Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено за празникот Покров на Пресвета Богородица, во Сечесниот храм на Мајката Божја во с. Ростуше, на 1/14 октомври 2025 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои во Христа, денес Царицата Мајка нè удостои повторно да го прославиме еден од нејзините најголеми и величествени празници во Црквата. Пред нецел месец го славевме нејзиното сечесно Рождество, и во тропарот на тој празник ја воспеавме со зборовите: „Раѓањето Твое, Богородице Дево, радост ѝ возвести на целата вселена.“ Денеска, пак, од канонот на утрената чувме песна во која псалтите ѝ се обраќаат на Пречистата со умилителна молитва: „Избриши од нас секоја тага, ти, која ја роди радоста на светот.“
Да, возљубени, Богородица бездруго може да ја избрише секоја човечка тага, зашто таа е Мајка, и тоа Мајка на нашиот Спасител, Мајка која ја роди причината за сета радост на светот. Оти, како би можело човештвото вистински да се радува, кога таа не би го изговорела своето смирено „да“ на волјата Божја и кога преку неа не би се воплотел Самиот Бог? Да не беа нејзиното послушание и смирение, предвечниот Божји план за спасението на човекот не ќе можеше да се исполни. Таа стана мостот помеѓу небото и земјата, портата низ која Бог влезе во светот и се облече во човечка природа.
Од свештената историја знаеме дека човекот, со својата слободна волја, падна во грев и се оддалечи од својот Творец. И никој меѓу луѓето, ни најсветлите праведници, ни најголемите пророци, не можеше да го реши тој најдлабок егзистенцијален проблем на човештвото – смртта, којашто се јави како плод на гревот. Но онаа, која Ја роди Славата на Отецот, му го дари на светот Оној Кој ја победи смртта – совршениот Бог и совршениот човек, Господ Исус Христос. Родениот од неа ја уништи власта на смртта со Своето страдање и Воскресение, и токму затоа таа е причината за нашата најголема радост: затоа што нејзиното „да“ предизвика да се роди Оној во Кого смртта беше проголтана со победа.
Следствено, возљубени, сега знаеме дека нашето раѓање во овој свет не завршува со смртта. Напротив, преку крштавањето во Христа ние стануваме учесници во вечниот живот, и со таа надеж живееме – дека еден ден ќе бидеме заедно со сите светии, со сите возљубени во Царството Небесно, во радоста на нашиот Господ[1].
Пресвета Богородица е голема спомагателка и застапница на човечкиот род. Преку сите свои празници, а особено преку својот живот, таа ни покажа колку се силни нејзините молитви пред Господа и колку Синот Божји и Синот на Дева ја слуша Својата Мајка. Сетете се само на чудото во Кана Галилејска[2]. Таму, кога на свадбата снемало вино, Пресветата Му пристапила на Сина си и Му рекла: Немаат вино. Господ ѝ одговорил: Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час. Иако изгледа како да ја одбива, Он, всушност, ја прославува, затоа што преку тој дијалог сакал да открие дека нејзината вера и мајчинска слобода е поголема од сите други. И навистина, Богородица не настојувала и се повлекла. Без да изговори ништо повеќе, само им рекла на слугите: Што и да ви рече Он, направете. Со тие зборови таа ги поучила сите поколенија христијани дека спасението и чудото се случуваат единствено кога човек ќе Го послуша Христос Бог и ќе го исполни Неговиот збор. И така настанало првото чудо Христово – претворањето на водата во вино. И не било тоа само едно семејно чудо, туку прво знамение на Божјата љубов, пројавено преку посредништвото на Неговата Мајка. Зашто Он го направи тоа не заради виното, туку заради неа. За да покаже дека како што при Своето воплотување се послужил со неа за спасението на светот, така и во сите векови ќе ги слуша молитвите што таа ги вознесува за нас.
Таа е нашата вечна застапница, Мајката која не заборава никого, онаа која нè приближува до Синот и ја преобразува нашата тага во радост. Зашто кога ѝ се молиме со вера, нејзините раце веднаш се протегаат кон небото, а Христос со синовска љубов ги прима нејзините молитви. Колку ли само пати низ историјата на Црквата, таа станала заштитница и избавителка на народите! Секогаш кога човештвото паѓа, таа стои пред Престолот на Синот свој и со молитви го покрива целиот свет со својот светол омофор.
