Крстот како средиште на нашиот живот

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на светото Евангелие на Божествената Литургија во Крстопоклоната недела, на 2/15 март 2026 лето Господово


Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Му благодариме на Бога, мили мои, Кој нè удостои да стигнеме до средиштето на Светиот и Велик пост, односно до третата недела, која е посветена на чесниот и животворен Крст.

Велика е тајната на светиот Крст. Стоиме сега пред него, и чувствуваме дека нешто се случува, дека ни покажува едно Присуство, едно мистично, неискажливо Присуство. Бог, Кој го создаде овој свет крстообразно, во височина и длабочина, во ширина и должина[1] – нè собира околу ова Дрво на животот. Светите отци учат дека сѐ во создаденото носи крстовиден знак, па и самиот човек: доволно е само да ги раширите рацете и веќе стоите во облик на крст. Ние самите, со нашето тело, сме запечатени со знакот на спасението уште пред да знаеме за него.

Крстот на Христа беше издигнат во центарот на светот, зашто стариот Израел веруваше, а потоа и Светите отци сведочеа, дека Ерусалим е средиште на земјата.[2] Свети Кирил Ерусалимски карактеристично вели дека Христос „ги распростре рацете на Крстот, за да ги прегрни краевите на светот, бидејќи Голгота е средиште на земјата.“[3] Значи, Крстот беше поставен таму каде што Христос беше распнат за спасение на светот – во самиот центар на човечката историја. Богочовекот стоеше на тоа дрво во средиштето на земјата со раширени раце и – замислете! – умираше прегрнувајќи го целиот свет.  

Свети Атанасиј Велики, пак, вели дека Бог го избра токму крстот како средство на спасение, затоа што само на крстот човек умира со раширени раце, во прегратка за човештвото. Со едната рака Он ги привлече Евреите, стариот Израил, а со другата народите, и ги обедини сите во Себеси.[4] Неговата смрт, значи, не е затворање, не е крај; таа е отворање, прегрнување, прибирање на целото човештво во Неговата неизмерна љубов. Крстот стана оружје на спасението заради Оној Кој беше распнат на него.

Крстот е уште и патоказ кон Царството небесно. Преку Крстот доаѓа Воскресението. Невозможно е човекот без крст да биде спасен. Оној кој не сака страдања, тој нека не очекува ни благодат, ни воскресение. Патот на човекот во овој свет е токму таков: преку страдања. Не зашто страдањата и смртта се волја на Бога, туку затоа што според својата слободна волја човекот го направи овој свет долина на плачот,[5] со својот погрешен избор. Многупати ние луѓето се запрашуваме: зошто светот е ваков? Зошто се овие искушенија? Вчера, додека исповедав, некои ме прашуваа токму за ова: зошто мене? Зошто на мојата ќерка? Зошто на мојот внук? Зошто на мојот син? Но ние христијаните не треба да сме во недоумица поради ова. Свети Јован Богослов уште во првиот век по Христа пишува дека целиот свет лежи во зло.[6] А зар Бог создаде зло? Не. Оти сѐ што Бог создаде беше добро. Во Светото Писмо, по секое Свое создание, Бог гледаше и виде „дека е добро“.[7] Создавајќи ги и небесниот и земниот свет, Бог создаде сѐ добро, зашто Он е извор на доброто и на љубовта. Но Он сакаше човекот да биде создаден слободен, да може да избира. И тој закон на слободната волја во човекот Бог не го прекршува. Он секогаш ни дава знаци и нѐ упатува да направиме добар избор, но накрај, сепак изборот останува на нас. Така, во злобниот свет, кој станал долина на плачот, нема луѓе кои не страдаат. Безумно е да помислиме ние христијаните, подвизувајќи се во пост и молитва, дека на оние кои не постат, кои не се молат, или кои ја немаат вистинската вера, дека ним им оди подобро отколку на нас. Безумно е тоа. Затоа и на Голгота, како пример на страдањето, имавме три крста. На средниот беше Безгрешниот. Од десната страна беше грешникот кој се каеше. Од левата, претставникот на оние кои страдаат и не се каат. Сите неминовно во овој свет страдаат и на секого ќе му дојде часот на неговото страдање. Важно е, затоа, да се покаеме. Погледнете: Христос страдаше без никаква вина во Себе; Он е безгрешен. Но, Он ги зеде гревовите на сите нас, на целото човештво. Затоа ја избра крстната смрт, за да ни го покаже патот и како човек. Он е Бог, но стана и човек; Неговото тело чувствуваше сѐ што чувствува секое човечко тело, сите маки и страдања ги почувствува толку блиску и реално – сѐ заради нас.

