Да бидеме еден крст, односно една голема прегратка

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, изговорено на Светата Литургија, на празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, во Рајчица, на 14/27 септември 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Беше денот кога Бог одлучи да го посети светот. Но тоа беше една жестока посета. Бидејќи целта на посетата беше казна за Содом и Гомор.

Се симнаа Трите Ангела: Отецот и Синот и Светиот Дух. И Ги пречека Авраам под дабот и Ги нагости толку многу, што оттогаш останало да велиме Авраамово гостопримство. И се случи нешто чудесно. Иако тој Им зборуваше на Тројцата, се обраќаше како кон Еден. Наместо да рече: „Господа мои“ (тројца), се обраќаше со: „Господи мој“ (како на еден). Троичниот и Единствен Бог. И кога станале Ангелите да си одат, секој од нив држел по еден дрвен жезол в рака, што секако ги имаа донесено од Рајот. И ги оставиле, ги заборавиле Своите жезли. Авраам и Сара ги сочувале како свештено наследство. Згора на тоа, Ангелите им рекле дека иако се стари, Сара ќе роди син. И затоа овие двајца сакале да имаат еден свештен потсетник за тоа ветување.

И навистина, Сара го роди Исак. Годините минувале. Лот, внукот на Авраам, згрешил, паднал во некој тежок грев. И отишол кај патријархот Авраам со покајание, за да побара прошка. Патријархот Авраам му рекол: „Земи ги овие три суви дрва, трите жезли. Земи ги и појди да ги засадиш надвор, зад ѕидините на градот“. Да се потсетиме, браќа и сестри мои, дека Христос пострада надвор од ѕидините. Му рекол значи Авраам на Лот: „Засади ги таму, но обратно, со врвот во земјата. И секојдневно ќе одиш на реката Јордан да земаш вода и да ги наводнуваш прачките (т.е. жезлите од суво дрво). И доколку некогаш потераат, пуштат корен и извадат лисја и ластари, тогаш да бидеш сигурен дека Бог ти го опростил гревот“.

Лот со голема љубов ја извршувал таа чудна епитимија. Сакал да исчезне од него гревот, да го скине списокот на гревот, да се искупи, да се ослободи. Не му било мисла и сомнеж што обратно ќе ги засади гранките. Му било важно да прави послушание. И повторно во прашање било дрво. Постапил обратно од она што го направиле Адам и Ева во Рајот, коишто јаделе од дрвото што им било забрането. Лот направил послушание и ги засадил гранките. Секојдневно одел на реката Јордан, за да нацрпи вода и да ги наводни. Што пееме на Богојавление, браќа мои? „Со водите Јордански се облече, Спасителе…“ Тие води од Јордан подоцна ќе го прегрнат телото Христово. И ќе ја измијат тежината од гревовите на луѓето, нашите гревови. Но сега треба гранките да потераат, за да му се прости гревот на Лот. Ама непријателот на човекот, ѓаволот, не останал мирен. Го искушувал секојдневно и му ја истурал водата. Не го оставал Лот да им однесе вода на прачките. Колку пати во нашиот живот, драги мои браќа и сестри, тргнуваме по патот на покајанието и ѓаволот ни поставува сопки, за да не стасаме никогаш!? Му ја празнел водата на Лот. Тој се жалостел што не можел да однесе вода, за да потераат гранки – всушност, за да му биде простено. И плачел, плачел, и со своите солзи ги наводнувал прачките.

Беше тоа еден чуден ден. Се беше смрачило, иако сеуште било ден. Лот повторно отишол да нацрпи вода од Јордан. И одејќи, си велел во умот и во срцето: „Којзнае дали некогаш ќе потераат гранките? Дали некогаш ќе ми прости Бог?“ И со тие мисли, не приметил како поминал часот, како го поминал патот и стасал до местото со прачките. И тогаш, исплашен извикал: „Еее! Што се случи? Каде е ѓаволот? Зошто не дојде денес да ми ја истури водата?“ Но, го чекало едно друго изненадување. Кога пристигнал кај трите гранки, трите жезла, видел дека тие веќе имале потерано, имале пуштено лисја и гранки. Паднал, ги прегрнал и почнал да плаче, бидејќи сфатил дека Бог му опростил. И пораснале трите гранки и станале три дрва споени во едно дрво. Бор, кедар и кипарис. Едно високо и големо дрво.

