Ромејството – жива сага на православната култура, убавина и идентитет

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Вечерната богослужба во чест на Светиот Партениј Лампсакиски Чудотворец, на 6/19 февруари 2024 лето Господово


Ваше Преосвештенство, наш возљубен брате и сослужителу, свет владико Аморејски и игумене на Светата царска, патријаршиска и ставропигијална Обител на Влатадите во Солун, г. Никифоре,

Високопреподобни, сепреподобни и преподобни отци,

Себлагоговејни презвитери,

Високопреподобни мајки старешинки и преподобни сестри монахињи,

Драги студенти од Обителта на Влатадите,

Сакани гости и возљубени браќа, сестри и чеда,

Созерцавајќи го ова свештено црковно собрание, составено од членови од повеќе помесни православни Цркви, во чест на споменот на Светиот Лампсакиски Чудотворец Партениј, кој е небесен закрилник на моето смирение, се гледам себеси и сите нас обвиени во големата прегратка на православната вера и на Божјото откровение што нè поврзува со вселенската Црква како тело Христово. Па, по тоа се препознава нашиот општ, незаменлив и единствен идентитет – дека сите ние сме Христови и сѐ друго исчезнува пред оваа припадност. И затоа верувам дека оваа прослава не е само една лична радост и поединечно чествување, туку е еден длабок одраз на соборноста на Црквата, сведоштво за нашиот заеднички идентитет во Христа, кој нè повикува на љубов, на таа „врска на совршенството“[1] во заедница со Него и еден со друг.

И токму затоа, не наоѓам во себе соодветни зборови за достојно да ви се заблагодарам на сите вас, за оваа „неискажлива и славна радост“[2] што ми ја причинувате не само мене, туку и на целото православно жителство овде.

Особено Ви благодарам Вам, Свет Аморејски, а преку Вас и на Сесветиот Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, кој деновиве и писмено ми ги испрати прекрасните благопожелби и честитки од своето чувствително татковско срце, а еве сега и преку Вашето ценето лично присуство. Ви благодарам, Преосветен Епископе, за сите молитви и трудови со кои придонесовте за нашата древна и славна Охридска Архиепископија Јустинијана Прва повторно да се најде во единството и соборноста на православната екумена. Пред Вас ја изразуваме својата огромна благодарност и до сите кои несебично се вложија и се жртвуваа за воспоставувањето на единството. Секогаш во нас ќе остане жива благодарноста и признателноста кон првиот престол на Православието, Мајката Великата Христова Црква и кон нејзиниот свет Претстојател, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој со својот виш суд, втемелен во каноните и во традицијата, го уважи молбениот апел на нашиот Свет Синод, и прв, но и како единствено меродавен, нѐ оправда и нѐ прими во пазувите на светото Православие, правејќи нѐ и нас „царско свештенство, свет народ“[3].

Впрочем, ние православните никогаш не смееме да го заборавиме Константиновиот град, градот на Пресветата Владичица наша Богородица, градот на безбројните Светии, каде што се утврди спасоносната вера и од каде што засветли Православието за многу народи и простори. А за тоа дека Божјиот Домострој го устроила тој центар на вселенското Православие и дека Божјата благодат го одржува и се грижи за него, сведочи и самиот факт дека до ден денес таму живо суштествува Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. Сакајќи некои некогаш да ја понижат и да ѝ ги одземат нејзините славни седишта, најнапред величествената Света Софија, ја пренесоа најпосле, не без Божја знаење и промисла, во населбата која се нарекува Фенер, од каде што пак смирено им свети на сите со дух и вистина. Мајката Божја не го заборавила својот царски град; Светиите не го заборавиле градот на Вселенските Собори, туку и денес го заштитуваат своето наследство во него и нѐ повикуваат нас, чедата свои, сите Православни да се обединиме околу првиот Престол на верата и на цивилизацијата наша и да го почитуваме и поткрепуваме, стекнувајќи го така благословот од небесниот град на Светиите. Обединувањето во верата на Евангелието и во преданието на Отците е еден од аспектите на соборноста, би рекол – нејзин квалитет, но и услов. Само оној кој собира, кој се обидува отстранетите и одделените да ги внесе во стадото Христово, само тој кој ги лекува раните според лекарствата посочени од Отците на Црквата – тој гради, обновува и соединува. Ги прави делата на светлината, кои истовремено ги откриваат на очиглед делата на темнината, кои стојат отспротива. Се прашувам, кога денес се обидувам со своите скромни можности да ги расудувам собитијата во светот и во Црквата, дали наравот на Христијанинот се изменил, губејќи Го Христа? Дали ја загубил сочувствителноста, потребата на општото заедничко и потребата на секој брат индивидуално кога е во страдање? Дали ние ја користиме можноста кога некој е притиснат од бремето на игото, да оствариме некоја своја желба и замисла, кои се страстољубиви, властољубиви и суетноподобни? Но никогаш Господ нѐ позволува да сме без надеж, туку повикува да се издржи докрај, зашто наше е да „стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме“, а Он ги надополнува слабостите и ја воспоставува правдата.

