ЖЕДНИОТ БОГ

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, во неделата на Самарјанката, изговорено во манастирската трпезаријата, 26 мај 2019 лето Спасителово

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, денес од Евангелието чувме за еден прекрасен настан, за необичната средба на Спасителот наш Господ Исус Христос со една жена Самарјанка. Од евангелското раскажување и од преданието дознаваме дека оваа жена била грешница. Многубројни се примерите во Евангелието каде се покажува Божјата снисходливост кон грешниот човек. Христијанството ни открива, значи, еден Бог на милоста, Бог на нежноста, на љубовта и простувањето, Бог Кој крајно се смирува и му снисходи на човекот!

Архимандрит Партениј Бигорски

Несфатливо и трогателно: Оној Кој го привел овој свет од небитие во битие, Кој со својот збор ги создал водите земни, надземни и подземни, Кој „земјата ја обесил на водите“, Кој „со вода ги полни изворите и езерата“, сега Истиот се покажува изморен и жеден и бара вода од жена грешница! Од жена којашто несомнено била од сите со прст покажувана, презрена во нејзиниот град, предмет на потсмев во нејзиното општество, поради фактот што имала пет мажи. Охрабрена од љубезноста и благородството на овој необичен Патник, таа делумно и ја исповедала својата грешност, кога, повикана да го викне мажот си, засрамена одговорила дека нема маж. Во продолжение Господ ѝ рекол: Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече (Јован 4,17).

Меѓутоа, забележете добро – во сиот разговор со неа, Господ Исус не ја нарекува грешница, ниту пак, на некаков начин ја укорува. Напротив, ѝ пристапил со огромна снисходливост, се смирил Безгрешниот и Седржителот пред неа, пред грешниот човек, и тоа до тој степен, што се покажал како Он Самиот да има потреба од неа, од нејзината добра волја да Му наполни вода да пие. О, колку добро Сезналецот ја познава човечката психологија! Знаел дека единствен начин да ослободиш некого и да ја придобиеш неговата доверба е да се смириш пред него и да му покажеш дека ти имаш потреба од него, а не тој од тебе. Токму тоа и го направил Изворот на животот, барајќи вода од жената при изворот Јаковов. Тоа бил тој пријателски, снисходлив и полн со љубов и разбирање пристап, со кој успеал да ѝ го даде на таа жена она што сака да ни го даде и на секого од нас – да потечат во нас обилните струи на Божјата благодат што течат кон вечното царство. Кога би го знаела дарот Божји, ѝ рекол на Самарјанката – и Кој е Овој што ти вели: „Дај Ми да пијам“ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода. А таа, размислувајќи по човечки, Му одговорила: „Господи, Ти нема со што да нацрпеш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода?“  Тогаш Христос го насочил разговорот кон богопознание: Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен (Јован 4,10-14). Веќе почнал полека да ја воведува нејзината жедна душа во тајните на царството Божјо, на Својата Божествена наука, која секого што ќе ја прифати го води кон вечен живот, Разговорот продолжува во теолошка насока, за накрај жената, духовно разбудена и просветлена од присуството Христово, да рече: Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сè ќе ни каже. Господ, пак, кога видел дека најпосле нејзината душа е подготвена да прими, ѝ се открил: Јас сум, Кој зборува со тебе (Јован 4,25,26).

Господ Исус со Својата безмерна снисходливост и човекољубие успеал да ја приведе оваа жена кон вечниот живот. И не само што ја привел, туку од грешница ја преобразил во апостол: оставајќи ја стомната со вода, т.е. земните грижи, таа веднаш отрчала во градот да им проповеда на своите сограѓани: Дојдете, видете Го човекот Кој ми кажа сè што сум направила. Да не е Тој Христос? (Јован 4,29) Иако важела за неморална личност во градот Сихар, избегнувана од сите, сега нејзините зборови добиле сила; таа успеала да го приведе целиот град кон познание на Христа: Сега веќе не веруваме само заради твоето кажување, зашто сами чувме и знаеме дека Тој е Спасителот на светот, Христос (Јован 4,42). Така, Самарјаните, од презрен народ, кој од Јудејците бил сметан за нешто најдолно и скверно, после проповедта на жената, станале избран, Христов народ.