Дошло времето кога го граделе Соломоновиот храм во Ерусалим. Дошло времето кога требало да го направат покривот. Си рекле: „Да одиме, да го пресечеме она дрво, кое е здраво и цврсто, тросложно, па да го направиме со него покривот“. Го пресекле, го спуштиле долу и започнале да го мерат, но се случувало нешто необично. Иако долу на земја дрвото било големо, откако ќе го качеле горе, тоа станувало мало. Тогаш се сетиле дека тоа било дрвото на гревот, преку кое бил опростен голем грев, па рекле: „Не го сака Бог ова дрво во Својата црква, во Својот храм. Фрлете го настрана, проклето е“.

Го изградиле, значи, Храмот, го завршиле. И дојде Еден и рече: „Јас овој храм ќе го срушам и за три дни ќе го изградам“. „Што зборуваш?!“ – му рекоа – „Ние цели четириесет години го градевме, а ти за три дни ли ќе го урнеш и изградиш?! Ќе Те распнеме. А како ќе Те распнеме? На она проклето дрво! Тоа проклето дрво е најголемото бесчестие за Тебе“. И го зедоа дрвото и направија Крст. На него ги рашири рацете Свои Животодавецот Христос. Тие мислеа дека тоа Дрво е проклето и бесчестие за Оној Кој се распна. Но Бог во Својот план се беше погрижил дури и Дрвото на кое ќе биде распнат да биде рајско, да биде од Рајот. Заради тоа Ангелите зеле гранки, заради тоа ги оставиле на Авраам, заради тоа постанало тросложното Дрво. Тоа Дрво сега не го прости гревот само на Лот, туку ги прости гревовите на сите луѓе. „Оној Кој ги зема гревовите на светот“. Како што велат нашите Свети Отци на Црквата, на тоа Дрво со Својата Чесна Крв Христос го потпиша Новиот Завет и го скина списокот на нашите гревови, долгот што го имавме за гревовите.

Вчера Богољубивиот Свет Антаниски, Старецот Партениј рече: „Престолот на Христос е Крстот“. Јудејците заради исмевање напишале над Крстот: „Цар Јудејски“. Но Христос го направи Крстот престол на љубовта. „Жртвена љубов“, како што рече нашиот Епископ Давид вчера. Една несебична љубов каква што нема ни мајката кон своите деца. Љубов којашто само дава и не очекува да добие ништо. Една грчка песна, којашто ја напиша еден познат поет, кој доби и Нобелова награда за мир, вели: „Крвта на љубовта ме облече во порфира“. Кој има толкава љубов да ја пролие својата крв? Крвта Христова течеше по Крстот и нас, соголените од гревот, нѐ облече во царска порфира, нѐ направи цареви. И сите седнавме на тој престол на жртвената љубов и одозгора напишавме: „Царот на Славата“.

Крстот е слава на Царот Христос, драги браќа и сестри мои. Го издигнаа Крстот еднаш на Голгота и потоа го фрлиле. Царот Константин ја испратил својата мајка Елена, за да го најде Чесното Дрво. Таа го најде и му го даде на Патријархот Макариј, за тој да го воздигне, та да го види сиот народ. Направиле осветувањето на Храмот на Воскресението Христово, на 13 септември, а на 14 Патријархот Макариј го воздигна Чесниот Крст. Свети Софрониј Патријархот Ерусалимски, како и Свети Јован Дамаскин и Свештениот Златоуст и други Отци на Црквата наша, велат: „Колку чудесно! Претходниот ден го прославивме Воскресението со осветувањето на Храмот, а следниот – Крстот, кој е потврдата за Воскресението“. Оној кој ќе го понесе својот крст со Христа, стигнува до воскресение. Христос не нѐ стави со Себе да се распнеме. Се распна Сам на крстот, но нѐ стави да го понесеме заедно Крстот. Кога Христос падна со Крстот, Симон Киринеецот, човекот, рече: „Да Го поткренеме Бога, Крстот“. Тајната на нашето спасение, браќа и сестри мои.

