Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Панихидата на месопусната задушница, на 31 јануари (ст. стил)/13 февруари (нов стил) 2026 лето Господово
Мили мои,
Црквата, како грижлива Мајка, оваа вечер и утрешниот ден повторно нѐ собира во длабока и трогателна молитва за блажен спомен на оние кои заминале од овој минлив свет. Задушницата не е само обредно сеќавање, туку исповед на верата во воскресението и во животот вечен. Затоа токму на овој ден се чита Евангелието според светиот апостол Јован, каде што самиот Господ им се открива на луѓето како најголемо Таинство и како храна на вечноста:
Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни, и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни[1].
Овие зборови Господ ги изговори пред Јудеите што беа дошле кај Него. Тешки, силни, неискажливо длабоки! И навистина, сведочи Евангелието понатаму, откако ги чуле овие зборови, многумина се соблазниле и рекле: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?“ И „оттогаш мнозина од учениците Негови се вратија назад и веќе не одеа со Него.“[2]
Човекот, приврзан за земната логика и телесниот закон, знае дека храната го заситува само привремено. Секогаш повторно огладнуваме, повторно ожеднуваме. Нашето тело живее од она што пропаѓа. Но Господ зборува за поинаква храна, за нешто што не припаѓа на овој свет и не е ограничено со неговите закони. Ако постои храна од која никогаш нема да огладнеме, тогаш таа храна мора да биде нераспадлива, вечна. Ако постои питие од кое никогаш нема да ожеднеме, тогаш тоа питие мора да биде извор на непресушен живот. Тогаш, која е таа храна и кое е тоа питие? Христос не нѐ упатува кон нешто надвор од Себеси. Он не ни дава поука за некаква идеја, туку ни се дава Себеси:
Јас сум лебот на животот… Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее довека; а лебот што ќе го дадам Јас е Моето тело, кое ќе го предадам за животот на светот… Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден[3].
Овде се открива срцевината на нашата вера: Христос како Евхаристија, Христос како принесен и распнат Агнец. Он е „Јагнето Божјо“, Кој доброволно се принесе на Крстот „за животот на светот“.
Кога беше искушуван во пустината, Господ му одговори на ѓаволот со зборовите од книгата Второзаконие: Не само од леб ќе живее човекот, туку од секој збор што излегува од устата на Бога. Со тоа ни покажа дека вистинскиот живот не е само телесно постоење, туку заедница со Бога, хранење со Неговото слово, со Неговата благодат, со Неговото присуство.
А ова присуство, браќа, не е символично, не е мисловно, не е психолошко. Тоа е реално, светотаинско и онтолошко. На светата Литургија, даровите што ги принесуваме, лебот и виното, преку призивот на Светиот Дух се претвораат во самото Тело и самата Крв Христови. Свештеникот возгласува: „Ова е самото чесно Тело Твое“, и: „ова е самата чесна Крв Твоја“, а народот запечатува со исповедно „Амин“. И свештеникот, прекрстувајќи ги, се моли: „Претворајќи ги со Својот Свет Дух“[4]. Тука, во Евхаристијата, се исполнува ветувањето на Христос. Тука ја примаме храната што не пропаѓа. Тука вкусуваме од „лекот на бесмртноста“, како што свети Игнатиј Богоносец ја нарекува светата Причест[5].
И токму затоа Задушницата не е ден на очај. Ние не се молиме за мртви во апсолутна смисла, туку за упокоени, за оние кои само телесно се разделиле од нас, заспале за овој свет, но се повикани на воскресение. Нашата молитва е вкоренета во зборовите Христови: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Затоа, Евхаристијата е залог на воскресението. Свети Иринеј Лионски учи дека ако нашето тело се причестува со Телото и Крвта Христови, тогаш и самото станува способно за воскресение[6].
Следствено, денес, кога ги спомнуваме нашите ближни, ние не стоиме пред затворена врата, пред нешто далечно и магловито, туку пред Тајната на животот. Секој кој се хранел со Христос, секој кој поверувал во Него, не живее само за овој век. Дури и кога телото ќе легне во земјата, душата не престанува да биде во рацете на Бога, Кој е „Бог не на мртви, туку на живи“[7]. Нашата вера, значи, не е површна, ниту формална. Кога пристапуваме кон светата Причест, ние не правиме некој благословен обичај, туку ја примаме самата Вечност, Самиот Христос. И токму таа Божествена храна е нашата надеж, нашата сила и нашето утешение, и за нас, и за оние што ги спомнуваме. Зошто ни е потребна таа храна, односно Он Самиот? Затоа што единствено Тој ја победи смртта во човечкото тело. Никој друг. Преку Адам „смртта влезе во светот“[8], и оттогаш до денес човештвото живее под нејзината сенка. Но Христос, новиот Адам, ја прими нашата природа, ја понесе нашата распадливост, и во Своето воскреснато тело ја уништи власта на смртта. Како што во Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат[9]. Затоа Го славиме Неговото Воскресение. Не како спомен на минат настан, туку како победа што дејствува во нас. Секој кој Го прима Христос – Неговите Божествени Тело и Крв – уште овде добива залог за вечен живот. Самата света Евхаристија е залог и патнина за вечноста. Таа е семето на воскресението положено во нашата смртна природа. Како што учи свети Кирил Ерусалимски, преку Причеста „стануваме сотелесници и сокрвници на Христос“[10]. Затоа Он во Евангелието толку јасно вели: Кој доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор[11]. Нема да биде оттурнат, нема да биде презрен. Колку утешно сведоштво! Никој кој пристапува со вера, со скрушено срце и љубов, не останува надвор од Неговата прегратка.