Така, има и луѓе кои страдаат без нешто особено да згрешиле, па пак Го слават Бога. Тие се чеда на Крстот Христов, подобни на својот Спасител. А има и такви кои се грешни, но се каат. Извикуваат кон Христа како разбојникот од десната страна, кој во последниот час беше спасен бидејќи се смири, ги призна своите гревови, помисли во себе дека е праведно осуден, и Бог му ги отвори духовните очи, за да го види она што другите не го гледаа. Дури и учениците не можеа уште да ја откријат тајната: дека Он, оставениот од сите, измачениот и распнатиот, е Самиот Син Божји. А овој разбојник, со вера и исповедание, извика кон Него:

Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое.[8]

Нема посуштинско сознание од тоа дека Христос е Оној Кој го отвори небото повторно за луѓето. Он ја воспостави заедницата на човечкиот род со Бога. Он повторно му даде можност на човекот да биде во близина со Него, а тоа значи Рај. Колку е човекот поблизу до Бога, толку тој повеќе го живее рајот. Тие двери до Господа, тој пат, повторно се отворија преку крстната жртва. И сега замислете: разбојникот стана прв жител на тоа отворено небо! Каква надеж за целото човештво!

Значи, дури ни свети Јован Крстител, за кого Самиот Христос кажа дека е најголемиот меѓу родените од жена,[9] не стана првиот жител на Рајот, туку и тој привремено отиде во местото на заборавот, во местото на мртвите души, во адот. Да, Христос слезе и во адот и го извлече оттаму и свети Јован и сите светии и праведници од Стариот завет, но разбојникот, оној од десната страна, прв отиде право во Рајот, кој Господ го отвори за нас. Каква надеж за секој кој погрешил!

Следствено, не е случајно тоа што Црквата денес, во средината на постот, го изнесува пред нашите очи светото и животворно Дрво, спасоносниот Крст. За да знаеме дека тој е нашата голема помош, и да не очајуваме, бидејќи преку Крстот доаѓа Воскресението. Некогаш постот е тежок, искушенијата се големи, но пред нас е светлиот патоказ, Светиот Крст, оружјето на љубовта. Таму е нашиот Спасител со раширени раце, кој крстовоскресно нè очекува.

Историски, овој празник е поврзан со споменот на пренесувањето на дел од чесното дрво на Крстот Господов (неговото подножје) од Апамеја во Константинопол, во времето на императорот Јустин, во VI век. Бидејќи тој спомен се паѓал во делник – а за време на Великиот пост во делничните денови не се служи полна литургија – Црквата го пренела празнувањето на третата недела од Постот. Со текот на вековите, овој ден добивал сѐ подлабоко богословско значење. Се претпоставува дека чинот на поклонението на Крстот бил префрлен од Велики петок, како што практикувала раната ерусалимска Црква, во третата недела на Постот, најнапред во Цариград, а оттаму и во целото Православие.[10] Крстот се изнесува за верните да се поклонат и да се укрепат на средината од посниот подвиг, бидејќи, како што објаснува Синаксарот од Посниот Триод, „четириесетдневниот пост крстообразно нè распнува, усмртувајќи нè за страстите“, и затоа имаме потреба од окрепување и радост преку Крстот. Тој е поставен во средиштето на Светиот и Велик пост и како средиште и на нашиот живот.

Возљубени, ние сме деца на вистинскиот Бог, деца на Бог Кој е Љубов. Затоа, трудете се во љубовта, трудете се  во милосрдието, трудете се во подвизите на љубовта, за да станеме сведоци на Крстот и на Воскресението. Постот е подвиг во љубовта и милосрдието и во сите други добродетели, но особено во овие две. И тоа што скусуваме од храната има за цел да им дадеме на сиромашните. Не смееме да допуштиме некој ближен да нема храна и облека, и љубов и внимание. Треба да мислиме на ближните, на соседите, на сите кои имаат потреба од нашата љубов. И на оние кои постат, и на оние кои се сиромашни и не можат да постат – на сите треба ние, како деца Божји, да помислиме. Тогаш ќе бидеме деца на Светиот Крст, деца на нашиот благ Спасител Исус Христос. Амин.


[1] сп. Ефес. 3, 18.

[2] сп. Пс. 73, 12; Езек. 5, 5.

[3] Св. Кирил Александриски, Catechesis. XIII, PG 33, 805.

[4] Св. Атанасиј Велики, De Incarnatione Verbi, XXV, 3, SC 199, 356.

[5] сп. Пс. 83, 7.

[6] сп. 1 Јован. 5, 19.

[7] сп. Битие 1, 10-31.

[8] Лука 23, 42.

[9] сп. Матеј 11, 11.

[10] Јеромонах Макарије Симонопетриски, Пролећe душа: Тумачење Великог поста, Манастир Хиландар 2024, 544.