Во свет во кој вниманието е колонизирано, молитвата е најтешкиот подвиг

Во техно-културата телото се редуцира на „материјал“: калории, протеини, перформанс, оптимизација. Во таков хоризонт, воздржанието од храна лесно се сведува на уште една техника на управување со телото: диета, детокс, биохакинг. Постот може да се симулира без да ја допре внатрешноста. Телото како објект може да гладува — но срцето како личносен центар не мора да се разбуди.

Молитвата, напротив, не може да се технифицира. Таа не е техника, туку однос. И токму затоа станува најтешкиот подвиг во свет каде вниманието е колонизирано. Како што би рекол Бјунг-Чул Хан, живееме во режим на постојана позитивна стимулабилност: сè повикува, сè бара реакција, сè сака кликање. Во таков свет, восредоточувањето не е само психолошка вештина, туку духовен отпор.

И во оваа наезда, најголемиот напад е врз вниманието, а со тоа и врз молитвата. Зашто молитвата е вежба во присуство — стоење пред себеси без алиби, со созерцателно внимание. Таа бара тишина, а тишината денес е речиси „контра-културен“ простор.

Оттука следи и она што сакам да го кажам за срцето. Ако молитвата е отворање на срцето, тогаш нејзиното исчезнување значи затворање. Затворено срце не е нужно сурово — туку расеано, фрагментирано, окупирано. А расеаното срце тешко може да сочувствува. Емпатијата бара време, задржување, трпение со другиот — истите доблести што ги тренира молитвата. Кога тие исчезнуваат, љубовта се претвора во ладнотија, во моментна емоција, а не во одговорност.

Така, би рекол:

во техно-светот постот од храна лесно станува пост без глад,

а молитвата — глад без пост.

Од таа перспектива, молитвата не е „уште една“ христијанска практика, туку поприште каде личноста одбива да стане маска, податок, функција — и останува лице пред Лицето. Во нејзиниот јазик: таму душата станува логос, а телото повторно станува тропос, а не ресурс.

Денес битката е за молитвата, а фронтот е вниманието. Таа е најранливата, но и најрадикалната форма на отпор во општество кое го заробува нашето внимание.

И затоа, како што извикува свештеникот на Литургија:

„Да внимаваме! Светињата е за светите.“