Посвети од духовните чеда по повод именденот на епископот Антаниски г. Партениј, 2026 лето Господово

Слава Mу на Бога, повторно сме собрани за именденот на нашиот Старец, ден кој ни причинува неизмерна и неопислива радост. Но, иако денеска го славиме споменот на свети Партениј, Лампсакискиот Чудотворец, сепак, вистината е дека нашиот Старец секој ден има именден, бидејќи името му е љубов.

Љубов, која како ѕвезда витлеемска ни го покажува патот кон Христос, кој води до нашите срца;

Љубов, како несебична жртва без да бара за возврат;

Љубов, посведочена со дела, во која нема место за празни зборови;

Љубов, изразена преку простување кога нè распнуваат;

Љубов, која низ маките ни ја открива радоста, а низ благодарноста нè приближува кон Бога;

Љубов, со вкус на благи солзи, бидејќи извираат од благодатта;

Љубов, која нè учи дека Јуда во нашите животи треба да биде поразен преку незлобливост;

Љубов, како пример за издржливост кога треба да се носи бремето на нашите ближни;

Љубов, која е олицетворение на молитвата, бидејќи нашиот Старец е орудие на Божјиот мир, бидејќи „каде што има омраза сее љубов, кај што има осуда – простување, кај што има раздор – слога, кај што има очај – надеж, кај што има темнина – светлина, кај што има жалост – радост“;

И поучени од словото на Вашите беседи во кои постојано повторувате: „Да Му благодариме, мили мои, на Бога“, оваа вечер, од длабочината на нашите срца, искрено и љубовно Му се заблагодаруваме на Бога, ШТО ВЕ ИМАМЕ!

Силвана Жежова од името на скопјани


Старче наш,

Во предвечерието на Вашиот именден сакавме да ги избереме и напишеме најубавите зборови, да Ви честитаме и да ја изразиме нашата благодарност. И провеаја многу мисли, идеи и обиди, да се срочи најубавата посвета во нашите очи, ни многу кратка, ни многу долга, а сепак, да се каже вистината, бидејќи никој толку во денешно време не го заслужува тоа.

И напишавме:

Се поклонуваме на Вашата светост, затоа што го сведочите и творите Христовото човекољубие и со болка во срцето нѐ повикувате да бидеме миротворци и да се соединиме со изворот на животот.

Се поклонуваме на Вашиот призив, затоа што ретки се духовните бисери што сјаат, привлекуваат, а истовремено се распнуваат за Христос и за светот.

Се поклонуваме на Вашата хуманост и љубов, затоа што ни ги отворивте вратите на Вашето срце и на Вашиот храм. Ни дадовте да јадеме и да пиеме, и кога ќе огладнеме, повторно да се вратиме во Вашиот дом.

Се поклонуваме на Вашето човекољубие, затоа што ни давате слобода и сили, та кога паѓаме повторно да се подигнуваме, и дури кога сме изгубени и далеку од светлината, со нежност и љубов нѐ водите, кога другите не би можеле.

И бидејќи на сето тоа нѐ учите како добар татко, со насмевка, а не со укор, како тогаш да не застанеме и со скрушено срце да не се поклониме пред Вас?

Овој скромен подарок што го принесуваме е само мал дел од нашата љубов и благодарност.

Ваши духовни чеда од Скопје


Ваше преосвештенство, епископ г. Партениј Антаниски, владико на нашите срца,

Дојдовме од Битола, за да Ви ги пренесеме честитките по повод Вашиот именден. Ви пренесуваме поздрави и од сите оние кои оправдано се отсутни.

Забележавме особена радост кај сите оние со кои се сретнавме овие денови, околу организацијата и изборот на подарокот. Радост, бидејќи од битолската почва израсна таква душа како Вашата. Радост од градот каде сте ги слушнале првите ѕвона што ја разбудиле Вашата душа за молитва.

Во Вашето служење го гледаме она што уште во Стариот Завет го запишал пророкот Еремија: „Ќе пронајдам“, вели, „отци во Црквата, кои со своите проповеди и татковски став ќе ве соберат од пештерите на гревот, од горите на егоизмот, од планините на суетата, за да Ве спасат.“

Ви благодариме што нè учите да проштаваме, да се молиме, да веруваме дека жртвата е семе што раѓа плод.

