Да ги наполниме светилниците со елејот на љубовта

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на споменот на преподобната Параскева, на Божествената Литургија во храмот на Преподобната во град Дебар, 27 октомври 2025 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени во Христа, еве, и оваа година светата и пребодобна мајка наша Параскева нè собра во овој свој сечесен храм во славниот Дебар, за молитвено да ја прославиме и да се потсетиме на нејзиниот голем и благодатен подвиг. Величието на нејзиниот живот го сведочат не само книгите, туку и вековите што минале, славата што ѝ е дадена во небесната Црква и непрестајното сеќавање на земјата, каде што поколенија и поколенија ја повикуваат во молитва и добиваат благослов и помош.

Дури и нејзиното свето тело, нераспаднато и благоухано, стана живо сведоштво на Христовата сила над природните закони и смртта. До ден-денес тоа тело почива нетлено во градот Јаши, во православна Романија, и секоја година илјадници верници, во редови што траат со часови, доаѓаат да се поклонат пред нејзините свети мошти, да се помолат, да побараат милост и благослов. Многумина, со вера и покајание, добиваат исцеление и духовна утеха, зашто преку неа, како преку жив сад на Божјата благодат, Господ излива милост на сите кои притекнуваат со молитва е љубов. Исто и оваа година, илјадници луѓе во Романија и ширум православниот свет со радост го празнуваа нејзиниот ден, сведочејќи дека преподобната Параскева, или како што народно ја нарекуваме – Света Петка, и денес чудотворно дејствува, особено на својот празник, но и во текот на целата година.

Во својот живот таа Го поставила Христос над сè. Како што сведочи нејзиното житие, уште од младоста Го возљубила Него, единствениот Возљубен. Оставила сè што е земно и тргнала по патот на покајанието и подвигот, барајќи го лицето Божјо. Извесен период живеела во Јорданската Пустина, каде што, во сурови услови, мажествено се подвизувала со пост, воздржание, молитва и солзи, подобно на древните египетски пустиножители.

Затоа денес, во светата Литургија, во Причесниот псалм ја воспеавме со зборовите на светиот пророк и цар Давид: Во вечен спомен ќе биде праведниот[1]. И навистина, тоа слово се исполнува пред нашите очи. Споменот на света Параскева останува вечен меѓу луѓето, затоа што таа со целиот свој живот Го сведочеше Христа, Го бараше Него и Го постави над сè. Таа стана жив сведок на Евангелието, апостол по дух, проповедник по подвиг, пример на покајание и чистота. Се воздигна над слабоста на природата, ги победи дури и природните телесни желби и се ослободи од оковите на светот, само за да Го придобие вечното – благодатта Христова и Царството небесно.

И во тоа наполно успеа.

Преку своето смирение и љубов кон Бога, таа стана сад избран на Светиот Дух, украс на Црквата и духовна мајка на подвижниците. Затоа Црквата ја нарекува „светило што сјае постојано“ и „невеста славна Христова“, зашто со својот живот покажа дека човекот станува вечен кога целосно ќе Му се предаде на Христа.

Возљубени, треба да се поучиме од животот на оваа света и преподобна жена. Од неа учиме колку е важно во нашиот живот Христа да Го поставиме над сè. Само тогаш човекот станува вистински човек, исполнувајќи го своето предвечно назначение. Зашто Бог нè создал не за самодоволност, туку за заедништво со Себе, за постојано општење со Него[2]. Кога Христос ќе биде во центарот на нашиот живот, сè друго ќе биде на своето место. А без Него, секој поредок се руши, секој напор станува празен, секоја радост – краткотрајна.

Црквата Божја е украсена со безброј светии, мажи и жени, кои, како преподобната Параскева, се облекоа во Христовата светлина и со животот свој го потврдија Евангелието. Тие се живо сведоштво дека словото Господово е вистинито, исполниво и животворно. Евангелието не е дадено само за да го читаме, да се восхитуваме на него и да го слушаме на богослужба со минливи чувства на умиление. Не! Евангелието е дадено за да се живее. Оти Христос вели: Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во Царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец[3].

