Дева денес, предвечното Слово

Дева денес, предвечното Слово,
во Пештера оди, за да Го роди неизречено.
Ликувај, Вселено, кога ќе слушнеш,
прослави Го со Ангелите и со Пастирите,
Оној Кој посака да се јави,
Детето младо, предвечниот Бог.

Додека наближува, мили мои, величествениот празник, или како што Отците милуваат да го наречат „Митрополијата на празниците“ – Рождеството Христово, нашата грижлива мајка Црквата, со топлината и озарението на својата вдахновена химнографија и со љубов на мајчини раце нè прегрнува и нè кани: подгответе ги срцата ваши, за да Го примите Дарот Божествен, малото Дете, предвечниот Бог. Во овој свештен период, црковното богослужение нè воведува во тајната на Божјото воплотување, преку зборовите на своите возвишени песнопенија, кои не се само убави поетски изрази, туку живи икони на небесната стварност. Овој глас на Црквата нè повикува да ги очистиме нашиот ум и срце, да го соблечеме бремето на секојдневието, да ги собуеме обувките на брзањето и метежот и да застанеме пред Витлеемскиот вертеп со трепет и радост, како пастирите и мудреците, подготвени да Го примиме Богомладенецот.

Кондакот посветен на празнувањето на Рождеството Христово е еден од најубавите бисери на ромејската химнографија и го има својот зародиш во златната ера на црковната поезија. Настанал најверојатно во Константинопол, во 6. век, време кога Црквата преку своите химнографи, како Свети Роман Слаткопевец и нешто подоцна Свети Јован Дамаскин, ги откривала неисцрпните длабочини на Божјото Откровение и ги пренесувала со еден исклучително вдахновен стиховен израз. Како една од највисоките форми на црковната химнографија, кондакот се состоел од повеќе делови (18-24 строфи – икоси, со воведни делови – кондаци и припеви), коишто биле прецизно и ритмички организирани, како по содржина, така и по форма. Како поетска и богослужбена творба, кондакот претставува, всушност, икона во зборови и ги повикува певците и слушателите не само да учествуваат во содржината на песнопението, туку и да ги проживеат неговите духовни вистини и височини.

Овде ќе го разгледаме само воведниот дел од кондакот на претпразненството на Божик, кој е сотворен како поетски и теолошки прозорец во тајната на Воплотувањето, со намера да го воведе верникот во духовната подготовка за празникот. Во него се гледа силата на Светиот Дух, Кој преку зборовите на химнографот ја оживува вечната радост и реалност на Христовото Раѓање.

„Дева денес, предвечното Слово“. „Дева денес“ – овие зборови се исполнети со една голема благодатна и благородна тајна. Дева Марија, пресвета и пречиста, стои како вратата низ која вечноста влегува во времето, Несоздадениот во созданието, безвременото Слово Божјо во времениот и грешен свет. Зборот „Дева“ нè потсетува на Богородичната непрестајна и надумна чистота, на нејзината целосна посветеност на Бога. Со прилогот за време „денес“ се објавува вечниот настан на Воплотувањето. „Денес“ не е само календарски миг; тоа е космичко „сега“, момент во кој вечноста се вмешува во времето. Тоа нè упатува да го видуваме и да го живееме минатиот миг како сегашен и сегашниот како вечен, бидејќи беспочетниот Бог влегува во нашата историја, преобразувајќи ја засекогаш и давајќи ни го потенцијалот на вечноста.

„Во Пештера оди, за да Го роди неизречено“. Пештерата, едно мало, бедно, скромно и темно место, станува престол на Царот на вселената. Таа не е само една географска точка или случајно избрана локација; таа е симбол на состојбата на паднатата човечка природа, на светот во неговата осаменост, студенило, мрак, нечистотија и отуѓеност. Пештерата, место за чување животни, станува место на Божественото присуство. Бог избира да се роди таму, не во величествените палати на земските моќници и владетели, туку во сиромаштија и во смирение, објавувајќи ни ја Својата љубов што ги надминува сите земски критериуми на величие.

Раѓањето на Господ Христос во пештерата е повик за преиспитување на нашите вредности и на нашите дејствија. Додека светот се стреми кон раскош и удобност, кон консумеризам и хедонизам, Бог го избира токму она што човекот го презира – сиромаштијата, едноставноста, смиреноста. Пештерата станува место на преобразба, каде што земните страдања се осветлуваат од небесната светлина. Она што беше мрачно и нечисто, сега е наполнето со присуството на Божеството.

„Неизречено“ – овој прилог го изразува величието на таинството што нашите зборови не можат да го опфатат. Раѓањето на предвечното Слово во време-просторот е чин што ја надминува сета човечка логика. Како може Беспочетниот да има почеток? Како може Семоќниот Бог да се јави како немоќно Дете? Како може Несоздадениот да стане создание? Тоа е љубовта на Бога кон светот – љубов што не се задоволува само со збор или со љубезен гест, туку со акт на крајно, неискажливо снисходење. Затоа, пештерата нè учи на смирение. Ние, кои често тежнееме кон височините на земската слава, богатство, знаење и моќ, сме повикани да се нурнеме во длабочините на Божјата љубов. Како што Бог слезе во пештерата, за да го осветли нејзиниот мрак, така и ние треба да Го поканиме во нашите сопствени „пештери“ – во темнините на нашите срца, во нашите стравови, слабости, очекувања, неизвесности, безнадежности и гревови. Со раѓањето во пештерата, Христос воспоставува една силна интеракција меѓу земното и небесното, меѓу материјалното и духовното. Он доаѓа не само за да ја посети Својата творба, туку за целосно да ја преобрази. Пештерата станува предвесник на крајното Божјо смирение на страшната Голгота и на славата на празниот Гроб од Неделата на Света Пасха. Она што започнува во пештерата, продолжува на Крстот и завршува со Воскресението.

