Христос прв ја пресретнува човековата желба

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во Неделата на Закхеј, по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на 18 февруари 2024 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, Светата Црква уредила евангелскиот расказ за нискиот човек Закхеј цариникот да се чита токму пред подготвителниот период за Светата и Велика Четириесетница, којашто, пак, е најубавиот период за духовен развој во животот на Црквата. Таа самата по себе е една сеопфатна подготовка за најголемиот празник во верата наша, светлото Христово Воскресение. Од следната недела, значи, на богослуженијата ќе започнеме да ја користиме големата и божествена книга Триод и таа ќе се употребува во текот на целиот Пост, сѐ до Светата Пасха.

Не е случајно тоа што сега Црквата ни го претставува овој чудесен расказ за нискиот Закхеј од Ерихон, кој бил цариник. Во тоа време цариниците биле крајно омразени од народот. Тие во име на окупациската римска власт го собирале данокот од јудејскиот народ и притоа често ја злоупотребувале таа своја служба и позиција за своја лична заработка. Биле, да речам со современ израз, корумпирани. Денешниот протагонист од Евангелието бил токму еден од тие корумпирани јудејски повереници на римската власт, особено богат, кој најголемиот дел од својот имот го имал стекнато неправедно – нешто што и самиот подоцна го исповедал кога Месијата Христос го посетил неговиот дом. И ете, овој корумпиран цариник слушнал, како и сите други, дека големиот Учител што се појавил во Ерусалим доаѓа во Ерихон, па силно посакал да го види. Слушал за Неговите чудесни дела, за Неговата голема љубов и милосрдност кон грешниците, за проштавањето, за милоста на Бога и по секоја цена настојувал барем да Го види Кој е Он. Меѓутоа, каде и да се појавел Господ Исус, Он секогаш бил последуван од многубројна толпа народ. Некогаш било особено тешко дури и да се стигне, а камоли и да се допре до Него. Затоа Закхеј смирено посакал барем оддалеку да Го види. Но за него и тоа претставувало проблем, оти, како што ни сведочи евангелистот Лука, бил малечок по раст, доста низок.  Си велел во себе: „Многу сакам да Го видам Тој Учител за кого сите зборуваат и ги раскажуваат Неговите чудесни и милосрдни дела, но од толпата народ сигурно не ќе можам добро да Го видам. Што да направам?“ Па се досетил и направил нешто невообичаено, дури и несериозно за возрасен и зрел човек: се искачил на една смоковница покрај патот, како што обично прават малите деца. Било навистина чудно и смешно, еден таков богат човек, насекаде познат во градот, веројатно добро и скапо облечен, да се искачи на дрво како некое мало дете, за да Го види Оној по Кого срцето негово започнало да копнее. Силно пожелал и решил да Го види и веќе ништо друго не му било важно. Во моментот кога Христос минувал покрај патот, тој заборавил на својот каков-таков, сепак постоечки углед и се искачил на дрвото.

Закхеј, мили мои, го водела огромната желба да Го види Исус. Тој и во духовна смисла се искачил над сета таа толпа, во која, секако, имало и многумина такви што само од љубопитност сакале да Го видат Учителот. Но кај Закхеј не станува збор за една површна заинтересираност. Кај него се разгорела искрена желба и силна љубов да Го запознае Христа и да се промени во согласност со Неговото учење. Затоа се искачил дури и на дрво. А дека тој во себе имал цврста решеност да се промени, се гледа и по тоа што срцезналецот Христос, од целото тоа присутно множество народ, го здогледува токму Закхеј на дрвото и нему посебно му се обраќа: Закхеј, слези побргу, зашто денес тре­ба да бидам во твојот дом. И тој веднаш слезе и Го прими со радост (Лука 19,7). Видете со колкава љубов Бог ја пресретнува човечката желба за покајание! Закхеј се надевал само дека ќе може да Го види Учителот оддалеку, ама пред тоа да се случи, сезналецот Христос прв го видел него. Оној Кој гледа во срцето, забележа дека меѓу сите оние луѓе што го опкружувале во Ерихон, Закхеј бил оној кој имал најголема желба да биде со Него и да ја послуша Неговата ука. И затоа, тој бил удостоен не само да Го види и да разговара со Него, туку и Христос да влезе во неговиот дом и да руча со него.

