Во покровот на Чесниот Крст: Духовно ликување во Пречиста

Љубовната духовна прегратка на Чесниот и Животворен Крст што мината среда, на празникот на сесветското Воздвижение, нѐ прегрна со обилна благодат во Манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј во Рајчица, во неделата го направи истото во Свештената Обител на Пресветата Богородица – Пречиста крај Кичево. И како и таму, така и овде, благословот од Светиот Крст ни дојде преку литургиското тајноводство на нашиот скапоцен гостин од Великата Христова Црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил.

Имено, откако почитуваниот архиереј на Вселенската Патријаршија, во саботата, на споменот на Светите Маченички Софија, Вера, Надеж и Љубов, сослужуваше со нашиот уважуван надлежен Митрополит, Високопреосветениот г. Тимотеј Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки, во величествениот древен храм на Премудроста Божја во Охрид, во изминатата Недела по Воздвижение на Чесниот Крст, ја заокружи својата неколкудневна посета во нашата богочувана епархија со Света Евхаристија, на којашто чиноначалствуваше самиот, во сослужение на нашите браќа: архимандритот Кирил, јеромонахот Макариј и јероѓаконот Порфириј. На Божествената Литургија молитвено присуствуваше и нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.

И како што свештенодејствието се одвиваше во молитва, умиление и благодарење, така благодатта се втиснуваше во срцата на присутните верни. Манастирот, пак, Пречиста, како заслон каде што се земјата се спојува со небото и каде што душите, допрени од Божествена благодат, обиколуваа околу љубовта на Распнатиот, понесувајќи го зрачниот отпечаток на Крстот и неискажливиот допир на вечната радост.

На крајот од богослужбената хармонија, Старецот Епископ г. Партениј, од името на целата наша монашка заедница, му подари на Светиот Имвроски архиерејска патерица, заблагодарувајќи му се за искрената љубов и големиот труд и жртва што ги понесе за добробитието на нашата света Црква. Во одговор на неговиот благодарствен поздрав, Високопреосветениот Митрополит г. Кирил вдахновено се обрати кон присутните со едно кратко слово:

„Ваше Преосвештенство свет Антаниски г. Партение,

Сечесни отци,

Света Игуменијо и сечесни мајки,

и драги во Христа браќа и сестри,

Се наоѓаме во Неделата по Воздвижение на Чесниот Крст. Повторно и денес нашиот Христос ни подарува еден дар. Ни вели: „Јас сакам да бидете Мои деца, да бидете Мои ученици, да ме последувате. И кој сака, значи кој сака, да Ме последува, нека го земе својот крст и нека дојде со Мене“. А Апостолот Павле, толкувајќи го тоа што го вели нашиот Христос, го кажува следново: „Нам Христијаните ни се даде голема чест, ни се даде дар да веруваме во Христа. Но не само да веруваме во Христа, туку и за Христа да страдаме. Значи, да страдаме, да трпиме, да сведочиме за Христа – е голем дар што ни се даде“.

Движението на Црквата низ вековите, драги мои браќа и сестри, е Крст и Воскресение. И животот на секого од нас е таков – Крст и Воскресение. Доколку го носиме Крстот со љубов кон Христа, тогаш сме Негови ученици. Помеснава Црква, некогаш многу славната, историска Охридска Архиепископија, се наоѓа во истото тоа крстовоскресно движение. Отсекогаш во движението на Црквата постоело тоа – Крст и Воскресение. Никогаш да не забораваме дека во првите три века на големите гонења, големиот крст на Црквата го понесоа и со тоа донесоа Воскресение цели единаесет и половина милиони маченици – светители. Свештениот Златоуст го вели следново: „Црквата е еден кораб, кормиларот е Христос. Среде брановите коработ се ниша напред-назад, лево-десно, но никогаш не потонува, не се потопува, не се губи, туку секогаш е воден кон сигурното пристаниште“. Така и помесната Црква можеби се измачи многу години, но тој голем наш татко, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, ја отвори својата прегратка, како што е Крстот на нашиот Христос и ја смести внатре и вашата Црква, и им подари каноничност на сите клирици и лаици од оваа земја.

Треба, драги браќа и сестри, да го почувствуваме тој дар Божји. Да се тргнеме од национализми и од геополитички интереси на големите сили. Нашата Црква да остане чиста и далеку од тие нешта. Апостолот вели дека нема значење дали некој е црн, бел, туѓинец, роб – сите сме едно нешто: браќа во прегратката на Христа. Затоа, драги браќа и сестри, треба да се помолиме сите заедно, Бог да помогне и да просветли. Најпрво светата и свештена јерархија на оваа Црква, за да ги донесе правилните одлуки коишто треба да ги донесе, за да стасаме до благословениот ден кога ќе стане една автокефална, независна Црква. И тогаш ќе ја имаме големата радост да биде овде со нас Вселенскиот Патријарх, да сослужува со Архиепископот, со јерарсите, со сите нас, и тогаш ќе ја почувствуваме сите радоста на Рајот.

Од оваа своја позиција ги пренесувам братските целиви, љубов и почит од нашиот Патријарх кон Преосвештениот Епископ г. Партениј и благодариме за сѐ што прави овој владика, за да стасаме онаму каде што треба да стасаме. Секако дека нашиот Патријарх ве поздравува и сите вас, клирици и лаици. Се моли и благопосакува за сите, и е подготвен да направи сѐ што е потребно за да стасаме, како што рековме, до потполна автокефалија.

Посакуваме, чесни отци, мајки и драги браќа и сестри, благодатта на нашата Богородица и покровот на Чесниот Крст да нѐ одведат таму. И тогаш ќе можеме да извикуваме: Во една, света, соборна и апостолска Црква. Ѝ благодарам на светата Старица, мајка Харитина, за приемот и гостољубието, а и за денешната богослужба овде, со дозвола од Вашиот пастироначалник Високопреосветениот г. Тимотеј и со присуство на драгиот во Христа брат, Ваш Старец и духовник Неговото Преосвештенство г. Партениј. И ние ве очекуваме во Цариград и на Имврос, за да возвратиме на Вашата љубов. Да се молите, браќа и сестри, и на многаја лета!“