Оваа панагија со милиот лик на Пресветата Мајка Богородица и на најслаткиот Христос Ви е подарок од Битолчани – од сите оние кои ја почувствувале Вашата љубов и молитва и од сите кои очекуваат исцелување по Вашите молитви.

И ако нешто можеме да кажеме со сигурност, тоа е ова: Не Ве прославува Вас родниот крај, туку Вие го прославувате родниот крај со својот живот. А, ние го избравме Божјиот пратеник на нашето време.

Нека по молитвите на Вашиот застапник, свето Партениј Лампсакиски, Господ Ви дарува здравје и сила да го носите крстот до крај.

Со благодарност и љубов,

Вашите битолчани


Во едно мало место, каде ѕвоната се слушаат, дури и тогаш кога луѓето не ги слушаат срцата свои, живее еден духовен татко, дедо Партениј. Не е човек кој кажува многу зборови, ниту му е важна некоја висока позиција. Неговата сила е во тишината. Секое утро го отвора храмот пред изгрејсонце. Не затоа што мора, туку затоа што знае: некој ќе дојде со тежина што не може да ја носи сам. Кандилото го пали бавно, со молитва, како да пали надеж, а не пламен.

Луѓето доаѓаат кај него со солзи, со прашања, со гревови што ги криеле и од самите себе. Тој не ги мери. Не ги суди. Само ги слуша. И кога ќе проговори, зборовите му се како вода за жедна душа – малку, но доволно.

Има денови кога е уморен. Кога и самиот носи товар што никој не го гледа. Но никогаш не дозволил неговата болка да стане камен за другите. Се моли за нив, не за себе. Еднаш, едно дете го праша: „Тато, зошто секогаш си смирен?“ Тој се насмевна и рече: „Затоа што не сум сам, чедо. Кога човек ќе Му го предаде срцето на Бога, немирот нема каде да остане.“

И така, нашиот татко продолжува да оди меѓу луѓето, како невидлив столб што ја држи верата. Не бара благодарност. Знае дека најголемата награда е кога една душа ќе си замине полесна отколку што дошла.

А навечер, кога храмот ќе се затвори и светот ќе замолчи, тој ќе застане пред иконата и тивко ќе рече: „Господи, чувај ги. Јас ќе издржам.“

И Бог го слуша.

Тој татко Партениј не е човек што стои пред луѓето за да биде виден, туку човек што стои пред Бога за да ги води луѓето. Неговото присуство е тивко, но длабоко како молитва кажана без зборови. Секое негово утро започнува со благодарност, а секој ден завршува со молитва за оние што дојдоа кај него со тежина во срцето. Не прашува многу. Гледа подлабоко. Знае дека најголемите рани не се гледаат. Кога ќе проговори, зборовите му се едноставни, но полни со живот. Не ветува лесен пат, туку вистински. Им кажува на луѓето дека крстот не е казна, туку пат кон светлината, ако се носи со вера и трпение.

Татко Партениј е столб за оние што се нишаат. Тивка сигурност за оние што се губат. И кога некој ќе замине од кај него со мир во душата, тој знае дека не направил ништо сам, само Му отстапил место на Бога. Навечер, кога храмот ќе замолчи, татко Партениј останува уште малку. Пред иконата, без зборови, со срце исполнето со имињата на сите чеда. Секое име – една молитва. Секоја молитва – едно предавање во Божји раце. И така, незабележливо за светот, но видливо пред Бога, татко Партениј продолжува да биде духовен татко не по титула, туку со љубов.

Со благодарно срце и тивка почит, оваа приказна е посветена на нашиот духовен татко, Партениј.

Тој е човек кој не ја носи верата само на зборови, туку во секој чекор, во секоја молитва и во секое потпирање на туѓа болка. Тој е духовен татко што нè води со сила, туку со љубов; не со зборови што тежат, туку со зборови што лекуваат. Во неговото присуство човек учи дека верата е трпение, дека молитвата е доверба, а дека тишината понекогаш зборува повеќе од илјада совети. Со кротост нè учи да го носиме крстот – не со очај, туку со надеж. Тој е оној што останува кога другите си заминуваат, што се моли кога другите замолчуваат и што ги носи имињата на луѓето пред Бога, без никогаш да бара признание за тоа.

