Обратно

И само еден да е со Господ… стои во мнозинството.

                                                    (Св. Николај Охридски и Жички)

Ова обратно да не го сфатиме како во спротивен правец од досегашниот, туку, обратно, како поинаков начин од досегашниот…

Затоа што досегашниот правец, на нас луѓето и за нас сите е оној исправниот – правец по Христа. Повеќе од 2000 години… Со сите падови и гревови, со сите искушенија, со сите убавини и добрини, со сите борби, со сите војни, со секое добро и со секое зло… Со секоја ука и наука, со сите достигнувања, со сите премрежија, со сите права и неправди… Со сите нас и за сите нас… Едно и единствено со Христос Љубовта, со Христос Битието, по Христос Седржителот. И тука нема што многу да се размислува и помислува, а камоли да се говори и пишува.

Малку поинаку од досегашното… Мислам на нас самите, а сами не сме никогаш… Христос е постојано со нас. Како ортак, како сопатник, како партнер, како другар, како пријател, како колега, како сосед…

Па, со Христос со нас, треба да правиме сè обратно. Ако лажеме, да не лажеме, ако крадеме, да не крадеме, ако прељубуваме, да престанеме, ако должиме, да вратиме, ако одземаме, да додаваме, ако лакомиме, скромни да станеме, ако се прејадуваме, да постиме, ако блудничиме, да се воздржиме, ако сме горделиви, да не се гордееме, ако се караме, да се смириме…

И во овие тешки времиња – истото… Од нас самите… Обратно. Са почнеме да слушаме, да сме послушни, да почитуваме, да љубиме, да се смириме, да не се плашиме, да не сме вознемирени, со благослов да живееме и да работиме …

Да веруваме!

И прво од самите себе да започнеме.

Белким, нема прво тоа од Христос да го бараме…