Докторе, како да го воспитам син ми да биде арамија?

Ако сакате да ги воспитате своите деца да бидат успешни во овој обесчувствен и затоа обесмислен свет, избришете им ги чувствата за срам и сочувство. Во нив ќе остане само егоизмот. Ќе добиете успешни, смарт арамии со дисертации и на функции. Само, за многумина е доцна

Венко Андоновки

„Ми доаѓа ова прашање да му го поставам на некој детски психијатар! Очигледно, целосно погрешно ги воспитувам своите деца“, ми вели еден пријател. „Вчера бевме на ручек во кафеана. Музиката беше прегласна, а бевме единствените гости: очигледно, келнерот си уживаше на работно место. Го замолив син ми (четиринаесет години) да стане и да му каже да ја стиши музиката. Ми рече: „Незгодно ми е, тато“. Потоа ја замолив и ќерка ми, која има седумнаесет. И таа ми рече исто – непријатно ѝ било. Ѝ реков дека нему треба да му биде непријатно, а не нејзе. Конечно, станав и ја завршив работата. Моите деца не знаат да се справат со обичен дибек! Претерано фини и обѕирни, тоа денес значи – неспособни. Ако ги вработам во златарница, ќе им биде незгодно да одбијат ограбувач! Неподготвени се, целосно, за живот во овој свет.“
Што да му кажам? И Трамп и Бајден, како да се Балканци, прогласија победа пред официјалните резултати. А децата на мојот пријател не би можеле да бидат ни Бајден ни Трамп. Значи, за политика – не ги бидува. За потплатени новинари или медиумски убијци пак ич: не би можеле да земат стап и во медиум да направат татар-бифтек од живо човечко месо, откако партијата означила цел за отстрел на непослушник. За професори или научници најмалку: би се отепале од читање да докторираат наместо да земат туѓ докторат и да го препишат. Навистина, ти доаѓа да си ги воспиташ децата како арамии, за да бидат општествено употребливи! Но како се станува арамија? Лесно е или тешко тоа? Која му е основната особина?

Безобѕирност. Поедноставно: бесчувствителност. Денес е реткост да се налета на човек со осет за другиот. Бесчувствителноста станува веќе главна работа на оној општествен дрил што се вика образование: ефикасно образование денес подразбира да се произведе човек способен да се „излакта“. Знаењето е во втор план, снаодливоста златни врати отвора. Тоа со гордост го викаме „амбициозен млад човек“. Дрскоста ја викаме храброст, а невоспитаноста – иницијативност. Метеорскиот технолошки напредок го форсира таквото ОБЕСЧУВСТВЕНО образование: ја разгорува идејата дека МОЖЕШ СЀ (со еден клик на копчето од компјутерот) и дека ЗАСЛУЖУВАШ СЀ, и тоа ВЕДНАШ. Дедо ми, околу 1940 година, имал ретка привилегија, како писмен, да пишува со молив на лизнување и да води тетратка во бакалскиот дуќан. Тој молив „на плунка“ бил вреден колку денешниот ајфон. Татко ми, само 25 години подоцна (1965), пишува на машина за пишување. Јас, по 24 години (1989) ја пишував магистерската на компјутер. Тогаш на факултетот имаше само еден масивен пи-си, под клуч кај домаќинот, како врвно богатство. Таа снежна зима, за време на распустот газев добар снег поради предностите на тоа чудо што брише, преместува цели пасуси каде сакаш и менува латиница со кирилица кога сакаш.

А само три години пред тоа, за дипломската, го вадев листот од кириличната и го „центрирав“ на латиничната машина секогаш кога наведував латиничен цитат! Моите деца денес не мора да одат никаде, дури ни да седнат на работна маса за да пишуваат: можат тоа да го прават во кревет, на ајфон или ајпед, а можат од дома да читаат и книги од Вашингтонската библиотека. Минаа само шеесетина години (еден релативно краток човечки век), од моливот „на плунка“ на дедо ми до ајфоните на моите деца.