Денеска, мили мои, со благодарност и радост го славиме токму тој празник на Покровот на Пресвета Богородица. На овој ден си спомнуваме на едно преславно чудо што се случило во Константинопол, Новиот Рим, во времето на источните римски цареви. Во прочуениот царски храм во Влахерна, украсен со неискажлива убавина, се наоѓала и чудотворната икона на Пресветата, наречена Одигитрија („Патеводителка“), која според преданието ја насликал светиот апостол Лука. Токму во тој храм, за време на едно бдение, свети Андреј Јуродив и неговиот ученик Епифаниј ја виделе Пресветата како се симнува од небото со свети Јован Богослов и множество други светии и ангелски сили, облечена во царска слава, а од нејзините раце се простирало широко покривало, дел од нејзината облека, со кое го покривала целиот народ Божји што се молел во храмот. Тоа било знамение дека таа, како Мајка, ги покрива сите со Својата благодат, заштитувајќи го секој кој прибегнува кон нејзиното мајчинско застапништво.
Ние сега го славиме токму тој Покров – не само како спомен на едно чудо, туку како жива духовна реалност: Пресветата Богородица постојано го покрива целиот христијански род, секогаш присутна со мајчинска грижа и нежност. Видете, возљубени, дури и тоа парче од нејзината облека има длабоко значење. Со него Црквата сака да нè поучи дека сè што се допира до светоста, станува свето. Како што Господ се воплоти, земајќи плот и човечка природа, така и сè што е во допир со Него и со Неговата Мајка – се осветува. Затоа во Црквата имаме свети храмови, свети икони, свети одежди, свети предмети. Не случајно ги целиваме одеждите свештенички, бидејќи тие се осветени преку Светиот Дух на секоја Литургија, кога Христос се принесува и се јавува присутен меѓу нас. Неговата благодат не ги осветува само оние што служат, туку и самата материја, одеждите, садовите – сè што ѝ служи на светињата.
Еве, токму тоа го гледаме и во Евангелието. Сетете се на крвоточивата жена[3]. Таа дванаесет години страдала од својата болест, го потрошила сиот имот по лекари и не нашла исцеление. Кога слушнала за Христа, смирено и со вера си рекла: Само да се допрам до крајот на Неговата облека, ќе оздравам. И така и сторила. Скришно се доближила и ја допрела облеката Негова среде толпата. И веднаш се исцелила; Господ почувствувал дека од Него излегла сила. Таа не го допрела самото тело Христово, туку дел од Неговата облека; и сепак, преку тој допир ја добила благодатта, зашто дури и облеката што Он ја носел била осветена од Неговото присуство и допир.
Истото важи и за Пресветата Богородица. Самиот нејзин појас, кој според преданието таа ѝ го подарила на светиот апостол Тома, се чува до денес во светогорскиот манастир Ватопед, како бесценета светиња. Мнозина верници, кои со вера побарале благослов од него, добиле исцеление. Особено многу брачни парови што подолго време биле неплодни, добиле рожби. И ние овде, во нашиот свет Манастир Бигорски, сме сведоци на силата на тој појас. Имено, кога ќе сме земеле од Ватопед мали платнени појасчиња допрени и благословени од оригиналниот, и ќе сме ги разделиле на луѓе што со вера ја барале милост Божја, сме станувале очевидци на преголемата милост на Мајката Господова. Колку само мајки, кои немале деца, преку молитва и носење на таков појас добиле потомство! Сето тоа сведочи за неизмерната сила и мајчинска љубов на Пречиста Дева Марија.
Со овој празник, таа повторно ни покажува дека ќе биде со нас до крајот на светот, како што и Синот нејзин нѐ увери: Еве, Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на светот. Иако Пресветата на третиот ден по своето Успение била вознесена на Небесата, таа не го остави светот. Летото, на празникот Успението, токму тоа ѝ го пеевме во тропарот: „И при Успението не го остави светот, Богородице.“ Зашто, иако е прославена на небесата и се наоѓа таму во неискажлива слава, таа остана Мајка на земјата, Мајка на Црквата, која постојано нè покрива со својот свет Покров, застапувајќи се за нас пред престолот на Синот и Бог свој.
