Хроника на љубовта – летопис на духовно воскресение и на црковно единство

Говор на проф. д-р Александар Спасеновски, промотор на изданието „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“, во Бигорскиот манастир, на 2 ноември 2025 лето Господово


Почитувани отци,
Претставници на сестринските Цркви,
Високодостојници,
Гости на Бигорската обител,
Драги пријатели,

Денес стоиме пред едно дело кое е духовна икона на едно време во кое Божјото присуство се открива преку делата на неговите верни слуги.

„Бигорската хроника – архиерејско петлетие“ е сведоштво за тоа како во еден манастир во срцето на Македонија се одвива Божјиот домострој.

Како Светиот Дух го преобразува просторот и времето во живо предание.

Хрониката ни покажува дека историјата на Црквата не е само низа на настани, туку и сплет на сведоштва за синергијата помеѓу човечката волја и Божествената промисла.

Затоа ова издание не треба да се чита само како световна хроника, туку и како литургија со зборови.

Како исповед на една монашка обител која својот живот го претворила во молитва.

Во служење.
И во љубов.

Триесет години монашки подвиг и пет години архиерејска служба на владиката Антаниски Партениј се претставени во овие пет тома како сегмент од личната биографија, но и како епоха на едно духовно воскресение.

Ако погледнеме хронолошки, овие пет тома претставуваат едно непрекинато патување низ времето, почнувајќи од хиротонијата на нашиот владика во 2020тата, па сè до 2025 година, кога духовната заедница на Бигорскиот манастир го слави овој прв петгодишен јубилеј, но и јубилејот: три децении монашки живот на отец Партениј.

Тоа е период во кој се испреплетуваат искушенија и победи!

Тишини и воздигнувања!

Време кога Бигорскиот манастир постојано расте како недоминлив духовен столб.

Како извор на светлина.

И како место каде што верата ја преобразува стварноста.

Под водство на Старецот, ова свето место го обнови општежителното монаштво и стана жив пример во православниот свет дека послушанието, смирението и љубовта можат да го претворат животот во рај на земјата.

Бигорска хроника Архиерејско петлетие
„Бигорска хроника – архиерејско петлетие“

Петте книги што ги имаме пред нас се како пет камења во мозаикот на нашата современа духовна историја.

Тие го опфаќаат времето на едно благословено петлетие.

Време на градење.
На исцеление.
На ново единство во Црквата.

Време кога низ молитвата, трудот и љубовта се раѓа плод што ќе остане долго за идните поколенија.

Дека од поделба може да се роди единство.

И дека од трудот и подвигот никнува духовен плод што се прелева во вечноста.

Драги пријатели,

Дозволете ми да се задржам на еден од највозвишените аспекти на ова петлетие: местото и улогата на Бигорската обител во обновувањето на црковното единство, таа отворена рана која треба целосно да се зацели.

По децении на болка, кога многумина се сомневаа дека некогаш ќе дојде денот кога ќе започне исцелението, Господ благоволи преку делото на неговите смирени чеда да го отвори тој пат.

На 9 мај 2022та, со историската одлука на Вселенската Патријаршија за признавање на канонскиот статус на современата наследничка на славната Охридска архиепископија, беше исцелена раната што повеќе од половина век ја делеше нашата Црква од православното семејство.

Тој датум е меѓник.
Тоа е неодминлив историски факт.
Духовна точка на преобразување.

Тоа е момент кога солзите на поколенија монаси, свештеници и верници се претвораат во неискажлива радост.

Во тој процес улогата на Бигорската обител е јасно препознаена и признаена. Сосема прецизно Неговата сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, говорејќи во врска со оваа тема со особена љубов го истакнува „одлучувачкиот придонес на братството на Бигорскиот манастир под Богољубивиот епископ Антаниски Партениј – особено нему лично – за целиот процес на лекување и исцелување на овој долготраен и страшен раскол“.

Тие зборови не се формална благодарност, туку и духовна констатација.

Зошто, Бигорски, заедно со сите останати, не дејствуваа како дипломати во световна смисла, туку како вистински духовни посредници.

Луѓе што со вера, трпение и љубов ја сведочеа вистината дека единството не се договара, туку се гради со жртва.

Во тие години на неизвесност и тишина, и во молитвите на ова братство се ковала надежта на цел еден народ.

Со повторното воспоставување на канонскиот статус, Бигорски уште повеќе, како што може да се види и од овие томови, со забрзано темпо продолжува да се издигнува како духовен центар на ваквото православно единство.

