„О, свету, свету лажовен, блазе му на оној кој ќе те изигра“

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено за празникот Покров на Пресвета Богородица, во Сечесниот Храм на Мајката Божја во с. Ростуше, на 1/14 октомври 2023 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денеска, мили мои, со радост и благодарност славиме уште еден празник на Пресветата Владичица наша Богородица, наречен Покров. Чудесниот настан што го празнуваме се случил во Цариград, во почетокот на 10. век и бил, всушност, необично видение на едно чисто срце и ум, имено на блажениот Андреј, јуродив заради Христа. Овој свет монах на себе имал земено еден од најтешките подвизи – да биде јуродив заради Христа, односно да изгледа како ненормален и луд за очите на светот, со цел да го изигра светот и да Го придобие Христа. Иако, гледано надворешно, се чинело дека светот него го изигрува и го исмејува, во дејствителност Свети Андреј го изиграл овој лажен свет и станал свет и прославен и во небесната и во земската Црква. Навистина, јуродивството заради Христа спаѓа во најтешките подвизи на христијанската аскетика.

Во престолнината на Ромејското Царство, Константинопол, имало повеќе убави храмови на Пресвета Богородица, но две цркви посебно се истакнувале по својата убавина и величественост. Едната била црквата во царската палата Влахерна, каде што се наоѓало покривалото што Мајката Божја го носела врз главата и кое се спуштало надолу по телото, како што било обичај кај еврејските жени; другата црква, пак, била во населбата Халкопратија и била изградена од Светата царица Пулхерија. Во овој величествен храм бил положен Светиот Појас на Пресвета Богородица, од кој голем дел е сочуван дури и до ден денес и се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Овие два царски храма, во кои особено се чувствувало благодатното присуство на Царицата Небесна, биле постојано посетувани од страна на народот од Цариград, кој тука секогаш принесувал молитва, особено во миговите кога Градот се наоѓал во некоја опасност. И навистина, каде изморените и од многу маки натажените во овој свет би можеле да најдат свое прибежиште, ако не во Мајката на Животот, која пожртвувано и мајчински се грижи и со љубов го покрива целиот свет?! Затоа, Патријаршијата во Константинопол одредила во тие два храма на Мајката Божја често да се служат сеноќни бденија, за да може народот Божји постојано да го проси молитвеното застапништво на Застапницата на целиот род човечки.

Во тоа време Константинопол се наоѓал во големи притесненија, бидејќи бил постојано напаѓан од варварите Сарацени и од руските орди. Според востановената молитвена практика, додека Градот бил опсаден од непријателите и војската бдеела на ѕидините, народот заедно со Патријархот Евсевиј и императорот Лав IV мудриот се собрал на бдение во Влахернскиот храм, за тука да принесе молитви кон Пресвета Богородица, просејќи од Неа помош и избавување. На бдението присуствувал и Светиот Андреј Јуродив, кој со голема усрдност и солзи се молел за спасение на народот христијански. Со него бил и неговиот ученик, младиот Епифаниј, кој исто така секогаш ревнувал во молитвата. Околу 11 часот пред полноќ, во таа скрушена молитвена ноќ, блажениот Андреј бил удостоен со едно навистина величествено видение: тој ја видел Пресветата Богородица како доаѓа со блескава свита и влегува во храмот низ царската порта. Дел од нејзината сјајна придружба биле Чесниот Претеча и Синот на Громот, Свети Јован Богослов, коишто од обете страни ја држеле Пречистата под рака, а многубројни други Светии облечени во неземна светлина врвеле пред Неа и по Неа, пеејќи духовни химни и песнопенија. И кога тие се доближиле до амвонот на храмот, Свети Андреј го прашал својот ученик Епифаниј: „Ја гледаш ли и ти, чедо, Госпоѓата и Владичица на светот?“ Епифаниј му одговорил: „Да, отче мој духовен, ја гледам и се ужаснувам“. Во продолжение тие виделе дека Богородица се спуштила на колена и така долго време се молела за народот. А кога ја завршила својата молитва, Таа ја симнала од себе широката покривка и со своите пречисти раце ја распрострела врз сите што се наоѓале во храмот. Во очите на Свети Андреј тој Покров бил толку голем што го покривал целиот храм. И долго време блажените Андреј и Епифаниј го гледале Богородичниот Покров, кој бил распространет врз народот и зрачел со славата Божја. Следствено, по молитвеното покровителство на Царицата Небесна, Градот бил спасен.

