Божикно послание на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Ви соопштувам голема радост,
која ќе биде за сите луѓе,
зашто денеска ви се роди
во градот Давидов – Спасител,
Кој е Христос Господ (Лк. 2, 10 -11)

Возљубени празникољупци,

Денес се исполни очекувањето на народите, се исполни копнежот на пророците и патријарсите, се исполни надежта на праведниците, зашто дојде денот на спасението! Денес се роди Творецот на вселената, се роди Претсуштествениот – дојде Миротворецот.1 Овој е Денот во кој со Бога се сретнавме, Денот во кој со Бога се видовме и во кој Бога Го примивме. Денес Беспочетниот влезе во времето и го поврза со вечноста; во човечкиот живот засветли Светлината и дојде Сонцето на вечната Правда; се изврши големото и преславно чудо, за кое ангелите на небесата ликуваат, а луѓето на земјата се радуваат, зашто се помирија небото и земјата. Затоа, сите народи да запееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!2

Нема поголема новост и поголема радост во историјата на човештвото од онаа дека Бог се јави во тело,3 од вистината за Христа Богочовекот – вистинскиот Бог и вистинскиот Човек. Тоа е вечна благовест – Бог постана Богочовек, за човекот да се обожи! Бог прими човечко тело за да биде поблизок до човекот, а и човекот да се доближи до Бога. Па, ако Бог не дојдеше при човекот, човекот не ќе можеше да дојде кај Бога. Синот Божји слезе на земјата, зашто човекот беше слаб да се спаси и немоќен самиот да го победи злото. Потребно беше Бог да постане Богочовек, та како посредник да ни даде спасение. Затоа „човекот е повикан да биде отсјај, слава и светлост Божја на земјата”, поучува свети Иринеј Лионски.

Возљубени чеда во Господа,

Празникот на Христовото рождество е празник на радоста, на мирот и на љубовта. Доаѓањето на Бога на земјата донесе радост, зашто Бог е радост. Затоа богољубивите луѓе секогаш се радосни, и тие ќе го наследат Царството небесно.4 „Радоста е пропаст за тагата, поткрепа во неволите, утеха во молитвата, олеснување на болката, сокровиште на надежта, храна на подвижниците, извор на љубовта и сопатник на трпението”, пишува свети Нил Синајски. Затоа, ако сакаме да имаме мир и љубов, треба да започнеме од радоста, и тоа токму од празникот на Христовото рождество. Секое раѓање е нов живот, нова радост, а раѓањето на Богомладенецот е најголема радост, радост за сите луѓе и за сите времиња. „Со воплотувањето и рождеството на Месијата Христос, на светот му се дарувани вселенска радост и мир”, вели свети Григориј Палама.

Ангелската песна од онаа Витлеемска ноќ ни зборува и за мир и за љубов меѓу луѓето. Мирот е благодет за сите луѓе. Тој е услов за напредување и на секој човек и на секоја заедница. Во мирот се гради и се напредува, а во војните се страда и се уништува, се губат човечки животи и постигнувања. И денес, иако често се зборува за мир, за жал, мирот сè помалку го има. Човекот како да постанува сè повеќе неумерен, нетрпелив и воинствен. Гревот како сè повеќе да завладува со луѓето и човештвото не се вразумува и покрај сите несреќи и ужаси што го снаоѓаат. Затоа, крајно време е да се вратиме кај Бога, при Изворот на животот и вистината, да се вратиме на патот на мирот и радоста, кои се од Бога дадени како најголемо богатство за човечкиот род. Зашто, колку вера во Бога имаме, толку и Бога и Божјата љубов ќе ги имаме и во себе и кон другите. Бог е вечната вистина и само во Него има и вистински мир и вистинска радост. А, за да се постигне вистинска благосостојба, потребно е да се има добра волја меѓу луѓето, која се темели врз спознавање и живеење според вистината. Без вистина – нема мир, а нема ни добра волја! За да стане човекот и добар и миротворец, мора да се откаже од зловолието, а да се здобие со вистинољубието. Мора да го отфрли гревот и неговиот причинител, за да Го прими Христа, Кој вели: Јас сум пат, вистина и живот.5 На Своите ученици, а преку нив и на сите нас, Тој ни порача: Мир ви оставам, мирот Свој ви го давам.6 Затоа, блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.7

Возљубени чеда,

Божик е празник и на љубовта, која ни е дадена од небесата. Љубовта е над сите добродетелни, над сите благородни и позитивни мисли и чувства. Љубовта е врската на совршенството8 и најкраткиот пат до Царството небесно. Таа ја уништува оддалеченоста на човекот од Бога, и далечината меѓу самите луѓе. Нема сила која може да ја победи љубовта, оти Бог е љубов.9 Тој е љубов и живот, и Тој толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што поверува во Него, да не погине, но да има живот вечен.10

А колку е возвишена Христовата љубов, потврдува и заповедта – да ги сакаме не само ближните, туку и непријателите!11 Сакај го човекот, но мрази го гревот во него – тоа е христијанскиот однос кон другите. Затоа, само со љубов меѓу луѓето, само со вршење на правда и победување на злото, може да се постигне братска еднаквост и напредок во доброто. – „Љубовта кон Бога никако не ја трпи омразата кон другите”, поучува свети Максим Исповедник.

