Монашкиот завет – третото раѓање во Христа

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, при чинот на монашење на браќата Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, на Вечерната богослужба на празникот Усекновение, 10 септември 2024 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство, Ваше Преосвештенство,

Драги браќа и сестри,

Нека ми биде дозволено оваа вечер, на оваа празнична вечерна, да се обратам кон вас, браќа и сестри. Најпрво да искажам голема благодарност на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој благоизволи  во ова наша светилиште и, можеме да речеме, во оваа наша македонска лавра, да заживее монашко братство под мудрото раководење на игуменот, Епископот Антаниски г. Партениј. Не помала благодарност искажуваме и кон патронот на ова светилиште, св. Јован Крстител и Претеча на Господа Исуса Христа. А сега да кажам неколку зборови со мала поука кон браќата монаси Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, кои вечерва ги зедоа монашките завети.

Вечерва вие се  родивте по третпат. Верувам дека ме разбирате што зборувам. Првото ваше раѓање е од вашите  биолошки родители, во моментот кога ве родиле како  природни суштества – деца Божји. Второто ваше раѓање е во светиот купел на св. тајна Крштение, повторно раѓање за духовно растење и духовен живот. Сегашното, пак, трето раѓање е вашето монашко потстрижување за  ангелско житие. Отсега вие ќе бидете отсечени од старите имиња и ќе ги имате како спомен и сон. Од вечерва ве поверуваме на небесните покровители, на вашите застапници чии имиња носите.Во св. Писмо пророкот вели: ,,Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја“ (Плач. 3,27). Вие како млади ги  зедовте  монашките завети, а тоа е бремето на  послушност, целомудреност  и сиромаштво. Ќе имате и време и сили да ги носите. Желбата за тоа вие веќе ја искажавте. Пројавувајте усилби и да ги исполните.

Послушанието е Божјата света волја, а истото е задолжителен долг на монахот кој се одрекол од себеси и заживеел за Бога и за ближните, следејќи ги зборовите на Христови: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Мк. 8,34). Грижата на црковното раководство, на духовниот старец, на игуменот и на постарите  манастирски браќа по патот на духовното растење, исто така, налагаат почитување и послушност и сообразување со нивните богати совети и полезни поуки.

Целомудрениот живот е блажен. Поради неговата возвишеност св. ап. Павле сакал сите да бидат девствени како него. Исто така, потребно е целосно сиромаштво согласно зборовите на Господа: Не можете да им служите на Бога и на Мамон“ (Мт. 6, 24), односно на земното богатство.

Но, покрај овие основни монашки завети, ви престојат и уште многу други. Монашкото живеење се нарекува ангелско. Самиот Господ Исус Христос вели дека ангелите на небесата секогаш гледаат во лицето на нивниот Отец Небесен (Мт. 18, 10). Затоа и вашиот духовен поглед треба да биде насочен кон небесата. Тие, според тајновидецот и пророк Исаија, го опкружуваат престолот Господов и непрестајно Го слават Бога (Ис. 6, 3). Потребно е и вие да Го прославувате Бога, во Црквата и помеѓу луѓето, со својот живот и дела. Потребно е да го благовестувате словото Божјо слично на ангелите, онака како што и името им покажува дека се гласници или објавувачи на волјата Божја. Св. ап. Павле вака вели за ангелите: „Нели се тие служители духовни, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?“ (Евр. 1, 14), т.е. на луѓето. Ете затоа и вие сте должни да бидете во непрестајна служба на луѓето во нивните потреби, а особено по патот на нивното спасение. Должни сте да се залагате за насадување на благоволението помеѓу луѓето и да работите за зачувување на мирот во светот.

Во животот ќе имате многу маки и разни искушенија. Бидете готови да ги надминувате и да се облекувате во сеоружјето на борбата со похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста во животот (1.Јн. 2, 16). Личните подвизи и црковното служење секогаш извршувајте ги за да не бидете искушувани од гревот на гордоста, за што се вели: „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат“ (1.Петр. 5, 5).

Кога го носите достојно тешкиот крст на монашкиот подвиг, наместо да бидете поткрепувани од вашите родители од кои се разделивте, сега ќе бидете поткрепувани од небесниот Отец и од духовната Мајка Пресвета Богородица. Исто така, наместо да имате поткрепа од браќата, сестрите и роднините од кои се откажавте, сега ќе имате поткрепа од безбројните Божји угодници, а најмногу од вашите небесни покровители чии имиња ги носите. Тогаш ќе можете да се надевате да го наследите она за кое зборува св. ап. Павле: „Што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат“ (1.Кор. 2, 9).

Носете го монаштвото за прослава на ангелите, а за пораз на демоните!

Амин!