Но, бидејќи ромејската држава била постојано напаѓана од разни варварски племиња и од Исток и од Запад, царот паднал со духот и обземен од внатрешно недоумение го прашал Патријархот дали навистина Пресвета Богородица бдее над овој Град како негова заштитница и дали Светиите Божји дејствително посредуваат за луѓето на Земјата. Патријархот увидел дека царот минува низ духовна криза и покажува недоверба кон Светиите, а можеби и кон Самиот Бог, па усрдно се помолил во себе и ништо не му одговорил. Во меѓувреме, Пресвета Богородица повторно му се јавила на Светиот Андреј Јуродив и му рекла дека онаа ноќ, кога на бдението стоела во храмот, под нејзиниот Покров бил не само натажениот народ во црквата Влахернска, ами и целиот град и сите благочестиви Христијани, насекаде по светов и му заповедала сето ова да му го пренесе и на царот. Меѓутоа, блажениот Андреј бил само еден обичен прост монах, а згора на тоа и предмет на презир и потсмев, поради своето јуродивство, па немал никаква можност дури и да му се доближи на царот. Затоа одлучил пораката од Пресвета Богородица да му ја пренесе на својот духовник, кој, пак, бил многу ценет, бидејќи бил еден од протопрезвитерите во великата Христова Црква Света Софија. Така, тој му го исповедал на протопрезвитерот видението што го имал со својот ученик и пораката на Мајката Божја при нејзиното повторно јавување, по што овој отишол и му го кажал сето тоа на Патријархот. Кога слушнал за ова славно јавление на Богородица, Патријархот се восхитил и се зачудил како тоа одговорот на недоумицата од царот дошол преку јуродивиот Андреј, простиот и презрен монах, кого сите го исмевале, па отишол и сѐ му раскажал на царот. Тогаш царот сфатил дека Богородица го избрала токму презрениот Андреј, тој смирен слуга Божји, кој имал толку чисто срце и искрена вера и се подвизувал со еден толку тежок подвиг, за преку него да му одговори дека токму Таа е Онаа Која го чува и градот Константинопол и ромејската цивилизација, а и целиот христијански род.

Мили мои, сите ние од животното искуство знаеме колку е голема мајчинската љубов. Знаеме дека мајката е нежна, грижлива и сочувствителна кон своите деца и дека секогаш гледа како да ги покрие и оправда. Колку и да греши нејзиното дете, па макар и сите да знаат, а и самата да е свесна за тоа, таа е подготвена постојано да ги покрива неговите грешки, да го советува и одново да му дава шанса за поправање. Несомнено, мајката дава најмногу простор, разбирање и покров. Е токму таква најголема Мајка, Мајка над сите мајки, е нашата Пресвета Богородица, Мајката на Животот, Која нас, грешните, секогаш нѐ покрива со покровот на својата љубов и постојано ни дава нови животни шанси. Во духовна смисла Таа го покрива целиот овој свет и е најмилостив мајчински Покров за светот.

Сите знаеме, на пример, колку е важен покривот за една градба. Некој објект би можел да има многу цврсти темели, добра статика, квалитетна структура, но доколку притоа нема и покрив, тогаш сѐ ќе е залудно – таа зграда не би можела да послужи за живот, ниту да опстои. Покривот е есенцијално потребен и важен. Ние Христијаните имаме добар и цврст темел за вечен живот, а тоа е светото крштение во името на Светата Троица; како материјали за нашата духовна градба ги имаме Светото Писмо и Светото Предание; како мајстори во градењето ги имаме Светиите, но она што е најважно е дека ја имаме и Богородица како наш Покров. Таа нѐ засолнува во својата мајчинска закрила и нѐ воспитува, учејќи нѐ како да го градиме својот внатрешен човек за живот во Царството, како би можеле успешно да го изиграме овој лажен свет кој нѐ мами со своите соблазни и трулежни убавини. Токму Божјата Мајка му помогнала на Светиот Андреј Јуродив до крај да се одржи во својот претежок подвиг заради Христа и вешто да го изигра овој лажен свет.

Има една стара поговорка – не знам дали сте ја чуле – која вели: „О, свету, свету лажовен, блазе му на оној кој ќе те изигра“. Видете каков православен аскетски етос имале нашите предци! Дури и нивните поговорки биле поуки кои водат кон Царството. Пазете што вели: блажено е да го изиграш овој свет, кој е секако минлив и измамлив. И навистина, што направиле многубројните маченици, светии и праведници, коишто Црквата наша блажени ги нарекува? Го изиграле овој свет. Иако своевремено светот си мислел дека ги исмева, ги понижува, ги убива оние кои се труделе во подвиг заради Христа, накрај тие победиле и станале жители на Царство што Христос ни го отвори и оттаму ни содејствуваат и ни помагаат. Еве ги овде пред нас нивните ликови, овековечени на фреските и иконите; сите наши храмови се украсени со тие свештени ликови на Светиите од небесната Црква, кои таму се помногубројни и прилежно ни помагаат во стремежот и ние да го достигнеме тоа Царство на вечната радост. Оти, нашата душа природно се стреми кон слобода во Христа, сака да живее вечно во Неговото царство, ослободена од гревот и од смртта.