Кога Христос се упатил кон куќата на Закхеј, многумина се соблазниле. Закхеј воопшто не бил на добар глас во градот, бил предмет на многу озборувања. Тој бил сметан од сите за грешен, силно омразен поради неправедно стекнатото богатство. Првосвештениците и фарисеите, јудејските старешини, почнале веднаш да мрморат помеѓу себе: „Каков е Овој Учител, штом влегува во домот на еден недостоен човек? Да беше навистина пророк ќе знаеше кој е и каков е тој никаквец“. И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде во куќа на грешен човек“ (Лука 19,7). И во сето тоа, Господ не реагирал туку оставил нивните помисли и озборувања и понатаму да се развиваат. Кога веќе влегол во домот, настанала вистинска кулминација, сите биле огорчени од „неправедната“ постапка на Учителот. Меѓутоа, одговорот кон нивните осудувачки умови и јазици не дошол од устата Христова, туку токму од Закхеј. Кога тој со своето срце, трогнато од љубовта и прошката на Срцезналецот, сфатил дека Он е всушност Месијата, самиот Го нарекол Господ и исповедал пред Него и пред сите: „Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто, четворно ќе го вратам (Лука 19,8). Знаел дека грешел, дека стекнал имот на нечесен начин и тој сето тоа го искажал јавно, така што сите присутни во куќата и околу неа чуле и увиделе дека тој навистина се покајува, дека присуството на Христос го променило, дека неговата желба да Го види Исуса го преобразило неговото срце и тоа станало приемчиво за слаткото покајание.

По овој чудесен настан, како што кажува преданието, Закхеј навистина го разделил својот имот и станал ученик Христов, па дури и епископ. Така, тој останува и до денес едно олицетворение на желбата да се види Бога, да се почувствува милината на Неговата љубов, и затоа Црквата ни го предлага ова евангелско четиво пред подготвителните недели за Чесниот Пост. На тој начин ни истакнува колку важна е личната желба за промена. Пред сѐ, неопходно е да посакаме да се сретнеме со Христа, да почувствуваме копнеж по Него во нашите срца. И тогаш Он нема да нѐ остави. Ќе направи многу повеќе одошто самите бараме и замислуваме. Доволно е човек силно да посака да биде со Христа и Он прв ќе дојде кај него. Та, Он и заради тоа дојде, да нѐ направи Свои пријатели. Словото Божјо, собеспочетно и единосуштно со Отецот и со Светиот Дух, стана и човек, за да ни го дари синовството, да седнеме со Него на трпеза, како што денес Закхеј седна на вечера со Него. Во тоа време на една обична маса, но заедно со Синот Божји Кој потполно го преобразил. А сега ние, мили мои, имаме можност на секоја Света Литургија да седиме со Христа на таинствена вечера и да се соединуваме со Него, преку неговите чесни и животворни Тело и Крв. Еве, и на оваа Божествена Евхаристија наскоро ќе ги повториме Христовите зборови од Тајната Вечера: „Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите, ова е Мојата крв…“ Секоја Литургија е вечера Господова, вечера на Тајната во која ние другаруваме со Христа, седиме заедно со Него, удостоени како синови на Неговата трпеза.