Ве молам, размислувајте повеќе за тоа колку многу Господ е снисходлив кон сите нас. Секојдневно во нашиот живот, Он ни снисходи, ни се приближува, на најљубезен начин нѐ повикува да бидеме со Него. Многупати ние не можеме тоа да го сфатиме, исто како што и Самарјанката не разбирала на почетокот. Отпрвин таа не можела да препознае дека Оној Кој разговара со неа е Словото Божјо, Спасителот на светот, Кој ќе ѝ даде живот вечен. Си мислела дека овој случаен минувач е само еден обичен човек, изморен и жеден. Потоа, како што се одвивал разговорот и заземал сѐ подлабоки димензии, кога Господ ѝ открил дека го знае нејзиното минато, таа почнала да мисли дека пред неа стои некој пророк: Господи, гледам дека си Ти пророк! (Јован 4,19) Најпосле, откако таа целосно го отворила своето срце и го направило приемчиво за најголемата вистина, Господ ѝ се открил и таа со вера Го прифатила. Нејзиното срце не било непознато поле за Христа, Кој знае сѐ и ги испитува дури и најскриените мисли на човекот. Тој знаел што криело тоа во себе, имено, дека во него немало вистинско задоволство, туку тага и пустош, но истовремено – и копнеж по Вистината. Затоа и се упатил при Јакововиот извор во тоа време. Отишол за на еден необичен начин да се сретне со неа, знаејќи дека таа одела да полни вода сама, а не со другите жени, бидејќи сите ја одбегнувале како блудница. Всушност, ја пресретнал таму за да ја утеши и спаси. Оваа жена била предадена на блудната страст, променила повеќе мажи во својот живот, но сепак, сето тоа не ја направило вистински радосна и исполнета. Таа барала нешто друго. Нејзиното внатрешно битие Го барало Бога. Господ го знаел сето тоа и токму затоа тргнал да ја почека на изворот.

Он сите нас трпеливо нѐ чека, сакајќи да нѐ направи радосни со Своето присуство. Вчера едно од момчињата коишто седат тука и се лекуваат, борејќи се со страстите, како што, впрочем, и сите ние се бориме, во лутина ги нарече своите цимери „наркомани“. Веднаш го укорив: „Немој да ги нарекуваш моите деца наркомани, затоа што тоа мене многу ме боли. А знам дека и Господа многу Го боли“. Видовте, Господ не ја нарекол Самарјанката „грешница“, туку со љубов и снисходливост ѝ пристапил и ѝ побарал вода, за да ја ослободи и да создаде повод за разговор со неа. Воопшто не се згнасил од нејзината грешност. Никогаш Он не го понижува грешниот човек со навредливи или укорувачки зборови: „грешнику“, „безобразнику“, „никаквецу“, туку само го повикува: „Дете мое, дојди при Мене за да ти дадам жива вода што ќе тече во живот вечен“. И секој што ќе Го прифати Него ќе се уподоби на оваа жена, која откако поверувала, станала апостол. Од нејзиното житие, од светото предание, дознаваме дека после средбата со Христа таа се крстила и го добила името Фотина, во превод на македонски Светлана. Од грешница станала светлоносец. Започнала насекаде да го проповеда Евангелието Божјо, исто како што направил и некогаш најгрешниот и презрен од сите Закхеј, кога Спасителот го нашол и го повикал од дрвото. Истото се случило и со апостолот Матеј, кој откако Го прифатил Христа во себе, од поранешен омразен митник станал евангелист. И со колку ли нѐ грешници до ден денес се повторува истото! Господ Христос ги прима покајаните грешници и ги прави Свои ученици. Од темнина ги преобразува во светлина. Ете зошто никого не треба да го нарекуваме грешник. Човек може себеси да си се нарекува грешник и во своето смирение да избере за себе секакви погрдни зборови, но ние никако не смееме да ги ословуваме другите според нивните страсти и гревови. Всушност, сите во себе страдаме од страсти и гревови и единствено Бог е Оној Кој може да нѐ помилува и да нѐ оправда, да нѐ избави и да нѐ направи Свои апостоли.