Богородица е мисловен рај. Преку Неа се отвора патот кон вечните богатства, за кои, како што вели апостолот, „ око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло.“[4] Ако уште тука, во Црквата на земјата, во тие мигови кога благодатта Божја ќе нè погали во срцето, чувствуваме радост што не може да се искаже со зборови, тогаш каква ли ќе биде радоста и убавината во вечната средба со Христа, кога Неговата слава ќе ни се открие во полнота? А таа средба ќе биде овозможена токму преку молитвите и застапништвото на Богоблагословената. Таа непрестајно се моли за родот христијански, ги покрива сите со Својот мајчински Покров, воспитувајќи нè духовно со мајчинска грижа. Само треба да ѝ ја принесеме нашата слободна волја, да ѝ дозволиме да нè носи во своите молитви при Синот свој, како мајка што го води детето по патеките на животот. Таа тоа го прави со безгранична љубов, со нежност и со тивка мајчинска грижа. Преку неа човекот се воведува во тајните на Светото Писмо, во тајните на спасението. Таа, како никој друг, ги познава таинствата на Христовиот домострој. Затоа да се потрудиме, да ги отвориме своите срца кон Неа, за да го направи чудото со нас. Оти најголемото чудо, возљубени, не е во исцеленијата на телата, туку во преобразувањето на душата. Најголемо чудо е човек да се покае и да тргне по патот на Царството. Нема поголемо чудо од тоа! Дури и сите други чуда, сите исцеленија и знаменија што ги гледаме, се случуваат со една цел – да нè научат дека највисоката победа е победата над гревот и дека најголемата награда е Царството Божјо.
Еве и овој храм, во кој денес со радост служиме, е живо сведоштво на нејзиното мајчинско застапништво. Откако влеговме овде, срцето мое со трепет и непрестајно Му благодари на Бога и на Неговата Мајка за оваа убавина и за ова благословено место. Гледате, храмот, поставен високо на ова брдо, сведочи за Христа на сите што поминуваат низ овој крај. И самата негова убавина е проповед – проповед на верата, на убавината Божја, на спокојот Богородичен. А тоа е чудо на Царицата Мајка. Зашто, немојте да мислите дека имавме многу пари и средства за да ја изградиме оваа светиња. Не! Сè беше изградено со љубов и со вера. Со вера што планини преместува и со љубов што никогаш не престанува. Тука, во овие предели, не е лесно да се изгради храм Божји. Има многу потешкотии, а христијаните се малубројни. Но онаму каде што Бог сака, таму, како што вели Светото Писмо, „се менуваат и природните закони.“[5]
И навистина, Бог посака овде да има храм – не само храм од камен, туку живо светилиште на верата. Така, по Негова волја, и нашиот свет Манастир стана светилник – не само за Македонија, туку и за целото Православие. Денес, кога нашите браќа монаси патуваат на поклоненија во други земји, сите веднаш го препознаваат името на Бигорски. Каде и да спомнеме, велат: „Тоа е манастир на преданието, на љубовта.“ Со колку труд, подвиг и солзи е изградено тоа признание! Секоја чест, секое благословено име, е плод на духовен и телесен напор, на молитва и пожртвуваност. Затоа, да бидеме одговорни, да го чуваме и да го продолжиме она што со толкава љубов е создадено.
Возљубени, за секое чудо Божјо потребно е и човечко учество. Бог, Кој е совршен, сепак ја сака и нашата слободна соработка, затоа што Он не нè спасува без нас, туку со нас. Затоа и се воплоти, за да покаже дека човекот е повикан да биде соработник Божји[6]. Во светото Евангелие читаме дека Господ бара и човечки удел, макар и мал, во Неговото дело на спасението. Сетете се, на пример, на исцелението на слепородениот[7]. Господ направи кал од земја, ја стави врз очите на слепиот и му рече: Оди, измиј се во бањата Силоам – што значи „испратен“. Он, Кој го создаде човекот од правта земна, можеше само со еден збор да му ги отвори очите. Но, не го стори тоа. Зошто? Затоа што сакаше и слепиот да учествува во своето исцеление, да направи чекор на вера, да се потруди, да оди, да се измие, и на тој начин, преку вера и послушание, да прогледа. Така и со нас: Господ сака да учествуваме во сопственото спасение, да принесеме труд, да покажеме подвиг, зашто без личен напор нема духовен напредок. Сè што Бог прави, бара и човечко срце што ќе одговори. Оти љубовта не присилува, туку повикува.
Така беше и со изградбата на овој храм. За да изгледа вака прекрасно, беше потребен труд, посветеност и вера. Навистина голем труд. И Господ го благослови делото на нашите раце, зашто, како што вели Светото Писмо: Ако Господ не го домоустрои домот, залудно се трудат домостроителите[8]. Наши се желбата и трудот, а Божјо е чудото. Ние го принесуваме она малку што го имаме: верата, љубовта, подвигот, потта на трудот – а Господ го претвора сето тоа во благослов и слава.