Значи, мили мои, потребна е духовна жед, искрена внатрешна желба да се види и да се биде со Христа. Оти, ние често знаеме да се опуштиме, да се развлечеме, да заборавиме на нашиот Христос. Затоа Црквата секоја година со родителска грижа и беспрекорна психагогија нѐ подготвува за великиот празник на Христовото Воскресение. Еве, гледате колку долг е тој претподготвителен и подготвителен период кој во нас побудува желба, духовно созерцание, решителност за подвиг, сѐ со цел да станеме вистински ученици на Христа и да бидеме учесници во Неговата Тајна Вечера, којашто започнува одовде и продолжува во идниот век. Па така, доколку малку сме подзаспале во својата духовна нечувствителност, да посакаме сега да Го видиме Христа како денешниот наш херој Закхеј. А верувате дека тоа е можно во нашите срца. Да побрзаме да се издигнеме над сѐ што нѐ опкружува и нѐ влече надолу, над толпата гревови и страсти од овој свет. Живееме во една светска тенденција што сака да ги поништи или од корен да ги редефинира вековните преданиски морални вредности. Притоа се оди дотаму што ги надминуваме дури и паганите од пред Христовото време. Слушаме како во повеќе земји, вклучително и во соседството, се легализираат многу погрешни нешта. Се озаконува гревот и срамот станува норма. И тој бран неминовно ќе дојде насекаде. И тогаш ќе останат здрави и благословени само оние кои ќе ја живеат Црквата Христова, нејзиното предание и непроценливото духовно благо што ни го остави Синот Божји. Оти друго ново под Сонцето освен Него, возљубени мои, нема. Затоа, ако сакаме да останеме луѓе во полна смисла на зборот, треба цврсто да се држиме до Евангелието. Мајки и жени чувајте го верно Евангелието Христово, оти тоа ви даде најголемо достоинство, ви ја даде слободата и еднаквоста во Бога. А грешното човештво, гледате, ги испревртува од Господ благословените законитости. Човекот во својата грешност, без Бога, е тиранин и над себеси и над другите. Немојте да мислите дека имајќи некаква „слобода“ во гревот, телесните наслади и страстите ќе станеме вистински слободни. Токму спротивното: ќе завршиме во духовна беда и ропство. Мислам дека се оди дотаму, што се атакува дури и врз најсветото нешто за жената, мајчинството. На некој начин и тоа веќе ѝ се одзема. Во соседна Грција, и покрај големите спротивставувања на Црквата, и покрај многубројните анкети кои укажуваат дека повеќето од граѓаните се против, деновиве парламентот изгласа законска одредба што им дозволува на истополовите заедници да посвојуваат деца. Гледате? Некое светско лоби тоа го промовира и го поддржува, грешниот човек го бара тоа. Не е ли ова една реална опасност за жената – таа да се претвори во една обична биолошка машина што ќе служи само некому да му произведе дете? Колку страшно и нечовечно звучи ова! А токму кон тоа е тргната работата. Замислете, тоа дете еден ден ќе праша кој го носел во утробата, под чие срце лежело. И не ќе знаат ни да му кажат која беше неговата мајка. Пострашно од тоа нема. Ни кај животните не можеме да сретнеме такво нешто.

А гледате, мили мои, колку ни е убаво овде, во храмот Божји, на трпезата Господова, каде што Христос пребива со нас! Оти, само каде што е Христос, човекот е вистински човек и одговара на своето исконско предназначение да биде божествен, да биде вистински син Божји, да живее со Бога и во Бога. Христос стана човек не само за да можеме ние да станеме подобри луѓе. Се разбира, преку Него стануваме и подобри и поморални личности, но суштински е далеку поважно тоа  што се обожуваме, стануваме богови по благодат. Затоа, да се разбудиме, мили мои, и да станеме пример и за други, оти, ете, сите коишто денес го осудуваа и озборуваа нискиот Закхеј се изненадија и се зачудија од неговото покајание, па голем дел од нив Го прифатија Христа преобразителот на срцата човечки и тргнаа по Него. Да ја усвоиме желбата на Закхеј, да го разгориме во нас копнежот да се сретнеме со Бога, та да бидеме со Него сега и секогаш и во сите векови.

Амин!