Но секој напредок си има и своја цена. Главно, секој комодитет го прави човекот поразгален и помалку чувствителен. Уредите за брза комуникација, колку и да се „смарт“, не помнат чувства. Најчувствителното нешто на „смарт“ уредите е тастатурата – само таа е sensitive, и тоа на истурено кафе и јогурт, не и на солзи. Ќе речете: а како чувствува машината за пишување? Па, подразбира бар осет за другиот, за разлика од смарт уредите. Добро ќе размислите дали ќе заштракате на неа во 4 наутро, зашто некој сака да спие. Ајде, можеби машината самата по себе и не е емотивен медиум, ама хартијата со ракописот на дедо ми – била емотивен медиум. Кога порано пишувавме писма на рака (во војска на пример), по ракописот можеше да се познае во какво расположение бил пишувачот. Ако уште имаше и размачкани букви, значеше дека плачел над напишаното.

А ниедна тастатура, без разлика колку била sensitive, не ја помни солзата на оној што праќа последно љубовно писмо до онаа што му раскинала, по електронска пошта. За таа солза знае само праќачот, не и примачот.

И втората темелна емоција врзана за човекот, СРАМОТ, денес е прогонет поради технолошкиот напредок. Полесно е да се избегне срам (да се побараат пари на заем) по електронски пат, одошто очи во очи. Полесно е да се биде и бесрамен на социјални мрежи, одошто во живо. Откако ги снема срамот и чувственоста, човекот сведен на „смарт уред“ уште посилно ја чувствува најстрашната болест на денешницата: БЕСМИСЛАТА. Технолошкиот напредок не само што не го намали тој егзистенцијалистички „ужас на празнината“ на Ками и Сартр, туку и го – зголеми. Моите деца повеќе од мене се жалат дека животот е бесмислен и „досаден“, иако в рака држат смарт уреди, кои би требало, како умни уреди, да им го осмислат светот и да им ја убијат бесмислата, што најчесто се изразува како досада. Дедо ми, кој ја имал само својата рака како орган за создавање смисла, немал ни време да си го постави тоа прашање за смислата, ниту имал време да му биде здодевно: шест деца туркал на пат. Од каде тој ужасен пад од смисла во бесмисла за само две колена? Од бесчувствителноста, која раѓа внатрешен, личносен арамилак. А тој нужно води кон надворешен, општествен арамилак. Арамијата прво дома и краде и јаде.

Има само два патишта што водат до смислата. Едниот е поимен (рационален), другиот чувствен. Денес со бесмислата главно се справуваме ПОИМНО. Со рационализација му инјектираме смисла на исцицаниот свет: трчаме по докторати, кариери, политички програми за подобар живот, активистички здруженија… И, иако тоа се покажува неуспешно и повторно не сме среќни, тврдоглаво продолжуваме по тој пат. Никако да помислиме дека можеби смислата воопшто и не е интелектуална, туку ЧУВСТВЕНА категорија, особено денес, кога секој втор има едуциран, а секој стоти има емотивен интелект. Сакале ние да признаеме или не, поимот ОБЕСЧУВСТВУВА разбирајќи, зашто во ниеден поим нема посебност и емоција, туку само општост и рационализација. Поимот „девојка“ не е „мојата девојка“. Дури и да кажете „мојата девојка“, придавката „моја“ е само поим. Но СМИСЛАТА на поимот „мојата девојка“ се раѓа ДУРИ кога ќе прегрнам една конкретна девојка. Смислата е самото ЧУВСТВО дека ТОА е мојата девојка. Порано до смислата доаѓавме преку рамнотежа на поимното и емотивното.

Се трудевме да бидеме и добри и учени луѓе: во зборот „образование“ не случајно корен е зборот „образ“ (=срам). Денес учиме само како да бидеме попаметни. Јас учев еден странски јазик, моите деца три. А сепак, страдаат од бесмисла и досада!

Затоа, ако сакате да ги воспитате своите деца да бидат успешни во овој обесчувствен и затоа обесмислен свет, избришете им ги чувствата за срам и сочувство. Во нив ќе остане само егоизмот. Ќе добиете успешни, смарт арамии со дисертации и на функции. Само, за многумина е доцна. Секој заборавил понекое поимно знаење, ама никој не „заборавил“ емотивно знаење. Ако еднаш се срамел, човек не може да заборави „како се прави тоа“. Тоа е доказ дека од добар човек тешко бидува арамија. А од арамија човек пак – никако.

Извор: Нова Македонија