Да ги земеме за пример и монасите. Што прават тие? Преку своите подвизи и живот во послушание се трудат да го изиграат и исмеат светот. И да знаете, доколку ние не го изиграме светот, ќе бидеме изиграни од него. Затоа, за нас монасите е многу важно до крај да останеме во подвигот на кој сме се решиле и да го изодиме патот по кој сме тргнале. Можеби некој ќе каже дека денес монасите ништо не допринесуваат за светот, бидејќи не стапуваат во брак, немаат деца и сл. Но колкумина од вас верните, заради тие малкумина монаси се покајале, Го спознале Бога и патот на спасението, стапиле во брак итн. Колку деца се родиле благодарение на молитвите и подвигот на монасите! Еве и денес имавме големо сведоштво за тоа – сите оние радосни деца кои толку убаво ни го отпеаја тропарот на овој празник. Зошто се тие тука денес, ако не заради силниот темел на верата, што славниот Свети Јован го поставил во овие краишта?! Заради манастирот кој секогаш нѐ чувал. Во него, низ историјата, длабоко бил засаден нашиот духовен корен, а еве, сега ни ја обезбедува и иднината.

Ќе ви раскажам и за едно друго видение, коешто, исто така, се однесува на мајчинскиот Покров на Богородица, на нејзината милост и застапништво за нас. Тоа видение го имал некој светогорски монах и во него јасно се гледа колку е силна заштитата на нашата небесна Мајка и колку за нас монасите, а и за сите Христијани, е важно тоа, до крај да го изигруваме светот.

Имено, некој монах на Света Гора, заробен од очајнички помисли, почнал да смета дека потполно го промашил животот и живеењето во манастирот му станало крајно неподносливо. Бил толку очаен и предаден на безволност, што сите монаси ја забележувале неговата тешка состојба. Еден ден тој пошол кај игуменот и му кажал дека сака да го напушти манастирот и монашкиот подвиг. Старецот го замолил да остане уште некој ден, за да може сите заедно да се помолат за него, па потоа нека биде како што Бог ќе ги просветли. Така вечерта монахот доживеал видение за Страшниот Суд, второто Христово пришествие на Светата Гора Атонска. Од Евангелието ни е познато дека Бог ќе го суди светот, односно дека ќе ги повика од правот сите што се упокоиле низ историјата, од Адама па до тогашниот миг и ќе ги раздели на две страни. Во евангелското четиво за Страшниот Суд Христос вели дека сите ќе воскреснат и тогаш ќе бидат одделени едните од другите, како овците од козите, едните од десната, другите, пак, од левата страна, едните за живот вечен, а другите за суд. При судењето на светогорските монаси, имало и такви кои Господ ги поставил од левата страна, односно кај оние кои го изгубиле спасението и во иднина требало да бидат лишени од гледањето на лицето Божјо, бидејќи биле осудени да пребиваат во местото на мракот. Тогаш Богородица милостиво  се обратила кон Христа и Му рекла: „Сине и Боже мој, Те молам и овие другите монаси, кои се на левата страна, да застанат од десната, кај спасените“. А Христос ѝ рекол: „Мајко моја, тие не заслужуваат да се спасат, бидејќи не ги исполнуваа монашките правила, правеа соблазни, живееја немарно. Како да им дозволам да појдат на другата страна, во Царството Небесно?“ Но Богородица упорно настојувала, велејќи: „Не, нека и тие застанат од десната страна, кај спасените“. Потоа додала: „Вистина, тие грешеа, но останаа до крај во подвигот, се трудеа да ги износат до крај схимата, расото, и останаа монаси“. Гледате? Нашата Мајка, Пресвета Богородица, ги спасила само заради тоа. Колку е голема нејзината мајчинска љубов! Каква Закрилница доби родот човечки во лицето на Пресвета Богородица, бидејќи преку Неа Бог го спаси човекот! Од Неа Он зеде крв и плот и тогаш се случи најголемото нешто – спасението на целиот свет преку Христа и во Христа. Сите ние сме соединети во Неговото обожено тело. Сега, преку Христовото богочовечко тело, на секое тело човечко му е отворен патот кон Царството небесно, бидејќи тоа обожено тело сега стои оддесно на Бога Отца, во небесната Црква, во Царството небесно. Значи, Исус како Бог  е насекаде и сѐ исполнува, но Он стана и човек и тоа Негово обожено тело, пребива таму во Царството небесно, како првина за сите луѓе. Затоа имаме светителство. Затоа се молиме на светителите, коишто се вечно живи. Во Христа, мили мои, никој не умира, сите се живи. Но за да можеме да останеме живи и овде на земјата и во местото на живите, односно во Него Самиот, ние треба секојдневно во себе да ја победуваме смртта, а смрт е секој грев од овој лажен свет кој нѐ обвиткува и прелестува. Затоа, неслучајно на влезот од овој храм ја нацртавме фреската „Исус Христос – Место на живите“. Ќе повторам уште еднаш, во Христа, мили мои, сите сме живи. И ве молам помнете ја поговорката што ја кажавме денес. Би требало да се погрижиме таа повторно да ни стане актуелна, бидејќи денес паметиме многу бесполезни анегдоти и поговорки, а сме ги заборавиле оние старите, душеспасителните, со кои предците нѐ упатуваат кон Царството небесно. Нека ова драгоцено наследство од предците ни стане мото во животот: свету, свету лажовен, блазе му на оној кој ќе те изигра.

Да сте живи и здрави!