Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, при чинот на монашење на монахињата Текла во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на 20 септември 2024 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нека ми биде дозволено оваа вечер, во оваа наша светиња, да упатам неколку мисли и пораки до нашата новозамонашена во мала схима сестра Текла. Светата православна Црква го цени и вреднува примањето на монаштвото како ангелски чин. Светата Црква го прославува монаштвото толку високо затоа што монасите во своите подвизи се уподобуваат на бестелесните ангели. А како такви, тие се должни непрестајно да бидат во општење со Бога преку молитвата, слично како и херувимите и серафимите.
При пострижувањето искушеничките се удостојуваат со високиот ангелски чин и чест. Но, многу поголема чест ги очекува на небесата, каде тие ќе се удостојат со посебна Божествена слава. Дека тоа е така сведочат многу житија на Божјите угодници. Кога одлучувале да тргнат по монашкиот пат, нивните родители, како денеска така и тогаш, не се согласувале, но некои од нив имале виденија на неописливи обители што ги надминуваат сите небесни жителства, а се приготвени само за оние кои го примаат монаштвото. После таквите виденија, најголем дел од родителите давале благослов и согласност на своите чеда да појдат по монашкиот пат.
Но, посочувајќи ја големата ангелска чест на монашкиот подвиг, светата Црква не ја сокрива и тежината на тој подвиг. Затоа сега би сакале да ти подвлечеме какви завети зеде вечерва. Ти зеде завети за пост, целомудрие, послушание, трпение, сиромаштво и секаква мака до самата смрт, завети што ти ѝ ги даде на Црквата при твоето потстрижување. Сето тоа се случува пред невидливото присуство на Самиот Бог, на Неговата Пресвета Мајка и на светите ангели. Светата Црква не сокрива од тебе по каков тежок и мачен пат си должна да одиш во својот монашки и девствен живот. Не случајно св. ап. Павле вели: А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса ќе бидат гонети (2. Тим. 3, 12). Луѓето од овој свет и по силата на своето плотско безблагодатно, противхристијанско умување, не само што не го разбираат монаштвото туку и го потценуваат овој голем подвиг, најугледен пред Бога Животот. Но, колку и да е тешко од бремето на овој подвиг, запамети дека при своето потстрижување денес ти ја прими од Бога извонредната и голема благодат на Светиот Дух, таа Божествена сила за доблесно опстојување во монашкиот подвиг примен од тебе. Затоа светата Црква и го смета потстрижувањето во монаштво како второ крштение, за кое сведочат многу житија што се спомнати и во чинот на монаштвото.
Таа голема благодат е дадена и на тебе, сестро Текла. Таа ќе те пази од сите сплетки на ѓаволот и од сите негови напаѓања. Таа благодат ќе ти ја исполнува и ден и ноќ душата со радост. Таа ќе биде секогаш и секаде со тебе. Само не ја подгазувај во себе решеноста секогаш со страв и радост да служиш на Христа, секогаш да бидеш со Него и никогаш да не се оттргнуваш од Него ниту со дела, ниту со збор, ниту со мисла. Со тебе ќе биде Мајката Божја, во чиј манастир го земаш монашкиот завет, а посебно со тебе ќе биде твојата небесна покровителка чие име го носиш.
Носи го ангелскиот чин за слава на ангелите, а за пораз на демоните!
Амин!