Оваа посвета нека биде мал знак на голема благодарност: за времето, за трпението, за молитвите и за љубовта со која нè води по патот на спасението.

Да Ве чува и укрепува Господ, отец Партениј, и да Ви дарува здравје, мир и духовна сила за уште многу души што ќе ги поведете кон светлината.

На многаја и благаја лета, татко наш!

Од Вашето духовно чедо Леонора од Охрид со семејството


Излишни се сите зборови, за да се зборува за Вас, дедо Партениј, бидејќи Вашите дела зборуваат за Вас повеќе од илјадници грла.

Овој дар примете го како спомен на нашето синовство кон Вас, а Ваше татковство. Точно е дека имаме многу наставници, но само Вас како татко Ве имаме.

Овој енколпион е симбол на она што Вие постојано не поучувате: да го гледаме во секој околу нас ликот Христов, и да постапуваме со сите како со Христа, понизно и љубовно.

Секогаш носејќи ја на Вас, спомнете нѐ во молитвите,

Вашите верни чеда од Охрид


Почитуван и возљубен во Христа владико Антаниски господин Партениј,

По повод Вашиот именден, ние – Вашите чеда од Куќата на Мијаците – со голема љубов и благодарност Ви упатуваме искрени честитки и молитвени желби.

Ви благодариме за Вашата татковска грижа, за мудрите зборови, за трпението и духовната сила со која не водите по патот на верата, добрината и човечноста. Вашиот пример ни е светлина и поткрепа во секојдневието.

Му се молиме на Бога да Ве дарува со добро здравје, мир, духовна радост и уште многу години плодна служба, за да продолжите да бидете пастир и потпора на сите нас.

Со искрена почит, љубов и благодарност,

Вашите чеда од Куќа на Мијаците


Голема е нашата радост што денес имаме особена чест заедно со Вас да го прославиме светиот заштитник, кој секогаш се застапува пред Бога за Вас, а особено за Вашата паства.

Денес не сме овде затоа што мораме, туку затоа што сакаме. Секое „мора“ во себе крие едно мало „не“, но ние денес сме тука затоа што жеднееме за љубовта Христова, која ја гледаме во Вас. Кога ја гледаме Вашата насмевка, гледаме како целиот небесен свод ликува. Како што секоја овца го има својот добар пастир, така и ние го имаме нашиот духовен отец, кој нè води по вистинскиот пат и ни ја отвора вратата кон спасението и кон заедницата со Христа.

Со овој скромен дар што Ви го принесуваме, сакаме срдечно да Ви ја покажеме нашата голема благодарност, радост и љубов од срце. Колку и да кажеме „благодарам“, не е доволно, но сепак Ви благодариме што ни дадовте можност да студираме православно Богословие на јазикот на отците. Како татко што го сака најдоброто за своето дете, така и Вие го правите тоа за нас – и во минатото и сега.

На многаја и благаја лета, Владико!

Со љубов,

Вашите духовни чеда – студентите од Атина


Ваше преосвештенство, возљубен наш татко,

Денес, на Вашиот именден, ние Вашите духовни чеда од Кичево стоиме пред вас со срца исполнети со љубов и благодарност. Ова не е сам честитка, туку и можност да Ви кажеме колку ни значите како духовен татко.

Во Вашето служење препознаваме смирение, тивка сила и искрена љубов кон Бога и кон луѓето. Вие нѐ учите дека верата се живее, дека љубовта се дарува, дека смирението се најголема духовна висина,  и дека бие сте со нас секогаш со молитва и татковска грижа.

Благодарни сме Му на Бога што во ова време Ве имаме за пастир и духовен татко и што заедно чекориме по патот кон Царството небесно. Благодарни сме и за тоа што можеме да учиме од Вашиот пример и од Вашите дела.

На овој светол ден се молиме Бог да ви подари крепко здравје, духовна радост и сила, за уште долги години да нѐ водите по патот на спасението. Нека Пресвета Богородица Ве закрилува, а светиот Партениј Лампсакиски, чиешто име го носите, да се застапува за Вас пред престолот Божји!

Овој скромен дар Ви го подаруваме како знак на нашата голема љубов и благодарност.

На многаја и благаја лета, Владико на нашите срца!

Со синовска љубов,

Вашите духовни чеда од Кичево