Возљубени чеда во Христа Богомладенецот,

Живееме во време во кое, како никогаш досега, злото го притиска светот! Ова е време преполно со искушенија на сите страни! Но да не губиме надеж: Господ никогаш не нè оставил и нема да нè остави, туку ќе биде со нас во сите дни, сè до свршетокот на светот.12 Христовото рождество нека ни даде потстрек за нови духовни сили за преобразување во доброто и утврдување во вистината. Да се препородиме и како поединци и како народ христијански! Да растеме во Бога, стремејќи се кон духовно совршенство. Кон Бога секогаш да приоѓаме со цврста вера и во сè да ја исполнуваме Неговата волја. „Да го почитуваме Неговото слегување при нас и секогаш да ги пазиме Неговите заповеди, натпреварувајќи се во љубовта еден со друг”, нè поучува нашиот свети Климент.13

Божикните празници отсекогаш поттикнувале чувства на љубов кон Бога и кон ближните, повикувале на враќање кон исконските морални вредности, потсетувале на светоста на бракот, на смислата на семејството, на обврските кон возрасните, на грижата за помладите… Секогаш, но особено во овие денови, да се присетиме и погрижиме за сите коишто имаат потреба од помош, кои се во беда и сиромаштија, кои страдаат… Во секого од нив да Го видиме Господа и да ја споделиме Божикната радост заедно со нив, зашто најголемата радост се раѓа од добрите дела и љубовта. Само така празнувањето ќе ни биде – радување во Господа.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Овогодишниот Божик го прославуваме и со мисла за претстојната годишнина од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија14 во лицето на Македонската православна црква. Ни претстои година во која особено ќе се навратиме и на древните христијански темели по македонската земја, на славните векови на Охридската столица, како и на неправдите извршени врз Црквата наша и родот наш, ќе си припомниме за обидите на видните наши првенци и духовници да се оттргне забраната за дејноста на Охридската архиепископија и, конечно, за богомудрите и родољубиви одлуки на учесниците на Црковно-народниот собор,15 одржан во Охрид пред 50 години, кога воскресна Црквата Светиклиментова – Охридска и Македонска. Годината што ни претстои треба да биде година на благодарност кон Бога, кон нашите небесни закрилници и кон сите коишто со труд и посветеност, со жртва и љубов помогнаа да се прекине двевековната неправда и да ѝ се врати достоинството на нашата Света Црква. Тоа ќе биде и прилика да видиме што направивме и што ќе треба да направиме16 на црковен план, и овде во Татковината и меѓу иселените Македонци по светот.

Му се молиме на новородениот Богомладенец, во оваа година да има повеќе мир, наместо недоразбирања, да има повеќе љубов, наместо омраза, повеќе слога и единство, отколку неслога и поделба меѓу нашиот народ, за да можеме достоинствено и со радост да живееме и напредуваме како народ, како држава и како Црква! Амин!

Христос се роди!

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† С Т Е Ф А Н
Заедно со членовите на
Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
Администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и
Администратор Австралиско-сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

На Божик, 2017-то лето Господово

1 1. Мој. 49, 10.
2 Лк. 2, 14.
3 1. Тим. 3, 16.
4 сп. Мт. 5, 12.
5 Јн. 14, 6.
6 Јн. 14, 27.
7 Мт. 5, 9.
8 Колос. 3, 14.
9 1. Јн. 4, 8.
10 Јн. 3, 16.
11 Лк. 6, 35.
12 Мт. 28, 20.
13 Свети Климент Охридски, Поука за Рождество Христово, „Собрани дела: Слова, поуки, житија”, стр. 81.
14 Во 1767 година, со Ираде на Великата порта ѝ била забранета дејноста на Охридската архиепископија.
15 На 17 и 18 јули 1967 година, во Охрид се одржа III Црковно-народен собор, кога предлогот на петочлениот Синод за возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија како Македонска православна црква, беше едногласно прифатен и изгласан.
16 К. П. Мисирков, ­­­­„За македонските работи“, Скопје 2007 година, стр. 12.