Така, значи, имаме две воздвиженија на Крстот: едно на Голгота, кога нашиот Христос се распна и едно кога го воздигна Светиот Макариј. Поминаа години и Персијците го украдоа Чесниот Крст. Императорите византиски победија и го вратија назад. Па, на 14 септември 617 година се случи трето Воздвижение на Чесниот Крст. Замислете, по речиси шестотини години, Христијаните повторно го гледаа пред себе Чесното Дрво на коешто Христос се распна, и во својата радост извикуваа: „Господи помилуј, Господи помилуј…“ Она што го пееја нашите псалти, по сто пати, на секое издигнување што го направивме денеска. И заедно со Апостолот Павле и ние се радуваме и велиме дека немаме ништо со што да се пофалиме, освен со Крстот Христов.

Нашиот живот е крстовоскресен, Христијани мои. Го понесуваме својот крст, за да стасаме до воскресението. И се молиме и бараме силата на Чесниот Крст да нѐ поткрепи во тоа. 

Преосвештени браќа, свети архиереи, г. Давиде и г. Партение, сечесни отци и почитувани браќа и сестри, возљубени Старици и монахињи,

Ги имам радоста и благословот да доаѓам од еден друг врв на распетието – сечесниот врв на Вселенската Патријаршија, којашто е распната веќе стотици години. Но, среде своето распетие, таа им го дарува воскресението на сите други. И тоа ние го живееме секој ден. И вие го живеете тоа овој период уште поистакнато. Вселенската Патријаршија ви подари каноничност на Црквата, по една агонија од многу години. Распнатата жртвена прегратка на Константинопол ве прегрна и вас, вашата Татковина. И дојдовме до овој најубав момент – денеска да бидеме овде сите тројца архиереи заедно, во каноничноста на Црквата и да се причестуваме со едниот Христос, со Телото и Крвта Христови. И да се молиме и да посакуваме добриот Бог, под покровот на Чесниот Крст, да ги доведе во ред сите нешта, така што да завршат проблемите, и вашата Црква да ја стекне својата автокефалност.

Преосвештени свети браќа, ѓаволот ќе доаѓа и ќе ја истура водата од Јордан, но ние повторно ќе одиме, сѐ додека на процветаат прачките, та да станеме едно стадо и еден Пастир – Христос Бог.

Му благодарам на Архиепископот г. г. Стефан, и особено на Високопреосвештениот Митрополит наш овде, пастироначалникот г. Тимотеј. И друг пат се имам насладувано од љубовта на Старецот Митрополит. За нас помладите тој е Старец – пример за трпение, учител на смирение, и посакувам Бог да му дава многу години полни со здравје.

Сакам лично да му се заблагодарам и на Преосвештениот Свет Антаниски г. Партениј, кој со братска љубов ме има прегрнато веќе подолго време. Кога некни, зборувајќи по телефон, му реков: „Малку сум изморен“, ми одговори: „Ела овде. Ајде тргни и дојди кај нас, ќе се одмориме заедно“. Го рече тоа, и навистина, блиску до него, блиску до отците, блиску до сестрите, навистина се одмора душата наша.

Браќа и сестри, секогаш да бидеме еден крст, односно една голема прегратка. Тоа е крстот: една вистинска прегратка. Да се прегрнуваме еден со друг, да прибегнуваме во таа жртвена прегратка на љубовта еден кон друг, за да можеме да влеземе во големата прегратка на Крстот Христов и да стасаме сите заедно во Царството Небесно.

Амин!