И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекуваше од престолот на Бога и Агнецот
(Откр. 22,1)
Да не кажете говорам напразно и што годе. Да не кажете говорам бесмислено. Да не кажете говорам залудно, непотребно. Да не кажете говорам само за да говорам. Не сакам да бидам чуен, само за да ме чуете. Не сакам да бидам разбран, само за да разберете. Не говорам за да бидам тоа, не говорам за да бидам нешто, не говорам за да сум.
И не судам. Не плачам. Не лелекам. Не очајувам. Не окривувам. Не сум песисмист. Не паѓам. Не е сѐ црно. Не ги живеам последните времиња.
Не мислам…
Ако чистотата на мојата душа ме однесе до водата на животот, верувам. Ако бистрината на моето срце ме однесе до водата на животот, верувам. Ако љубовта во мојата целост ме однесе до водата на животот, верувам. Ако трудот и борбата за доброто на моето битие ме однесат до водата на животот, верувам. Ако мојот разум е ослободен и таа слобода ме однесе до водата на животот, верувам. Ако радоста на мојот живот ме однесе до водата на животот, верувам.
Ако таа вода ме однесе до престолот на Бога и Агнецот, тогаш верувам и целосно се предавам, се оставам на реката…
Бог нѐ створил да постанеме Икона Божја, според Него…
Од изворот на таа река до утоката на таа река, животот го предавам да се видам зографисан како што Тој ме создал, по делата мои. По волјата Негова.
Со радост, со насмевка, со ведрина, со љубов, со добрина, со смирение, со труд, со дела, со милост, со Мир Божји, за Името Негово…
Или по реката, или низводно. Или покрај неа. Патот ќе го изодам, од патот нема да отстапам. Прв да бидам, ќе водам, последен ако сум – ќе следам. Чистотата и бистрината на животот на престолот ќе ја положам. Пред Него.
По Милоста Негова…