Добриот пастир си ја полага душата своја за овците

Обраќање на Архимандритот г. Доситеј во навечерието на Свети Партениј Лампсакиски, по повод именденот на Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, на 6/19 февруари 2024 лето Господово


Владико свети благослови!

Почитуван наш Старецу, отче и Игумене на оваа Света Бигорска Обител, Епископ Антаниски, господин Партениј,

Почитуван свет Аморејски г. Никифор,

Почитувани Архимандрити, браќа и сестри во Христа, присутни и оправдано отсутни, а духом присутни,

Еве, денес, повторно, како и секоја година на овој ден, нè собра благодатта на Светиот Дух, како и овде секогаш присутниот преку своите свети мошти Светиот Партениј Епископ Лампсакиски, на именденот на духовниот Отец на повеќето од нас.

Овој именден, според Промислата и допуштението Божјо, секогаш нè наоѓа во различна состојба: било тага за изгубено нешто, било радост од неочекуван дар Божји или скап гостин, но секогаш носи големо умиление и ја зголемува благодатта, па така нашата тага е помала и знаеме дека е минлива и Бог, по молитвите на Старецот, ќе надокнади. И знаеме дека изгубеното не е изгубено или никогаш не било наше, а радоста е дотолку поголема бидејќи се споделува со ближниот, со нашите браќа и сестри.

 По Божја промисла се појавиле првите монаси и првите општежитија, во кои е прекрасно уредено да има еден Старец, Пастир на словесни овци, кои доброволно притекнуваат во тоа општежитие и по период на испитание тие легнуваат распнати на крст и со наведната глава подаваат на Христа ножички со кои примаат постриг и ги даваат трите завети, од кои едниот е послушанието кон Старецот и братството, односно сестринството.

Тука и би се задржал, според Евангелското четиво, на перикопата за Добриот Пастир и за разбојникот. Ние веднаш можеме да го препознаеме Добриот Пастир, кој се жртвува за овците свои, а ајдукот и разбојникот или наемникот ги остава своите овци и бега. На тоа би додал и потсетил, но нема да се надоврзам поопширно овој пат на тие зборови: „Таков наставник и ни требаше“.

Едно од обележјата на Пастирот е неговиот стап односно бастунче, патерица, жезол, зависно од ситуацијата и номенклатурата. Тој со него може, според сопствено расудување да повлече една изгубена овца за ногата и така да ја спаси од челуста на волкот, но секако тоа зависи од овцата, која, како што кажавме, е словесна и има од Бога дадена слободна волја и иако дала завет, може по таа иста слободна волја да замине во челуста на волкот.

Пастирот по својата љубов ќе пролее и крв, сè со цел да не се изгуби ниедна овца од тоа стадо. Друга карактеристика на Пастирот е неговата љубов и кроткост, со која може со жезолот и нежно да удри, со голема мајчинска љубов, за да ја поучи онаа овца која се двои од стадото, а и нема да дозволи да има црни овци или кози кои на Второто пришествие би биле од левата страна на Христа, бидејќи целта на Пастирот и смислата на општежитието е сите заедно да се спасиме и затоа сите заедно се носиме и си помагаме и во добро и во лошо.

Добриот Пастир! Без никакво претерување можеме да кажеме, нашиот Старец е навистина добар и имам кажано, ако му бараме маана, таа би била тоа што е претерано добар. Го има и следново: смирението, за коешто нечестивиот му рече на Свети Макариј Велики: „Ме победи со своето смирение“. Само таму и со тоа смирение никој не може да нè победи, за што даде пример и нашиот Спасител, Добриот Пастир, Господ Исус Христос, кога со тоа големо смирение претрпе маки и беше распнат на Крст и умре како човек на крстот, но потоа Тридневен Воскресна!

Со тоа свое смирение и голема љубов, нашиот Старец нè носи и нè трпи сите, прво нас монасите кои сме секојдневно пред него и најмногу му грешиме, а потоа и сите духовни чеда, како и сите кои доаѓаат за совети, средби и други духовни разговори.

По примерот на нашиот Спасител, нашиот Старец е спремен и да ја понеси словесната овца на своите рамена, кога таа веќе нема сила или паднала, но пак ќе повторам, ако таа се согласи со својата слободна волја, а како што велат теолозите, тоа е единственото нешто кое Бог не може да го направи – да ја одземе еднаш дадената слободна волја на човекот. Пак дигресија, и ден денес на турски со Адам се нарекува човек!

Во контекст на кажаното, во името на братството и сестринствата. Старече наш свет, примете го овој жезол.

На многаја и благаја лета и сите заедно да сме во Царството небесно, по Вашите свети молитви!