И навистина, не е ли Константинопол камен темелник на нашата православна цивилизација? Лулка во која се роди и израсна Ромејството, тој национално неопфатлив склоп, не само како еден историски феномен, туку како едно живо и вечно движечко битисување на нескршливиот дух на Православието, испреплетено со човековиот дострел во возвишеното и убавото. Сагата на Ромејството не е ограничена на аналите на историјата; таа е живописно, пулсирачко присуство кое одекнува во срцето на секој Православен, без разлика на неговата сегашна национална припадност, олицетворувајќи ја синтезата на христијанската вера и мудроста и искуството на вековите. Ова трајно наследство, создадено во лонецот на притесненија, предизвици и триумфи, служи како светилник, водејќи го православниот човек низ променливостите на историјата. Суштината на Ромејството ги трансцендира самите географски и временски граници, персонифицирајќи ја вечната потрага по вистината, убавината и добродетелта. Наследството на Ромејството, исто така, стои како споменик на капацитетот на човечкиот дух да издржи, да се прилагоди и да процвета среде менливите песоци на времето. Богатството на ова наследство, содржано во богослужението, уметноста, философијата, естетиката и заедничарењето, нуди извор на мудрост и инспирација за навигација низ комплексностите на современиот свет. Тоа е наследство кое ги повикува сите православни да живеат во согласност со вредностите на верата, надежта и љубовта, негувајќи чувство на единство и цел кои надминуваат индивидуални и колективни предизвици, а сепак истовремено ја сочувува автентичноста и посебноста на секого подеднакво, инкорпорирајќи ги различностите во едно општо богатство на култура и убавина. Оттука, императивно е да се препознае дека вистинската сила на Новиот Рим не лежи во сферата на времената моќ или во светското признание, туку во длабочината на неговото духовно и културно наследство, во светоста и благословот, а најмногу од сѐ во крстовоскресното сведочење. Зашто, што е највисокиот дострел во духовната биографија, ако не смиреноподобното страдање кое надминува секоја човечка логика и ги надминува силите? Тогаш навистина спознаваме колку Бог нè љуби, но колку и ние, упорствувајќи во подвигот, Му докажуваме дека нашето срце е Негов престол. Ќе ја завршам оваа согледба со возвикот на денешниот татко на Ромејството, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј: „А ти, најсакано Ромејство, понеси го цврсто омофорот на Пресветата наша и последувај ги нејзините чекори кон Преторијата, кон мачеништвото, кон Крстот, кон Симнувањето од Крстот и кон Гробот. Пред дури и да се раздени новиот ден, да чуеш заедно со неа: ’Чиста Дево, радувај се! Твојот Син воскресна тридневен од Гробот‘, и ти, и ти слатко наше Ромејство заедно со Него, заедно со Воскреснатиот Христос!“.

Имајќи ги предвид овие скромни размисли, Свет Аморејски, и сакајќи да Ви се заблагодарам уште еднаш што посакавте да дојдете со студентите од Вашата Свештена Обител, кои потекнуваат од повеќе земји од различни континенти, не можам да кажам дека доаѓате како странци од туѓина, туку како наши од нашата заедничка културолошка татковина, од духовното пространство на Светите Отци на верата наша. Вашето, пак, сведоштво дека доаѓате во овој Свештен Манастир на Чесниот Претеча како во свој дом и честа и љубовта што ни ги укажувате, го потврдуваат претходно кажаното и ги радуваат и успокојуваат нашите срца.

Особено им се заблагодарувам на светогорските отци, коишто покрај подвигот што го направија да допатуваат овде, со своето пеење, натопено со молитвеност, духовност и подвиг ни откриваат еден свет каде што времето и вечноста се преплетуваат. Нивната небесна музика не е само израз на сериозната монашка посветеност, туку и длабоко вдишување на ромејскиот, вовед во сржта на православното предание и чествување.

Им се заблагодарувам на нашите возљубени Високопреподобни отци г. Матеј и г. Херувим, нашите непрестајни браќа и пријатели, како и на останатите чесни отци од православната Црква на Грција, на Високопреподобниот отец Калиник којшто допатуваа од Имврос, Турција, и на сите вас, возљубени чеда, браќа и сестри, коишто со своите молитви и радост го оприсутнувате Небото во овој свештен простор.

Со радост го очекуваме и утрешното пристигнување на нашиот почитуван и свет Архипастир на оваа богочувана епархија Дебарско-кичевска, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј.

Молитвите и благословите на нашиот Отец меѓу Светиите Партениј Лампсакиски чудотворец да бидат со сите вас!

[1] Сп. Колос. 3,14.

[2] 1. Петр. 1,8.

[3] 1. Петр. 2,9.