Литургиска сплотеност во пофалба на Крстот Чесен

Благословот од соборната молитва и заедничкото другарување во Христа од вчерашната Вечерна богослужба продолжи да ги топли и облагородува душите на верните и на денешното литургиско празнување на Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст.

Денес, во сечесниот манастирски храм на Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј, се одржа величествено архиерејско сослужение и триумфално издугнување на Животворното Дрво, коешто му донесе спасение и вечност на човечкиот род. На наша општа радост и благодарност, богослужбениот блесок ги осветлуваше душите и умовите на бројните присутни, под благодатното чиноначалствување на Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската Патријаршија. Во таа Божествена убавина, нему му сослужуваа Преосвештениот Епископ Дремвицки г. Давид и нашиот Старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со бигорските архимандрити, јеромонаси, јероѓакони, Протопрезвитерот Александар Димовски од Охрид и дебарскиот свештеник Миле Ангелоски.

Навистина, денешното Крстовденско торжество, одбележано со ова свечено и свето архиерејско сослужение, не беше само израз на благочестива почит, туку и потсетник и уверување за убавината на заедништвото и на братството во Христа. Во атмосферата на светлост и мир, на благодат и светост, верниците, тајноводени од светите архиереи, се обединија во молитва и почит кон распнатиот и воскреснат Господ, обновувајќи ги своите душевни сили и срдечната верба.

Соборноста, како основен принцип на православната вера, беше најдобро одразена во хармонијата и единството, пред сѐ, на свештенослужителите, а потем и на сите присутни. Ова сослужение не беше само духовен настан, туку и вистинско сведоштво за неделивата врска и обединетост на Црквата и на нејзините чеда.

Благослов од Чесниот Крст и молитвите кои се воздигнаа до Небесата од Манастирот во Рајчица, останаа како потсетник на денот кога духовното единство и соборноста беа не само проповедани, туку и живеени во секој миг на ова свето сослужение.

Нашиот драг гостин, пак, од Вселенската Патријаршија, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил, со својата преубава и длабоко вдахновена беседа, духовно ги збогати верните со чудесните созерцанија за значењето и величеството на Крстот и на животот во него. Неговите зборови одекнаа во срцата на присутните, потсетувајќи ги на врската која ги спојува сите Христијани со светоста и благословот на Чесниот Крст.