Денес се молевме за нашите упокоени. Што бараме за нив? Да бидат во Него. Зашто само во Христос постои вистински спомен за човекот. Да се биде запомнет од луѓето е минливо; да се биде, пак, во Божјата памет претставува вечност. Затоа на крајот од молитвословието рековме: „Вечнаја памјат“. А каде може да има вечен спомен? Само во Оној Кој е вечен. Само во Христос.
Посебен впечаток ми остави вечерва стихирата за мачениците: „Вие кои Го следевте Јагнето Божјо, и самите бевте заклани како јагниња.“ Сите ние, всушност, сме повикани да Го следиме „Јагнето Божјо“. Во Откровението се вели за спасените: Тие го следат Јагнето каде и да оди[12]. Мачениците особено и бескомпромисно Го следеа до крај. Затоа Црквата пее дека, следејќи Го Јагнето, и самите биле заклани како Него. Историјата на Црквата сведочи за тоа: од првомаченикот Стефан, до безбројните исповедници и страдалници низ вековите. Тие не направија компромис со духот на времето. Кога требало да изберат меѓу животот на овој свет и верноста кон Христа, Го избрале Него. И денес ние ги повикуваме нив напомош, како живи членови на Телото Христово, да се молат за душите на сите кои се упокоиле со надеж во воскресение и живот вечен.
Ние овде во манастирот сме повикани да Му служиме на Јагнето Божјо, Кое му дава живот на светот. А и сите вие што сте дошле од различни причини – за молитва, за утеха, од љубопитство или од болка – размислете за оваа Тајна. Каков е нашиот Бог? Словото стана плот и се всели меѓу нас[13]. Он не остана далечен, не остана недопирлив. Се понизи Себеси, „прими образ на слуга“[14], за да нѐ воздигне. Страдаше, беше распнат, и преку Крстот го отвори патот кон воскресението.
Светот, создаден „многу добар“[15], ние го претворивме во долина на плачот. Не Бог, туку нашата злоупотребена слободна волја. Бог нѐ создаде способни да љубиме, а љубовта претпоставува слобода. Некој ќе праша: дали Бог знаеше дека Адам и Ева ќе згрешат? Дали знаеше за падот на ѓаволот? Бог е сезнаен. Но Неговото знаење не ја укинува слободата. Он не ја прекршува слободната волја што Самиот ја дал дарум. Луцифер имал можност да остане во светлината[16]. Адам и Ева можеле да не ја нарушат заповедта. Бог дава можност, нуди заедница, но не присилува. Затоа и нам ни остава избор: ќе Го следиме ли Него или ќе останеме затворени во себе? Ќе ги исполнуваме ли Неговите заповеди или ќе ги погазиме?
Смртта во еден миг одзема сѐ што човек мисли дека стекнал. Каква полза за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?[17] Но во Христос ништо не завршува. Во Него сѐ се преобразува. Затоа ве повикувам да размислувате за овие свети нешта. Читајте го светото Евангелие. Таму зборовите се „дух и живот“.[18] Нема друга книга што сведочи за Бог Кој сака лично да го спаси човекот и да го воведе во вечноста. И не го направи тоа по лесен пат. Стана човек, страдаше, беше распнат – и воскресна. Со тоа ни го покажа патот што минува низ Крстот кон светлината на Воскресението. Да Му дадеме и ние простор во своето срце. Да Му дозволиме да нѐ спаси. Тоа е единственото што го очекува од нас: слободно да Му одговориме со љубов на Неговата љубов.
Нека Господ, Победителот над смртта, ги прости душите на сите заминати од нас и нѐ удостои сите да бидеме во Неговиот вечен спомен. Амин.
[1] Јован 6, 35.
[2] Исто, 60, 66.
[3] Исто, 35, 51, 54.
[4] Епиклеза од Литургијата на свети Јован Златоуст.
[5] Послание до Ефесјаните 20, 2.
[6] Против ересите, V, 2, 2-3.
[7] сп. Матеј 22, 32.
[8] сп. Рим. 5, 12
[9] 1 Кор. 15, 22.
[10] Катихези, 22, 3.
[11] Јован 6, 37.
[12] Откровение 14, 4.
[13] Јован 1, 14.
[14] Филип. 2, 7.
[15] Битие 1, 31.
[16] сп. Исаија 14, 12-15, како пророчка алузија на неговото отпадништво според отечкото толкување.
[17] Матеј 16, 26.
[18] Јован 6, 63.



