Низ неговите порти поминуваат архијереи, свештеници и посетители од многу помесни цркви, а заедничките богослужби и братските средби на Владиката во Константинопол, во Ерусалим, во Атина, како и низ други православни центри се претвораат во вистинска литургија на љубовта.

Оваа преубаво осмислена хроника, во духот на велелепието кое пулсира од Бигорски, со своите страници исполнети со прекрасни фотографии, текстови и сведоштва, ни покажува и како верата и трпението можат да го преобразат текот на историјата.

Нема поголем доказ за духовната сила на еден човек и на една заедница од тоа кога низ нив Бог го исцелува она што со векови било поделено.

И затоа, ова е сведоштво и за победата на љубовта над гордоста.

На смирението над ситната дневна политика.

На верата над човечките пресметки.

Тоа е живо потсетување дека Црквата живее тогаш кога не дели, туку обединува.

Кога не суди, туку лекува.

И кога не бара признание за себе, туку слава за Бога.

Драги пријатели,

Во оваа Хроника, покрај настаните од поширокиот црковен живот, особено длабоко се чувствува внатрешниот, духовен пулс на Бигорската обител.

Тука, помеѓу овие камени ѕидови, зад манастирските врати што се отвораат со молитва, се крие едно преубаво уредено царство на љубов, послушание и на тишина.

Тоа е местото каде што монаштвото, обновено пред три децении под духовното раководство на отец Партениј, се претвори во вистинско општежитие.

Во неговиот лик, многумина наоѓаат духовен татко кој не само што ги упатува на верата, туку и живее со нивната болка.

Ги подигнува кога паѓаат.
Ги советува кога се двоумат.
И ги утешува кога страдаат.

Тој ја оствари апостолската мерка на пастирството: да води не со наредби, туку со пример.

Да поучува не со зборови, туку со љубов.
Да биде архиереј, но и татко.
Старец, но и собрат.

Во овие пет години, како што се гледа и од страниците на Хрониката, ова духовно семејство постојано расте.

Се приклучуваат нови монаси и монахињи од разни краишта на Татковината, но и од светот.

Нови личности кои почувствуваа повик да го следат Христовиот пат на смирението токму тука.

А Бигорски и останатите манастири, со својата татковска грижа и сестринска топлина, станаа нивниот нов дом.

Место каде што човекот не се губи себе си, туку се наоѓа во Христос.

Токму оваа духовна обнова, ова воскреснување на монаштвото е најсилниот доказ за силата на еден духовен водач.

Зошто, да се обнови ѕид е релативно лесно, но да се обнови човечката душа е тоа е вистински подвиг.

А токму тоа се случува овде.
Секојдневно.
Обновата на духот.
Обновата на братството.
Обновата на надежта.

Гледано однадвор, може да изгледа дека низата монашки служби, празници и молитви се едноставна народна традиција.

Но, за оние што живеат со вера, тие се трепетни сведоштва за една жива Црква.

И токму затоа Бигорски е жив духовен организам.

Место каде секој здив, секој труд и секоја молитва има своја вечна насока.

Во времето кога многумина бараат одговори во надворешното, тука се потсетуваме дека најголемите чуда се случуваат внатре.

Во срцето што простува.
Во душата што љуби.
Во тишината што се претвора во молитва.

Почитувани присутни,

Во еден свет кој често ја губи врската меѓу духовното и културното, Бигорски сведочи и дека вистинската култура произлегува од верата, а вистинската вера секогаш создава култура.

Во последниве години, обителта не е само место на молитва, туку и извор на духовна уметност, културна креативност и општествено добротворство.

Од страниците на Хрониката дознаваме за десетици настани што го сведочат овој холистички пристап.

Концерти на духовна музика.
Изложби.
Промоции на книги.
Уметнички колонии.
Кампови за деца.
Предавања.

Тоа се вистински духовни продолженија на молитвата.

Патишта преку кои светлината на верата излегува од манастирските ѕидови и ја осветлува заедницата.

Владиката Партениј одамна ја надмина границата на традиционалното сфаќање за монаштвото.

Со својот пристап, тој секојдневно покажува дека Црквата може да биде современа, без да биде површна.

Дека може да зборува со јазикот на културата, без да ја изгуби својата духовна длабочина.

Дека може да ги допре срцата на младите, без да се откаже од вистината на Евангелието.

Во тоа се состои неговата визија.

