Сите минуваме низ тешки мигови

Не е возможно секогаш да се чувствуваме добро. Секогаш да имаме душевен и телесен апетит.  Има моменти кога нè болат и душата и телото. Чувствуваме дека немаме повеќе сили, се чувствуваме уморни и истоштени. Ни тежи дури и сопственото јас. „Оче, дури и себеси не се поднесувам“ – ми велеше една госпоѓа. Да не бидеме строги кон себе, кон животот и кон другите. Не е возможно секогаш да се смееме, да имаме желба и сила да се бориме. Дури и светците имале такви моменти, а не пак ние тука во светот, во метеж, под притисок, стрес и маки. „Ако го натераш другиот да се насмее, тоа е милосрдие, зашто злото и ѓаволот се распрснуваат. Смеата е нематеријално милосрдие“ – велеше Архимандрит Ананиј Кустенис. Сите – мали и големи, свети и грешни – минуваме низ тешки моменти и периоди во животот, но да не дозволиме помислата на очајот да ни вели: „Само тебе ти е така…“ Не, не е така, сите минуваме низ тие нешта.

Меѓутоа, тука има една тајна. Од една страна, сето тоа е добро за нас. Нè потсетува дека сме твар, дека сме распадливи, ни го разобличува лажното чувство на семоќ. Нè открива за благодатта. Зошто, ако го издржиш Крстот, ќе дојде Воскресението. Ако ја вкусиш горчината на болката, тогаш ќе се насладиш од Божјата благодат. Така оди тоа. Големи искушенија – голема благодат. Има една голема опасност во тие тешки и мрачни моменти – да паднеме во тешки гревови и груби грешки. Зашто, кога душата и воопшто човекот, чувствува болка, многу пати, за да го избегне страдањето и празнината на тагата, тој прави грев. Што е гревот? Сурогат за Бога. Го губиме Бога, не можеме да живееме, чувствуваме празнина, очај и тага, и тогаш, за да не полудиме, правиме грев. За да се исполни празнината, која само што не нè проголтала. Се разбира, со тоа ништо не решаваме, само го умножуваме злото, но за момент чувствуваме дека сме се утешиле. Смешни работи. Кој некогаш се утешил без Бог?

Затоа и не треба да судиме никого, зашто го гледаме гревот и грешката, страста и амбисот, но не ја гледаме раната, болката, којашто го води секој човек кон гревот. Да ги сакаме луѓето, да ги разбираме. Тие се измачени, сакаат љубов, а не осуда и казна.

Ретко грешиме поради задоволство, најчесто грешиме затоа што не го издржуваме животот, не се издржуваме себеси, бараме да ја исполниме празнината од едно отсуство. Затоа Свети Порфириј ни велеше да не се занимаваме со злото и гревовите. Си паднал во грев, добро, заборави го, сврти се кон доброто, кон Светлината, кон Христа. Ако дојде светлината, тогаш темнината сама ќе си оди, не ќе треба да ја гониш.

Избор и превод на текст: Петко Костовски