Пештерата ни говори за Бог кој не се плаши од нашата човечка слабост, туку ја прегрнува. Неговото неискажливо Раѓање е објава на љубовта што снисходи до најниските прагови на повредената човечка природа, за да ја издигне кон Небесата и да ја направи причесница на вечниот живот.

„Ликувај, Вселено, кога ќе слушнеш“. Овде сме повикани на радост која ја надминува секоја земна радост. Ова не е само празнична еуфорија, туку длабока, тивка радост што извира од сознанието дека нè посети Исток од висините. Светот, уморен од товарот на вината, на гревот и страдањето, како и од стравот од смртта, го чувствува обновувањето што доаѓа со Раѓањето на Логосот. Целата Вселена, од ангелите до луѓето, од пештерата до ѕвездите, го слави овој спасителен настан.

„Прослави Го со Ангелите и со Пастирите“. Ангелите, првите благовесници, ја возгласуваат небесната химна на Земјата, повикувајќи ги пастирите, смирените и едноставни по срце луѓе, да станат првите сведоци на необичното Раѓање. Пастирите нè учат дека само со просто срце и со отворен дух можеме да Го видиме Бога. Нивната прослава е прослава на целата Црква, која денес се собира околу Витлеемската Пештера, за да Го поздрави и прослави родениот Спасител.

Оној Кој посака да се јави, Детето младо, предвечниот Бог“. Овој завршен стих ја сумира тајната на Рождеството, објавувајќи ни го парадоксот што ја надминува секоја човечка логика: Предвечниот Бог, Создателот на вселената, Творецот на сè видливо и невидливо, Оној Кој е над времето и просторот, станува едно Дете – мало, беспомошно, повиено во пелени, зависно од човечката грижа. Тоа е несфатливото снисходење на Божествената љубов, која не останува далеку од Своето создание, туку со огромна нежност и смирение влегува во непосредно општење со него. „Оној Кој посака да се јави“ – во овој израз се крие длабочината на Божјата слобода и на Неговата љубовна волја. Бог не се принудува да дојде во светот; тоа е Негов избор, плод на совршената Му љубов. „Посака да се јави“ означува дека Раѓањето Христово не е случајно, ниту механичко, туку е акт на слободна волја и избор. Ова „јавување“ е желба на Бога да биде близок со Својата твар – човекот, за да го спаси, да го обожи.

„Детето младо“. Оваа слика ни Го открива Бога во состојба на крајно смирение. Детето е една типична иконичност на незлобливост и доброта. Како Дете, Он не владее со сила и со страв, туку со љубов и доверба. Детето е симбол на чистота, невиност и отвореност. Тоа нема што да крие, нема задни намери; со Своето јавување како Дете, Бог ни покажува какви треба да бидеме, за да Го примиме: како децата, без маски, искрени, доверливи, кои се радуваат на доброто. Како Дете, Христос ја разоружува човековата горделивост. Наместо да дојде како силен Владетел, Кој го освојува светот со меч, Тој доаѓа како најмал, за да покаже дека последните се први во Неговото Царство. Неговата детска природа е икона на смирението што ја отвора вратата кон Небесата.

„Предвечниот Бог“. – Овој израз го содржи во себе величието на Христовата природа. Додека Неговата човечка природа станува видлива и опиплива како Дете, Неговата Божествена природа останува несоздадена, несфатлива, предвечна, невидлива, недосежна. Христос не престанува да биде Бог кога станува Човек; напротив, со Своето Воплотување, Тој ги соединува двете природи – Божествената и човечката – во едно. Ова е фундаментот на нашето спасение, како што говори Свети Атанасиј Велики, дека Бог станува Човек за човекот да стане бог по благодат.

Христовото јавление во светот како човек е дар на љубовта што ослободува, преобразува и воспоставува нова твар. Во младото Дете се открива најдлабоката тајна: љубовта како основа на суштествувањето. Тоа нè учи на доверба и доброта, бидејќи детето е немоќно, а токму во таа немоќ е сокриена најголемата сила – силата на љубовта што го победи светот. Неговото раѓање нè повикува да станеме слични Нему, да се вратиме кон невиноста, кон простодушноста, кон несебичноста, кон љубовта што не бара свое. Тоа е Божјиот пат за човека – пат што започнува во јаслите, продолжува преку Крстот, и завршува во славата на Воскресението.

Така, мили мои, кондакот на претпразненството на Рождеството не е само химна, туку, пред сè, покана за длабока духовна преобразба. Преку него Црквата нè повикува да се подготвиме со смирение и љубов, со радост и благодарност, за достојно да Го примиме Оној Кој се роди заради нас. Во овие свети денови, да го отвориме своето срце за Христа, да Му ги принесеме своите грижи, таги, стравови и радости, и да ја почувствуваме неизмерната љубов на Бога, Кој се понижи, за да нè издигне нас во Неговото вечно Царство. Амин. Добро Рождество!

†Епископ Антаниски Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител (Извадок од монашки синаксис, 29.01.24)