Драги пријатели,

Овој пристап се огледа и во многу други сегменти кои имаат важно општествено значење.

Тука битно е да се нагласи и добротворната дејност на Манастирот.

Со грижата за сиромашните, зависниците, децата без родители и сите на кои им е потребна топлина, Бигорски ја покажува вистинската димензија на христијанството: љубовта на дело.

Денес, кога зборуваме за духовна и културна мисија, не зборуваме за нешто апстрактно, туку за конкретни луѓе, конкретни животи и конкретни судбини што биле преобразени.

Секој човек што ја почувствувал прегратката на Бигорски, станува жив сведок дека верата може да исцели и да научи повторно да се љуби.

Така, во делото, уште еднаш се потврдува древната вистина: дека сè што е убаво, добро и возвишено во човекот е одраз на Божјото присуство.

И затоа, кога денес говориме за Бигорски како културен и духовен центар, не зборуваме само за збир на активности, туку за едно живо предание.

За синтеза помеѓу верата и уметноста.
Умот и духот.
Зборот и тишината.

Почитувани присутни,

Петтомното издание на „Бигорската хроника – архиерејско петлетие“ е исповед на едно време, на една заедница и на една вера.

Петте тома, собрани во едно, се како пет свеќи запалени во темнината на современиот свет.

Секоја со своја светлина, но сите со еден извор.

Секоја книга го носи духот на годината во која е создадена, но сите заедно раскажуваат едно сведоштво.

Сведоштвото за Божјото присуство во делото на Бигорскиот манастир.

Тоа се книги што не ја мерат историјата со датуми, туку со благодат.

Што не ги бројат настаните, туку ги бележат чудата на верата.

Што не опишуваат минато, туку сведочат за вечноста.

Во нив се гледа растот на едно братство и сестринство и на една духовна мисија.

Од скромните почетоци.

Преку годините на тишина и трпение.

Сé до времето на исцеление и единство.

И потоа до зрелоста на едно живо предание.

Во секој текст и во секоја фотографија се чувствува пулсот на таа духовна историја.

Како да е впишан здивот на молитвата што ги одржува овие свети ѕидови живи веќе илјада години.

Но, ова важно дело не е завршен труд.

Тоа е отворена книга на една жива историја што продолжува да испишува светли страници.

Зошто, како што во Црквата нема последна литургија, така и ова дело не завршува со петтиот том! Напротив!

Сега само заокружуваме едно поглавје за веднаш да се отвори следното и, верувам, уште поплодоносно.

Секоја генерација ќе чита различно.

Но суштината ќе остане иста.

Имено, дека и во нашето време постојат личности кои сведочат со животот, а не само со збор.

Дека Божјата благодат не е минато, туку постојано присутна реалност.

Дека верата, кога е чиста, станува творечка сила која го преобразува човекот.

И општеството.
И нацијата.

И затоа, ова дело треба да се доживее и како потвра за нечија посветеност, но и како повик.

Потврда за големото национално дело на Владиката Партениј за народот, за црквата и за Државата!

Потврда за тоа како едно манастирско братство и сестринство, со молитва и љубов, може да направи повеќе за единството на Црквата и за угледот на државата отколку многу институции заедно.

А, повик за секој од нас да пишуваа духовна хроника, но со својот пример.

Со својата љубов.

И со својата верност кон вистината.

Драги браќа и сестри,

Во името на сите што ја чувствуваат длабоката лична духовна врска со оваа света обител, дозволете ми да изразам благодарност до нашиот старец, владиката Антаниски, почитуваниот отец Партениј за неговата голема и несекојдневна енергија и посветеност.

Нека Господ му дарува крепко здравје и долг живот, за уште многу години да може вака да го води својот народ.

Нека Пресветата Богородица и Свети Јован Крстител продолжат да бидат негови постојани молитвеници и чувари, а благодатта што се излева низ овие страници нека се пренесува врз сите што ќе ги прочитаат.

И кога некогаш, во иднина, некој млад човек ќе ја отвори оваа хроника, но и сите следни, можеби нема да ги знае сите настани, но ќе ја почувствува истата светлина како ние денес.

Тоа ќе биде доказ дека ова дело успеало!

Дека верата продолжила да се развива!

Дека љубовта останала!

И дека сведоштвото продолжува да живее!

Нека е благословено ова издание!

И нека е благословен оној чиј живот го претвори во негово живо продолжение!

Ви благодарам.