Во контекст на сето досега кажано, ќе ви прочитам порака од едно мое духовно чедо, поранешен зависник од наркотици. Би сакал да видите како сега тој, откако Го прими Христа во својот живот, размислува и пишува. Пораката ја добив веднаш по завршетокот на Литургијата:

На себе ги носат христовите рани, секоја од нив неизмерна љубов има. Големо таинство е тоа, навистина е света монашката схима. А преголема храброст поседува оној што монашкиот потстриг го прима. Клепало, симандро, камбана, богослужбите се нивниот живот. Христос пак нивната храна. Додека светот сѐ уште спие, на молитва стојат тие. Се молат со срцата свои, спасени да бидеме ние. Од нивните усни песнопенија кон Бога се излеваат, солзи за нас пролеваат. На светот храбро одолеваат, под закрилата на Мајката Божја, на Која величанија ѝ воспеваат. Слаткогласни птици питоми, од сите краишта долетани. На разнобојни цвеќиња збир, во градината на Богомајката процветани. Секоја од нив е ѕвезда Христова, сјајна, од која љубов и топлина извира. Монаштвото е голема тајна, тие се души чисти и самиот Господ ги избира. Светителите се пример за нив, тие се пример за нас. Слушајќи ги нивните поуки, се исполнуваме со духовна сласт. Љубовта кон Бога сите заедно ги обединила, благословена  е онаа душа која со Бога се соединила. Послушание пред сѐ, свето Писмо, ќелија, се откажаа од мирските блага и во манастирите се вселија. Молитва, бдеење, пости  и двата спасоносни збора: благослови и прости. Затоа се дојдени тие, на секој љубов и утеха да пружат. На народот се светилници во мракот, неразрушлив бедем на луѓето во бракот и браќа и сестри на сите кои на Бога Му служат. Молитвата на старецот, почитуван и мудар, ги штити од зло кога се на удар. Да, секогаш се радосни тие и покрај големите борби. Не оставај ги твоите чеда Господи, оти сите сме дело на Твоите раце, сите сме Твои творби. Богородице, Ти руно сеоросено, одухотворен саду исполнет со манна, благослови ги овие деца твои, кои се облекоа во расо и пана. Местото на черепот рај стана, копје и трска, исцеление за секоја нивна душевна и телесна рана. Застапница биди им пред Бога, помошница и нераскинлива врска.

Гледате ли како размислува сега еден поранешен зависник? Каква преобразба прави Христос со луѓето! Дозволете ми да ви прочитам уште една порака што деновиве ми ја прати еден, исто така, поранешен зависник од Охрид:

Ех, мој татко! Вие и браќата ми Го подаривте Христос, а со Него и живот. Од леш ме направивте полн со живост, со волја за живот. Го гледам сега езерово и ѝ се радувам на природата. Голема е љубовта ваша, многу ви сум благодарен. Сега малце ќе одморам со поракиве, не Ви пишам, зашто ќе Ви ја фатам меморијата за други пораки, од други луѓе 😊 Ве сакам сите, фамилија сте моја!

И овој млад човек Го примил Христа во себе и сега на вистински начин му се радува на животот. Претходно, додека се наоѓал во мракот на гревот, сигурно не ја ни забележувал убавината на Божјото создание, а сега ја чувствува сета нејзина вредност. Можеби општеството ќе продолжи да го осудува и карактеризира како наркоман, грешник, расипник, но напразно – тој е сега носител на светлината Христова. Има ли поголема, повозвишена, попрекрасна и попрефинета уметност од љубовта Божја?!   

Затоа, најмили мои, да Му благодариме Нему што од крајниот порок може да нѐ одведе до крајната светлина. На сите вас ви го посакувам тоа! Сите што сте дошле тука и на некој начин сте повикани од Бога, да имате богомислие, да одите по патот Божји. Не велам дека ќе станете безгрешни, но од љубов кон Него ќе се трудите кога и да паднете во грев, веднаш да станете. Немојте гревот да ви стане навика и никако не помирувајте се со него. Покајание и борба. Тоа е особено важно, Господ го сака покајанието и нашата желба да се поправаме. А Он е тука секогаш, полн со љубов, како единствен вистински Татко, снисходлив и кон најголемите грешници. Ве молам да Му приоѓаме секогаш во молитва, бидејќи нѐ чека, исто како што во она време ја чекал и жената Самарјанка кај бунарот Јаковов. Нѐ чека со истата жед, жеден не за вода, тука за нашите душички, за нашата љубов. Ние сме Неговите возљубени деца, Он жедно нѐ чека да се вратиме при Него, да нѐ направи светлина. Само Он може да нѐ осветли, да нѐ облагороди, да ја задоволи нашата внатрешна жед. Единствено Христос може да нѐ направи вистински радосни, никој друг! Тоа го посведочила и Света Фотина, која накрај маченички се овенчала за вечната радост со своите седум деца, а тоа го знаат и сведочат и безбројните други светии на Црквата наша. Бог го направил Својот чекор кон нас, Он нѐ чека при изворот на Својата љубов. Останува на нас да пристапиме кон Него и тогаш сѐ ќе се промени.

Христос воскресе!