторно, ќе седне со облеката на љубовта покрај тој „пијаница“ и, да го парафразирам еден црковен отец, ќе заползи по земјата, за да ја собере неговата прашина, да ја стори глина со својата блага плунка и да ја стави на пијаните очи, за да биде добро. Чинам, со духот на слободата, ќе седнам крст-нозе покрај нив и ќе се поучувам од човекот, та ќе го запрашам: како „неговиот“ Христос и јас да го засакам?
Христе, се чудам колку лесно стануваме нечувствителни и себични. Немаме време за луѓето, дури ни за Тебе, како да имаме друго евангелие. Лесно Те предаваме и Те оставаме Тебе и ближните да висат таму некаде, а знаеме дека е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво“. Дали денес ќе се најде некој Јосиф меѓу нас, кој би те симнал од крстот, за да не висиш така „мртов“, Христе – Животот на сите?
Господи, го сакам истиот мир каков што беше на првата средба со Тебе, кога не се мачев да срочам мисли во облека на зборот, туку благодатта сама прелеваше врз мене без готови зборови и реченици. Јасно е зошто не можам целосно да ја опишам таа средба, но знам дека преку неа допрев до верата. Со верата Ти се всели во срцето, а со Тебе дојде и љубовта. Оттогаш знам дека кога човек ќе ја осети Божјата милост и благодат – нема повеќе назад, како да се разбудил од тап и бесчувствен сон. Христе мој, се прашувам, тогаш зошто брзаа кон Тебе како кон разбојник, зошто одма те најдоа? Како можеше Ти да им сметаш? Зарем и тогаш не им се криеше, беше едноставен – обичен и мил? Колку ли чинеше, па да имаат помисли и да те предадат луѓе кои многу пати ги заштитуваше? Не разбирам како може тоа. Не брзаа, те распнаа за добро расположение, антика и вино. Тешко мене, оти не можам да го сфатам тоа. Баш е чудно.
Господи, укрепи го нашето срце, за да не се плашиме и да Те препознаеме кога ќе тропнеш на него и, најважно од сѐ, да не Те предадеме за ништо. Ти благослови нѐ, смилувај ни се и научи нѐ да те љубиме! Амин!