Без Христа животот нема смисла

Има една друга болка, која е потешка од онаа првата за која зборуваме. Тоа е болката на душата што го чувствува отсуството Божјо, односно отсуството на Оној, Кој оживува сè и ѝ󠄾 дава смисла на човечката болка. Отсуството Божјо во животот на човекот денес е најголемата и најнеподнослива болка.

Парализираниот монах Софрониј, кој боледува од ретка, смртоносна, моторна невронска болест, даде шокантно, но отрезнувачко интервју за критската телевизија, зборувајќи со помош на оптички дактилографски систем. Неговата животна приказна раскажува за човек кој откако успешно ги заврши студиите на неколку врвни универзитети, го напушти патот на славата и замина да се посвети на Бога. Набрзо потоа ретка болест тропна на неговата врата и го остави врзан за кревет повеќе од 5 години.


Н: Велат дека болката всушност дава вистинско и длабински суштинско познавање на животот. Дали и ти го искуси тоа?


м.С: Болката е едно големо училиште и те учи подобро да се спознаеш себеси, а тоа од друга страна води до братољубие и најпосле до богопознание. Болката те смирува, преку смирението, пак, нашето срце омекнува и се отвара кон Бога и кон ближните. Би сакал да им се обратам на луѓето кои насекаде низ светот страдаат од физички или ментални болести. Со Божја помош и со мојот опит од времето поминато во постелата на болката, можам подобро да ги разберам дури и по малку да ги утешам со збор, зборот за нашиот Христос. Денес има толку многу осаменост во светот и немири и страв. Ние христијаните кои го имаме Божјиот дар да го познаваме Христа, треба да ја споделиме со нашите ближни радоста, мирот и љубовта која е Христос.


Н: Што би им рекол на оние што ја промовираат еутаназијата?


м.С: Животот е дар од Бога за сите нас. Сега кога сум на постела, ова го разбирам подобро од било кога. Никој од нас не влегол во животот по своја волја. Па како можеш да ставиш крај на својот живот, кога тој, всушност, не ти припаѓа? Ова според моето мислење е проблемот на нашето време, проблем што култивира еден современ човек со животен стил егоистично свртен кон самиот себе, отсечен од општеството како целина, од семејството, од соседството, од татковината итн. Па затоа се сметаме себеси за независни, творци на сопствената судбина во овој свет. Тоа е погрешен поглед кон животот, кој што човекот на нашето време го води од „самоидентификација“ кон самоубиство. Сфаќам дека пациентот не сака да им стане товар на другите, ниту, пак, сака неговите ближни да го видат како страда. Но токму ова е она што смирува – го знам тоа многу добро. Најпосле, на смирените им припаѓа Царството Божјо, а не на себичните.


Н: Дали мислиш дека доколку немаше вера ќе го имаше истиот став кон болката?


м.С: Без Христа ќе бев во хаос. Но има една друга болка, која е потешка од онаа првата за која зборуваме. Тоа е болката на душата што го чувствува отсуството Божјо, односно отсуството на Оној, Кој оживува сè и ѝ󠄾 дава смисла на човечката болка. Отсуството Божјо во животот на човекот денес е најголемата и најнеподнослива болка.


Н: Дали во текот на својата болест си имал моменти кои направиле да се поколебаш за миг во Бога и во твојата вера?


м.С: Не, напротив, болеста ме поврзува со Бога и јас посилно ја чувствувам Неговата љубов и Неговото присуство. Но тоа не значи дека миговите на човечка слабост не доаѓаат. Христијанинот треба да има вера, храброст и смелост. Бог никогаш не се откажува од нас.


Н: Како болката може да стане благослов? Што живот е тоа кога лежиш на постела во постојана болка?


м.С: Болката и тешкотиите понекогаш се неподносливи за луѓето. Во тие мигови посилно се чувствува присуството и утехата Божја. Сметам дека одговорот на овие две прашања може да го даде само Оној, Кого и самиот силно Го почувствував во моите најтешки мигови, кога го сфатив и прифатив страдањето и распнатиот Христос. Он прв ја претвори Својата болка во благослов. И во Своето страдање на Крстот се прослави и остана засекогаш во историјата како Цар на Славата. Тоа е истовремено и пример и утеха за секој кој страда.


Н: Кои се потешкотиите на твојата болест?


м.С: Јас ја имам болеста на Стивен Хокинг. Нема лек за неа. Парализиран сум, можам да ги движам само капаците на моите очи и усните. Не можам да голтам, се хранам преку црево. Не можам да дишам самостојно, туку само со помош на вентилатор. Би можел да ви дадам уште многу детали, но доволно е да кажам само дека не можам да направам ништо без помошта на оној што се грижи за мене. Како световен човек на врвот од славата бев независен до степен на крајна себичност. Сега, кога не можам да направам ништо без помош од некој друг, сфаќам зошто Христос нè учи да бидеме обединети во едно тело. Ние си требаме еден на друг, создадени сме да бидеме во заедница со нашите ближни.


Н: Колку години си на постела и како комуницираш?


м.С: На постела сум веќе 6 години. Комуницирам преку компјутерски систем кој ми овозможува да пишувам со очите. Слава на Бога! Гледате ли колку е добар и грижлив нашиот Бог!


Н: Која е твојата најголема придобивка од оваа твоја болест?


м.С: Несомнено, најпозитивното нешто за мене е моето единство со Бога, тоа што чувствувам како Неговата љубов го исполнува моето срце.


Н: Какви се твоите односи со браќата во манастирот, особено сега со твојата болест?


м.С: Јас сум многу благословен да бидам во овој манастир. Тоа е едно свето место под закрилата на Пресвета Богородица. Поради силното присуство на св. Јован Испосник и маченичкото минато – овде се чувствува многу благодат. По Божја промисла имам еден многу благословен духовен отец, Старец Мирон, човек Божји, полн со љубов. Целото братство дише со Христовата љубов и е составено од смирени отци коишто секојдневно го прават подвигот на духовната борба. За мене се грижат со свештена љубов. Еве еден пример за љубовта што постои овде: Како испитание од Бога ми беше дадена болест. Имено, бев дијагностициран со АЛС (амиотропска латерална склероза) – неизлечива болест. Кога дознав за тоа како понатаму прогресира болеста, му реков на мојот Старец дека не сакам да му бидам товар на братството и дека сакам да се оддалечам. Но Старецот и сите браќа ми рекоа дека ме сакаат онаков каков што сум. Тоа е љубовта Христова.


Н:  Што би сакал да им кажеш на оние што сега те гледаат, и болните и оние здравите ?


м.С: Животот без Христа не е живот. Кога Христос е средиштето на твојот живот, имаш љубов, мир и животот добива поинакво значење. Како што рече св. Порфириј: „Христос е сè!