Животот на света Параскева токму тоа ни го покажува: дека сè овоземно е минливо и брзо завршува. Ако таа го задржеше за себе наследеното богатство од своите богати родители и го потрошеше само за својот привремен живот, денес никој не ќе се сеќаваше на неа. Но таа го раздели наследството на сиромашните, тргна по Христа и го стекна вечното богатство – благодатта на Светиот Дух[4].

Од нас, мили мои, не се бара подвиг како нејзиниот. Бог бара нешто многу помалку, но суштинско: да бидеме милостиви, добродетелни, да ги посетуваме храмовите во неделите и на празниците, да се причестуваме со вера и со основна подготовка. И тоа е доволно за спасение, зашто Господ не гледа колку правиме, туку со какво срце го правиме сето тоа. Но, за жал, во нашево време многумина дури ни тоа не го прават. Сме станале христијани само по форма, без подвиг и без внатрешен живот. Го слушаме Евангелието, а не го живееме; го изговараме Христовото име, но не Го поставуваме Него над сè. И така, губејќи го животот во Христа, ние губиме сè. Оти, како што вели Господ: Без Мене не можете да направите ништо[5]. Без Христа нема благослов, нема вистинска радост, нема вечен живот.

Но Господ е милостив. И заради нашите мали трудови, заради најскромниот подвиг, Он ќе нè спаси и ќе нè помилува. Како што вели Псалмопејачот: Колку е височината на небото од земјата, толку ја утврди Господ милоста Своја за оние кои се бојат од Него[6].

Во денешното Евангелие чувме за десетте девојки – пет разумни и пет неразумни[7]. Разумните девојки беа подготвени, а неразумните – не. Светилниците на неразумните изгаснаа, бидејќи немаа масло, односно милосрдност кон другите. Зачувале тие, навистина, дел од добродетелите – девството, воздржанието – но немале милостина. Затоа нивните светилници згаснале, и не можеле да Го видат Женихот кога дојде.

Видете колку е важна, возљубени, милоста во нашиот живот! Без милост, без љубов, без сочувство, секоја добродетел останува недовршена, како светилка без масло. А што е милостината? Не е тоа само да му дадеш на некого нешто од својот имот, понекогаш дури и од она што ти е одвишно. Милостината е многу повеќе. Таа е топлина на срцето, учество во болката на другиот, поглед на разбирање, збор на утеха, молитва за страдалникот. Да посетиш болен и затвореник – тоа е милостина. Да го утешиш оној кој плаче – тоа е милостина. Да го примиш човекот со љубов, без да го осудиш – тоа е милостина. Да му простиш на братот свој – тоа е највозвишената милостина[8].

Бог од нас тоа го бара – не многу, туку срце што љуби. Оти Он Самиот вели: Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани[9]. Ако го носиме тој елеј на милоста во нашите светилници, тогаш, кога ќе дојде Женихот, нема да нè најде во темнина, туку во светлина. И тогаш, возљубени, ќе се приброиме таму каде што е и денешната наша славна застапничка – преподобната мајка Параскева, која како светилник светли во Христа заедно со сите светии и праведници, знајни и незнајни. Таму е нашиот пат – кон светлината на вечниот ден, кон радоста на Женихот Христос.

Нека преподобната мајка Параскева Го моли нашиот Господ Исус Христос да ни ја дарува потребната храброст, вера и благодат, за да бидеме достојни христијани и наследници на Царството небесно.

Амин.


[1] Пс. 111, 6.

[2] сп. Битие 1, 26-27; Јован 15,5.

[3] Матеј 7, 21.

[4] сп. Матеј 19, 21; Лука 12, 33-34.

[5] Јован 15, 5.

[6] Пс. 102, 11.

[7] Матеј 25, 1-13.

[8] сп. Лука 6, 36.

[9] Матеј 5, 7.