Исто е и со нашиот свет манастир, и со сите што дојдоа да живеат овде. Некои рекоа за нив: „Овие се дојденци.“ Но, отвори го Светото Писмо, брате, ако си христијанин, и ќе видиш дека Господ вели: Доселеник немој да притеснуваш, ниту да го угнетуваш, зашто и вие бевте доселеници во земјата египетска[9]. На повеќе места во Стариот Завет Господ заповеда да ги љубиме дојденците. Тоа значи дека да се прими придојдениот, да се почести, да му се укаже љубов и гостопримство, е света добродетел, којашто му е мила на Божјото срце[10]. Дури и кај оние што не се христијани, кај нашите браќа муслимани, во книгата што тие ја сметаат за света, Куранот, се заповеда истото: да се почитува и помогне дојденецот, сиромавиот и патникот. Колку повеќе, тогаш, ние кои Го познаваме Христос, треба со љубов да ги прифаќаме оние кои доаѓаат кај нас – без разлика од каде се и кои се. Оти, каде што има љубов, таму се јавува и Бог; а каде што има гордост и исклучување, таму Бог не живее.
Мили мои, дај Боже ова чудо – животот во овој свет и благословен крај – да опстои и да расте, да доаѓаат овде што повеќе христијани! Да доаѓаат најнапред заради своето спасение. Зашто спасението не се добива лесно, туку преку подвиг. Сите ние, по човечка слабост, го бараме полесниот пат. Велиме: „Полесно е во Скопје“. Но, вистинскиот пат кон Царството Божјо никогаш не бил пат на удобност, туку на подвиг. Тие што живеат овде, тие што се доселиле и со љубов останале, тие прават подвиг. Тој подвиг ќе им се запише за спасение, зашто живеат на место осветено, чуваат светињи и продолжуваат светост. Ние монасите оставивме сè: дом, родители, сопруги, деца, светски удобности – сè, за да го сочуваме ова свето место, да свети Бигорскиот манастир до крајот на вековите. Но светињата без народ околу неа би била како ламба без масло – нема да може долго да гори. Затоа се трудиме да ги повикаме луѓето да се вратат, да живеат тука, да го оживеат овој крај, да го заштитат неговото духовно наследство. Овој крај има долга и славна историја – историја испишана со подвиг, со крв, со светост, со молитви и солзи. И оваа црква, иако новоизградена, е наследница на древна светост. Таа продолжува една нишка што не смее да се прекине, нишката на верата што ги поврзува нашите предци со нас.
Простете ми што издолжив со словото, но ви говорам од срце, затоа што ова е мојата рана – да не замрат светињите, да не опусти овој благословен крај. Сакам да има живот, сакам да има деца, сакам црквите да се полни со молитва и славословие, сакам овој славен крај да живее. Тоа е мојата молитва и мојот бол. Имаме држава, имаме татковина, и не треба да бегаме од неа. Да се бориме, да правиме подвиг! Зашто преку подвиг се спасуваме. Без подвиг нема спасение. Подвигот е крстот што го носиме со радост, зашто на тој крст Христос ја победи смртта. Затоа, Господ нека ги благослови сите кои живеат овде, нека им даде сили да бидат цврсти и непоколебливи, и да не ги учат своите деца да бегаат, туку да останат и да градат.
А на оние што дошле да живеат овде, им се обраќам со зборовите на Архангел Михаил, што ги изговорил на небесата: „Да стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме!“ – зашто стоењето во верата е најголемиот подвиг[11]. Ако сме дошле овде, овде да останеме. Тука е благословот Божји. Со нас ќе биде Пресветата Богородица, со нас ќе биде свети Јован Крстител, со нас ќе се сите свети Божји угодници што со векови го градеа и го чуваа овој крај. Да не се поколебаме, да не менуваме мисла, да не бараме полесен пат – зашто таму каде што е крстот, таму е и Воскресението.
Простете ми, но навистина ви зборував од љубов. А сега, во мир, да го продолжиме нашето благодарење со Светата Литургија. Амин.
[1] Сп. Јован 16:22.
[2] Јован 2:1-11.
[3] Матеј 9:20-22; Марко 5:25-34; Лука 8:43-48.
[4] 1 Кор. 2:9.
[5] сп. Јов 5:9; Лука 1:37.
[6] Сп. 1 Кор. 3:9.
[7] Јован 9:1-7.
[8] Псалм 126:1.
[9] Излез 22:21.
[10] сп. Евр. 13:2.
[11] сп. 2 Сол. 2:15.