„Навистина Овој беше Син Божји“

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на споменот на Свети Лонгин Стотник, 29 октомври 2020 лето Господово

На денешната Света Литургија, мили мои, како што пред малку чувме, светата Црква го поставила за читање евангелското четиво од Велики Петок, поради тоа што Светиот чијшто спомен денес го празнуваме, е еден од очевидците и учесниците во трагичната драма на Голгота.

Тој е Лонгин Стотникот, или на латински Центурион, кој бил заповедник на сто римски војници. За време на страданијата на нашиот Господ Исус Христос, тој бил задолжен да го чува Неговото тело додека виси на Крстот и најпосле да ја потврди Неговата смрт, прободувајќи го со копје во Неговите спасителна ребра.

Навистина необичен светител, повикан на необичен начин, преку чудо Божјо. Сведок на големи нешта. Впрочем, сите Светии се токму тоа – сведоци. Оние коишто го избрале патот до Бога и бескомпромисно Го последуваат Христа. Иако призвани од Господа на различни начини, сите тие носат во себе една иста тајна. Го положуваат Христос пред сè и над сè, станувајќи Негови очевидци и сведоци. Некои од нив го запечатиле своето сведоштво со маченички подвиг. Меѓу нив се вбројува и Свети Лонгин Стотник кој завршил како мартир, т.е. во превод од грчки – сведок и маченик. И со својата крв го посведочил и потврдил она што го беше видел на Голгота. Како што дознаваме од Светото Евангелие, тој, откако ги видел страшните настани на Голгота, страданието и распетието на Спасителот, големите чудесата што се случиле по Неговата смрт, помрачувањето на Сонцето и земјотресот, истекувањето на вода и крв од Неговите прободени ребра, уплашен извикал: Навистина Овој беше Син Божји! (Матеј 27,54)

Од тој најстрашен ден во историјата на човештвото, на овој римски военоначалник животот целосно му се променил. Од ладнокрвен војник, како што во тоа време биле воспитувани сите римски војници, крволочно да газат сè пред себе и да ѝ носат победи на Римската империја по секоја цена, Лонгин станал кроток човек кој Го засакал Бога и Го ставил Христа пред сè и над сѐ во својот живот, така што накрај покажал подготвеност и да умре за Него. Истото го гледаме кај сите Божји Светии; на некој начин сите тие биле слични како Лонгин, како Апостолите кои страдале за Христа и така го оприсутнувале Царството Небесно на земјата уште додека живееле на неа, а потоа само се преселиле во вечното Царство, во небесната Црква, од каде што со нивните застапнички молитви секојдневно ни помагаат. Нивните животи, пак, за нас се најсветли примери. Апостолот Павле вели: ве молам, бидете мои подражаватели, како што сум јас на Христа! (1. Кор. 4,16)

Треба да се огледуваме, мили мои, на Светиите Божји. Денес да извлечеме поука од необичниот стотник Лонгин, кој Го исповедал Христа за Син Божји после видените чудеса. Некој од вас можеби ќе рече: „Но, нам денес ни е потешко; ние не видовме такви чудеса како Лонгин Стотникот“. Не би се согласил. Во светотаинскиот живот на Црквата сите ние сме сведоци на истите големи чудеса. Секоја Света Литургија е едно таинствено повторување на Голготата и на Воскресението. Нашиот призив да бидеме монаси и Христијани е, исто така, сличен со призивот на Свети Лонгин. Зашто, зад тој призив се крие, всушност, чудесниот Божји глас упатен кон сите нас. Некогаш тој призив несвесно го сметаме за некаква случајност, но бидете сигурни, не е така. Зад тој позив, некогаш толку едноставен, се крие преслаткиот Божји глас кој нѐ вика кон спасение.

Ние постојано грешиме, можеби наликуваме дури и на Лонгин Стотникот пред да ја крене раката и да Го прободе десното ребро на Христа. Со нашите постојани гревови, со нашата духовна ладнотија, честопати Го прободуваме Христа. Но, во сето тоа уште повеќе ни се потврдува Божјата љубов кон нас. Оти, што беше тоа што го натерало Лонгин да поверува? Долготрпението Христово. Му се потврди дека Тој, Распнатиот, сега немоќен во очите човечки, е Синот Божји, Кој го создаде светот и од Крстот го спасува.

На Голгота имало многу очевидци, некои се преобразиле, но некои останале ладни во срцето. И од двајцата разбојници, сораспнати со Господа, едниот се покајал и се спасил, другиот хулел и се погубил.

Мили мои, секојдневно грешејќи и добивајќи прошка, ни се потврдува големата Божја љубов, големото Божјо долготрпение кон нас. Затоа, после секоја прошка да го славиме и величаме Божјото долготрпение, извикувајќи како Лонгин Стотникот: ‘Навистина Овој е Син Божји’, Кој се распна заради мене, кој ме љуби бескрајно и долготрпеливо го чека моето спасение, постојано давајќи ми прошка и нова шанса за почеток. Такво е, мили мои, Божјото долготрпение, секојдневно присутно во нашите животи. Да се молиме да ни се отворат духовните очи како на Лонгин, та после сите наши прегрешенија, удари кон Него и прободувања на Неговите пречисти ребра со нашите грешки, да можеме пак и пак во покајание да извикаме: Навистина Овој беше Син Божји!

Ви благодарам на присуството, ви благодарам на љубовта со која се собравте сите денес, за да го прославиме споменот на Светиот Маченик Лонгин Стотникот. По Божја промисла, пред педесет години, сум се родил на овој ден, но, како што знаете, во нашата христијанска теологија, нема големо значение денот на раѓањето, туку денот на исходот од овој свет. Сите ја знаеме нашата стара народна поворка која гласи: „Крајот го краси делото“. Важно е како ќе излеземе од овој свет, па затоа ги просам вашите молитви. Да ме удостои добриот Бог кога ќе си заминувам одовде, да можам да го кажам исповеданието на Свети Лонгин: Навистина Овој беше Син Божји, Бог мој од утробата на мајката Моја, надеж моја и спасение мое. Затоа, чеда мои возљубени, како ваш татко и владика, смирено ги просам вашите молитви коишто ми се многу потребни. Сите да се удостоиме да имаме добар крај, да останеме во подвигот, да се здобиеме со силна вера како денешниот славеник, којшто бил сведок на големи нешта. Ние, монасите, секојдневно служиме Литургија во нашите манастири, се причестуваме со пречистите и бесмртни Тајни, се причестуваме со несоздадените Божји енергии преку Исусовата молитва и секојдневно ги гледаме величијата Божји, сведоци сме како Христос спасува илјадници луѓе. Да ја утврдуваме постојано нашата вера со сето тоа, за да останеме цврсти во подвигот, та кога ќе дојде часот, безбедно да се преселиме во вечното Царство. Простете ми, молете се за мене и да ми сте живи и здрави!