НИЕ – РАЗУМ (Трет дел)

Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав.

(Псалм 131,14)

НИЕ сме Христови. А според Христос, кои се Христови?

Имаме еден убав празник. Крстовден. И да Му благодариме на Бога што го имаме за празник и да го славиме… Пред царот Ираклиј да го врати Крстот таму каде што припаѓа, Крстот беше во туѓи раце, во неверни раце, во погани раце, но и тогаш и таму, Крстот правеше чуда. Кај тој народ, во тие земји, на тоа место, Крстот живееше и чудотвореше…

И денес прави чуда насекаде. И денес Крстот е жив и животворен, на него се поклонуваме и се поклонуваме на Оној Кој доброволно го освети Крстот, за нас и за нашето спасение.

Така веруваме. Со срцето и со душата. Но, треба да веруваме и со умот и со разумот, односно, целосно срцата и душите да ги принесеме во разумот, та со цело наше битие, вклопено во целиот наш организам и дух, вплотено, уште посилно да го распалиме огнот на верата…

Ова значи како ние пристапуваме, како ги согледуваме и како ги прифаќаме нештата околу нас; дали судиме, дали сме неверни или слабоверни, дали си создаваме наш систем и наш универзум, или го прифаќаме Божјото, односно дали оставаме сѐ на Неговата света волја, со примена во нас самите и во нашите животи…

Значи ако Крстот делувал таму некаде, кај некои иноверни, зарем ние треба да мислиме дека тие не постојат, не се луѓе или не заслужуваат? Односно, ако тие мислат нешто подруго за нас, односно не нѐ почитуваат како што сакаме ние, дали тие ако го расцепеле и изгореле Крстот ќе биле подобри или полоши во нашите очи, отколку што би биле полоши во нивните сопствени очи и во нивниот сопствен дух; отколку сега кога го зачувале Крстот и Крстот ни се вратил нам?

Да не судиме…

Односно, да веруваме и да живееме со разум. Да го зачуваме разумот заради нас и заради сѐ што нѐ опкружува, заради сѐ што веруваме. Да биде така.

А ние денес како го чуваме разумот?

Со умот во срцата и во душите, во верата? Или со умот на пасење?

Да го засакаме умот во вистината, верата и истрајноста. Да љубиме искрено. Верата во Бога Троичниот да ни е постојан водител и бескомпромисен патоказ. Милостивата Мајка да нѐ има под покривот. Умот да извира од срцата и душите. Да не судиме, да разбираме…

Разумот е разбирањето на умот, а умот задржан во нашата вера и љубов е разум во Христа…

Само така сме вистински Христови.

Крстот никогаш да не нѐ остави…